1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот отвора многу прашања

Јанис Пападимитриу/сн2 јули 2015

Само една недела кампања и нејасни формулации: референдумот во Грција е уставно-правно спорен и со неколку куриозитети.

https://p.dw.com/p/1FrKg
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pantzartzi

Вакво нешто се’ уште се нема случено во поновата грчка историја. Во рок од само една недела во земјата треба да се организира и да се спроведе референдум со далекусежни последици. Кампањата пред гласањето ќе трае максимално 8 дена. Тоа не само што е куриозитет, туку е и прeкршувaње на грчкиот Устав, смета стручњакот за државно право и политичар Евангелос Венизелос. Избирачите едвај имаат време да се информираат за референдумот и да изградат мислење за него, критикува поранешниот шеф на социјалистите во националниот парламент во Атина. Противаргументот на владејачката левица гласи: веќе со месеци и години во земјата се дискутира токму на оваа тема, народот значи е доволно добро информиран. Барањето на социјалистите за утврдување на противуставноста на референдумот парламентот го отфрли со гласовите на левичарско-деснiчарската владина коалиција на премиерот Алексис Ципрас.

„Ова гласање не е сериозно подготвено“, заклучува во разговорот за ДВ Лукас Цукалис, претседател на атинскиот тинк-тенк ЕЛИАМЕП. „Веќе и така кусата предреферендумска кампања наметнува сериозни уставно-правни прашања.“ Министерот за внатрешни работи Никос Вуцис, од друга страна, не гледа проблеми. Тој гарантира: „Овој референдум ќе биде спроведен во целост транспарентно и ќе биде навремено организиран.“ Тоа не е лесна задача за грчката држава. Во рок од само неколку дена мора да се испечатат околу 10 милиони гласачки листови, и да се дистрибуираат на повеќе од 19.000 изборни места во цела Грција. Првите испораки почнуваат веќе денес, за да можат избирачките листови да стигнат и до најодалечените острови и области во грчката провинција, вели министерот.

Griechenland Athen Schuldenkrise Vorbereitungen Referendum
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pantzartzi

Намерно нејасно прашање?

Освен кусиот рок за подготовка на референдумот, спорно и комплицирано е прашањето на избирачкиот лист. Со него се прашуваат Грците дали треба да се прифатат најновните предлози на кредиторите. А тие се темелат главно на две студии кои заедно опфаќаат 34 страници: „Реформи за завршување на тековната програма“ и „Привремена анализа за грчката способност на задолжување“.

Атинскиот стручњак за уставно право Никос Аливизатос претпоставува оти нејасно формулираното прашање е поставено намерно. „Владата знае: ако праша директно дали Грција треба да остане во еврозоната или не, тогаш таа со сигурност би го загубила референдумот. Но на крајот и со ова прашање изгледа дека се’ оди во насока на гласање за еврото“, појасни правникот за телевизијата Скај.

Министерот за внатрешни работи Вуцис тврди дека не сака да застане ниту на една страна. Вели мора да биде непристрасен на позицијата на која се наоѓа. Тоа, додава, и беше една од причините што не учествував во најновите протести на поборниците за грчкото „не“ пред парламентот во Атина, вели тој во разговорот со новинарите. Вуцис ги повика сите граѓани да излезат да гласаат. Според грчкиот Устав, исходот од референдумот е обврзувачки ако на него учествуваат најмалку 40 проценти од граѓаните со право на глас.

Колку чини референдумот?

Спорно е и колку ќе чини планираниот референдум. Грчката државна канцеларија за ревизија поаѓа од сума од околу 110 милиони евра, а министерот Вуцис смета на максимално 20 милиони. Тешко е воопшто да се проценат вистинските трошоци, бидејќи последниот референдум во Грција е одржан во далечната 1974 година. Тогаш се работеше за укинување на монархијата по падот на воената диктатура во периодот од 1967-1974 година. Уште еден куриозитет кој го следи референдумот: на ливчињата за гласање „НЕ“ се наоѓа на прво место. „ДА“ се наоѓа под „НЕ“- значи редоследот не е во согласност со грчката азбука. Освен тоа својот глас не можат да го дадат повеќе од 2 милиони Грци кои живеат во странство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема