1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан сонува да биде алка во ланците на снабдување

Андреас Бекер
31 мај 2021

Многу германски фирми размислуваат за промена на своите ланци на снабдување откако пандемијата ги покажа нивните слабости. Западен Балкан сака да профитира од тоа. Сепак, во сето тоа има едно големо „но“.

https://p.dw.com/p/3uDAz
Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Германската компанија Дрекслмајер има фабрика во КавадарциФотографија: Dräxlmaier Group

Како би морало да се променат ланците на снабдување за да бидат поотпорни на проблеми? Можниот одговор гласи: можеби е подобро доставувачите и производствените капацитети да не се многу далеку од седиштата на компаниите.

Кога фирмите ги повлекуваат своите инвестиции, тоа во жаргонот на браншата се нарекува „решоринг“ или „ниаршоринг“. За германските фирми тоа би можело да значи: помалку доставувачи во Азија, повеќе во источна и југоисточна Европа. Во овие региони се големи надежите во инвестиции од Германија.

Но, од сето тоа засега на повидок нема ништо, што со оглед на сѐ уште незавршената пандемија и не е изненадување. „Досега пандемијата на Ковид-19 имаше малку ефекти врз решоринг и ниаршоринг“ во централна, источна и југоисточна Европа, пишува Олга Пиндјук во извештајот од мај на Виенскиот институт за меѓународни економски студии (ВИИВ).

Минатата година директните инвестиции од странство во регионот се намалиле за 45%. Изгледите за опоравување годинава е „мал за повеќето сектори“, со исклучок на ИТ-браншата и енергијата, вели Пиндјук.

Повеќе:

Германската економија со загуба од 250 милијарди евра

Ниски плати и покрај субвенциите - како работат индустриските зони во С. Македонија 

Деспотовски: Ќе привлекуваме квалитетни инвеститори кои ќе делат и повисоки плати

И, додека таа ја опишува актуелната состојба и ситуацијата во блиска иднина, нејзиниот колега од ВИИВ, Бранимир Јовановиќ го истражува среднорочниот и долгорочниот решоринг-потенцијал за земјите од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Јовановиќ притоа се потпира на анкети на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) и германските комори за надворешна трговија, како и на сопствени истражувања.

„Истражувањата покажуваат дека германските фирми размислуваат за промена на своите ланци на снабдување“, вели Јовановиќ за ДВ. „Западен Балкан е дел од регионите кои притоа се природен избор.“

Deutschland Leipzig | Autoindustrie & Corona | Porsche
Како би морало да се променат ланците на снабдување за да бидат поотпорни на проблеми? (фото: Порше Лајпциг)Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Шанси за западнобалканските земји

Платите во земјите од Западен Балкан се ниски, регионот од страна на германските менаџери се проценува како „културно сроден“, а и нивото на образование не е лошо. вели Јовановиќ.

Речиси половината од германските фирми од почетокот на пандемијата имале проблеми со својот бизнис во странство, со ланците на снабдување или логистиката, покажува истражување на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) направено во 2400 компании. Затоа, две третини од фирмите планираат да ги променат своите ланци на снабдување.

Меѓутоа, прашање е дали плановите може да се реализираат и дали притоа западнобалканските земји ќе добијат нешто. Јовановиќ смета дека тоа е веројатно, затоа што земјите се мали.

„Доволно е на такво нешто да се одлучат неколку германски фирми“, вели економистот. „Во моментов на Западен Балкан се влеваат само околу еден процент од сите германски директни инвестиции во странство. Секоја промена во оваа сфера ќе има голем ефект.“

Истото важи и за фирмите од други земји, зашто Германија во регионот не е ниту најголем инвеститор.

INFOGRAFIK Western Balkan states EN

Големото „но“

Изгледите за повеќе инвестиции од странство, според Јовановиќ, се поврзани со еден важен услов:

„Владите во регионот би морале да си ги завршат домашните задачи доколку сакаат да профитираат од позитивните трендови кои ќе настапат веројатно по пандемијата на корона.“

Во европска споредба, балканските земји се лоши пред сѐ во делот на добро владеење. Корупцијата и недоволната правна сигурност ги плашат инвеститорите.

„Ако владите сега не сторат ништо и си продолжуваат како досега, тогаш потенцијалот ќе остане неискористен“, нагласува Јовановиќ.

Тој ја критикува и досегашната стратегија на повеќето балкански држави да се рекламираат пред сѐ со ниски плати и даноци. „На инвеститорите не им е само до тоа. Тие сакаат и квалитет, а за тоа се потребни добро обучени работници, како и функционални институции и инфраструктура“, вели економистот.

Пракса во Германија, работа во Македонија

Заедничко делување

Србија во тој дел е подобра од другите земји во регионот, па има привлечено инвестиции во производството. Пари доаѓаат дури од Кина.

Сепак, западнобалканските држави не треба да си конкурираат една на друга, туку треба да се подразбираат заедно како регион. Во моментов, заедничкото економско постигнување на шесте држави е отприлика колку брутодомашниот производ на Словачка. Заедно би биле посилни, а и поинтересни за инвеститорите, вели Јовановиќ.

„Ако постои поголема соработка и стратегија за целиот регион, би можеле да се привлечат подобри и поголеми фирми, кои би биле активни не само во една земја, туку активноста би им била надгранична.“

Јовановиќ, кој и самиот потекнува од Западен Балкан, е скептичен дека условите во регионот навистина ќе се подобрат. Но, се надева дека шансите кои би се отвориле со можна промена на ланците на снабдување би го направиле пресвртот барем поверојатен.