1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Лавров не сака критики – предвреме го напушти самитот на Г20

ЖА / агенции
8 јули 2022

Рускиот министер за надворешни работи ги избегна критиките и ја напушти средбата пред говорот на шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, го обвини Западот за спречување мирно решение на конфликтот во Украина

https://p.dw.com/p/4DrLM
Indonesien | G20 Treffen Bali
Фотографија: Stefani Reynolds/AP Photo/picture alliance

Сергеј Лавров се погрижи за скандалот кој се претпоставуваше – рускиот министер за надворешни работи ја напушти првата работна средба на самитот на Г20 на Бали пред шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, да започне да ја критикува Русија поради агресорската војна во Украина.

Лавров притоа го „ескивираше“ и подоцнежниот говор преку видео врска на украинскиот колега Дмитро Кулеба.

Отсуството на Лавров, токму на состанокот на  темата криза за храна,  сведочи дека тој не е заинтересиран за меѓународна соработка  и за консултации со другите членки на Г20, истакна Бербок.

„Ова не е наша војна, ние никогаш не ја посакувавме“, рече Бербок, но меѓународната заедница има одговорност последиците од воениот конфликт да не се прелеваат врз други региони:

„Русија го напаѓа меѓународниот поредок и преку последиците од војната, претставува опасност за цел свет.“

„Фактот што рускиот министер за надворешни работи голем дел од преговорите овде ги помина надвор од официјалните простории, е доказ за отсуство и на милиметар спремност за дијалог кај руската влада во моментов“, изјави Бербок.

И индонезиската домаќинка на самитот, Ретно Марсуди, апелираше на почетокот на средбата до Лавров: „Наша одговорност е што поскоро завршување на војната. Потребно е градење на мостови“, изјави таа. Индонезија, најголемата островска држава во светот, моментно го има ротирачкото претседавачко место со Г20.

Но, и овој апел беше залуден: Лавров ја напушти салата на луксузниот хотел Мулиа на Бали веднаш по своето обраќање, бојкотирајќи ги говорите на своите критичари. Рускиот министер го обвини Западот за спречување на преод кон мирно решение на конфликтот во Украина. Ако ЕУ и САД стремат кон  победа на бојно поле,  „тогаш ние веројатно немаме за што да разговараме со Западот“, рече Лавров. Портпаролката на Лавров, Мариа Захарова, кратко потоа соопшти дека министерот ќе води уште неколку билатерални разговори, пред да отпатува од Бали. Присуството на Лавров на средбата на министрите за надворешни работи на Г20 на индонезискиот остров Бали се сметаше за исклучително дипломатски деликатно. Додека САД и ЕУ воведоа санкции против Русија како последица на војната во Украина, други членки на Г20, како Кина, Индија и Јужна Африка, се воздржани во осудата на руската инвазија врз Украина.

Во Г20, покрај ЕУ, спаѓаат 19 индустриски најразвиени и земји во засиле развој, меѓу кои Кина, Индија, Бразил и Турција. Државите од Г20остваруваат околу 80 проценти од целокупниот светски економски учинок.