1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажниот Варелов - круна на апсурдите на Избирачкиот список

27 септември 2017

Спорните гласачи се вратени во Избирачкиот список,меѓу нив и лажниот Владимир Варелов. Бришењето на лажниот идентитет од списокот е предмет на управна постапка, но бидејќи не е завршена, „тој“ и натаму има право на глас.

https://p.dw.com/p/2kmBb
Mazedonien Parlamentswahlen
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Гласачи кои одамна се починати, но и гласачи со непостоечки адреси, повторно се наоѓаат во Избирачкиот список. Обидот за негово прочистување минатата година не даде многу резултати. Пред ланските парламентарни избори околу 29.000 гласачи беа тргнати од Избирачкиот список, бидејќи беа утврдени како „спорни“ при вкрстувањето на неколку бази на податоци. По сила на закон, пред овој изборен циклус истите тие гласачи повторно се вратени во Избирачкиот список. Од ДИК велат дека таа бројка сепак претрпела одредени измени - биле избришани оние кои во меѓувреме починале или по други основи - истекување на важноста на личните документи, необновување на истите и т.н. Сеапк, главнината на тој „спорен“ гласачки контингент, повторно има право на глас. За бавната процедура со која се отстрануваат спорните гласачи, сведочи и фактот што на Избирачкиот список за овие локални избори се наоѓа и Владимир Варелов, името под кое поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, си обезбедил лични документи со лажен идентитет.

Бавно бришење на спорните

Од ДИК потврдуваат дека овој лажен идентитет фигурирал и на ланскиот список со спорни гласачи.

„Тоа докажува дека софтверот за вкрстување на базите со податоци добро функционирал“, велат од ДИК.

Mazedonien Nachwahl in Tearce
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Но, немаат податок дали Грујевски го искористил гласачкото право со лажниот идентитет, со образложение дека тоа може да се провери само во истражна постапка. Од МВР не соопштуваат дали по нивно барање ЈО води истрага за овој случај. Но, зошто лажниот Варелов и натаму е на Избирачкиот список, особено откако во август годинава се утврди дека обвинетиот од СЈО, Горан Грујевски, кој два месеци е во бегство, си креирал лажен идентитет под тоа име, на истата адреса каде што лично живее, но со мали измени - друг влез и друг број на стан, во ист станбен објект.

Од ДИК велат дека бришењето на податоците од Избирачкиот список е предмет на управна постапка, и во случајов, барање за такво нешто може да покрене МВР. Од МВР велат дека тоа било направено, но управните постапки траеле по два-три месеца, што значи дека затворањето на Избирачкиот список за локалните избори било побрзо од постапката на судот. По ваквиот епилог, апсурдно е, но вистинито: кога не би бил под судски прогон, и Горан Грујевски и неговото „второ јас“, на 15-ти октомври би можеле да гласаат на исто избирачкото место во детска градинка на подрачјето на Општина Кисела Вода!

Институциите во минатиот период одговорноста за точноста на податоците во Избирачкиот список си ја префрлааа меѓу себе. Од ДИК велат дека списокот е составен од податоци коишто Комисијата ги добива од МВР, од Управата за водење на матични книги, како и од основните судови, и дека нивната точност зависи од точноста на податоците што ДИК ги добива од тие институции. Од МВР потенцираат дека тие не учествуваат во креирањето на Избирачкиот список ниту имаат увид во методологијата на неговата изработка. Но, ако ДИК побара да се проверат податоци за одредени лица, МВР ги извршува тие проверки.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Начинот на водење на Избирачкиот список со години е еден од главните проблеми кој отвора сомнежи во неговата веродостојност, пред се, поради прашањето дали навремено и редовно се ажурира базата на податоци за гласачите. Случаите со некои македонски села, кои лани открија дека имаат двојно помалку жители од регистрирани гласачи, сега и новите избори ги дочекуваат со стариот проблем - со одамна починати или иселени, кои и натаму не се избришани од списокот.

Регистарот ќе ги покажа бројките

Експерти за оваа сфера, повеќе пати сугерираа дека треба да се менува сегашниот модел на водење и ажурирање на Избирачкиот список со дисперзирано црпење на податоци од разни институции. Според синоќешната одлука на Владата, најверојатно, тие сугестии „фатиле корен“. Како што соопшти прес-службата, Владата вчера го задолжила Министерство за информатичко општество и администрација да спроведе активности за изработка на решение за Централен електронски регистар на население до јули 2018 година. Регистарот треба да содржи лични податоци на граѓаните (име, презиме, пол, матичен број, датум и место на раѓање), вид и број на лични документи (датум, место на издавање, важност и статус), матичен број на родители, адреса на живеалиште, адреса на привремен престој, брачен статус, датум на брачен статус, националност, а за починатите - датум и место на смрт. Управата за водење на матичните книги при МВР, Министерството за правда, Државниот завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во рок од 7 дена треба да номинираат член и заменик-член во работна група за изготвување на нацрт-закон за централен електронски регистар на население. МИОА и МВР се задолжени до петти октомври годинава да усогласат акциски план за спроведување на проектот „Регистар на население“.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Во информацијата се вели дека „од соодветната реализација на проектот се очекува во иднина дури и да го замени пописот, каков што е случајот со неколку европски земји“.

Но, ако проектот се реализира, повеќе од извесно е  дека Македонија во 2018 година за првпат ќе има и веродостојна слика за бројката на реални и неспорни гласачи.