Лета ја доби довербата на Сенатот
2 октомври 2013Италијанскиот премиер Енрико Лета го доби гласањето на доверба во Сенатот. При гласањето во Сенатот јасно мнозинство пратеници застана зад италијанскиот премиер.
Денеска (02.10.) доцна попладне Лета ќе го постави прашањето за изгласување на доверба и во Претставничкиот дом. Таму партијата на премиерот има апсолутно мнозинство, додека во Сенатот Лета зависи и од гласовите на партијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони. Со тоа што Лета сега ја доби доверба во Сенатот се чини дека италијанската влада нема да падне.
Опстанокот на сојузот, кој е на власт пет месеци, стана извесен уште пред почетокот на гласањето, откако Силвио Берлускони ненадејно вети поддршка за премиерот Лета од страна на неговата партија Народ на слободата (PdL).
Берлускони претходно предизвика владина криза, откако ги принуди на оставка петтемина министри од неговата партија. До вчера, поранешниот италијански премиер беше одлучен да ја собори владата на Лета, но денеска дојде ненадејниот пресврт. Претходно, повеќемина сенатори од таборот на Берлускони најавија дека имаат намера да гласаат за Лета, поради што на партијата и‘ се закануваше поделба.