1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата на Крим ја подели и црквата

Роман Гончаренко/ Александра Трајковска 6 април 2014

Мировни молитви и отфрлање на насилството со оружје - Руската православна црква реагира воздржано на анексијата на Крим. И во Украина православните цркви се непосредно погодени од кризата на Крим.

https://p.dw.com/p/1BWmM
Фотографија: AP

Руското Mинистерство за надворешни работи е загрижено. Во Украина владее „атмосфера на етничка и конфесионална нетолеранција“ се вели во едно соопштение од 25.03.2014. Уште на крајот на февруари руското Mинистерство за наворешни работи беше загрижено за „конфесионалниот мир“ во соседна Украина. Тогаш се велеше дека под закана биле свештеници на Украинската православна црква, кои директно се под надлежност на Московскиот патријархат. Докази за тоа немаше. Ниту црквата во Киев ниту нејзината московска заштитна сила се пожалија за нешто.

Поделба на црквата по распадот на Советскиот сојуз

Аргументацијата на Министерството за надворешни работи во Москва е многу необична. Имено, со тоа Москва се меша во црковните прашања на Украина. Православните цркви во Москва и Киев очигледно поради кризата во Украина се наоѓаат пред најголемиот предизвик во последните децении. Откако се распадна Советскиот сојуз во 1991 година, се подели и православието во Украина. Оттогаш таму има три православни цркви.

Околу половина од православните верници се обединети околу Украинската православна црква, која е под Московскиот патријархат. Таа е единствената православна црква во Украина, која е призната од православниот свет. Потоа постои Украинска православна црква на Киевскиот патријархат и Украинска автокефална православна црква. Овие две цркви не се признати во православниот свет.

Ukraine Kiew Sophienkathedrale Kathedrale Stadtansicht Panorama
Катедралата Свети Михаил во КиевФотографија: picture-alliance/dpa

Непријатно прашање за руската црква

Анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија е опасност за досегашната тесна поврзаност меѓу Кремљ и црквата. Кога претседателот Владимир Путин на 18. март 2014 година пред двата дома на парламентот го одржа својот говор за Крим, поглаварот на црквата, патријархот Кирил, на изненадување на сите, не беше присутен. Наредниот ден меѓутоа, Синодот, највисокото црковно тело, под раководство на Кирил усвои декларација, која не зазема еднозначно позиција за тоа дали Крим е сега дел од Русија.

Наместо тоа, Синодот повика на мир. Освен тоа, тој се изјасни дека „проблемите во односите меѓу братските народи на Русија и Украина не смеат да се решат со насилство со оружје и против волјата на луѓето“. Судбината на заедниците на Украинската православна црква на Крим во декларацијата е оставена отворена.

Експерти како Томас Бремер од Универзитетот во Минстер причината за ова ја гледаат во тоа што во Украина верниците на Московскиот патријархат по прашањето за Крим имаат поделено прашање. „Затоа црквата, ако сега заземе еднострана позиција, би истерала дел од своите верници“, вели Бремер во разговор за ДВ.

Експертот за православие Николај Митрокхин во неговата анализа оди уште подалеку: „Окупирањето на Крим би можело дефинитивно да ги расипе односите меѓу Руската православна црква и Украинската православна црква“, изјави научниот соработник на истражувачката катедра Источна Европа на Универзитетот во Бремен за ДВ.

Впрочем, Украинската православна црква јасно ја осуди анексијата на Крим, дополнува Митрокхин. Овој експерт верува дека последните случувања би забрзале натамошно отуѓување меѓу украинското и руското православие.

Улогата на црквата во Путиновиот проект за интеграција

Доколку дојде до тоа, тоа би било тежок удар за рускиот претседател Путин, сметаат набљудувачите. Шефот на Кремљ со години полага во Руската православна црква кога станува збор за економската и културна интеграција на поранешните советски републики. Украина во стратегијата на Путин игра клучна улога. Имено, Киев е место со кое Русите го поврзуваат своето христијанизирање на крајот на 10. век.

Wladimir Putin Patriarch Kirill Moskau Russland
Владимир Путин и патријархот Кирил - државата и црквата се тесно поврзани во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Путин и Кирил по ова прашање влечат на иста страна. Паријархот во изминатите години често патуваше во Украина. Притоа постојано нагласуваше дека Русите и Украинците се дел од т.н. „Руски свет“. Така се вика идејата за духовно и културно единство, која според гледиштето на Кремљ и црквата во Москва досега надвор од границите на Русија.

„Идејата целосно пропадна и се дискредитираше“, смета експертот Митрокхин. Украинската православна црква не дозволува да биде инструментализирана од Москва. Во догледна иднина ќе се работи само за тоа дали Руската православна црква и Украинската православна црква ќе тргнат по пат на „цивилизиран развод“, гласи прогнозата на експертите.