1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лисици и за „бомбата“ или само затишје пред бура?

Катерина Блажевска2 февруари 2015

Додека едни бараат Заев да одговара за велепредавство, други укажуваат дека во меѓународното право е тренд да се заштитат, а не да се гонат т.н. свиркачи (whistleblowers) - лица што ќе обелоденат криминал и злоупотреби.

https://p.dw.com/p/1EUGA
Фотографија: Petr Stojanovski

По објавувањето на случајот „Пуч“, вчера (1.02) целосен молк завладеа во опозицискиот СДСМ. Откако лидерот Зоран Заев, осомничен за насилство кон државни функционери, завчера децидно најави дека кривичната пријава нема да го спречи да ги објави материјалите што ги поседува, вчера никој од раководството не беше достапен да ги објасни следните чекори на партијата. Во недостиг од официјални информации, засега, во оптек се две шпекулации. Според првата, вчерашниот молк е „затишје пред бура“, односно дека опозицијата ги прави последните подготовки за објавување на компромитирачките докази за власта, а според втората - дека се разгледуваат правните консеквенции доколку тие материјали бидат објавени. Дел од аналитичарите се уверени дека со објавувањето на „бомбата“ во ситуација кога се поднесени четири кривични пријави со сомнение за шпионажа, пуч и уривање на уставниот поредок, притвор не ризикува само Заев, туку и поголем број партиски функционери. Ваквите претпоставки ги темелат на пораката на премиерот „до сите инволвирани“ дека „не прифаќа закани и уцени и вакви местенки“.

Заштита на т.н. свиркачи (whistleblowers)

Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет во Скопје и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека не е благодарно да се даваат оценки за последните случувања, кои се прилично драматични и се закануваат да ја продлабочат правната и политичката криза во Македонија. Но, според него, она што е многу загрижувачки, се сериозни показатели дека во борбата помеѓу политичките противници се посега по злоупотреба на полицијата и правосудството.

„Ако имаше државен удар врз уставниот поредок, тоа беше 24 декември 2012 година. Ова што се случува со лидерот на опозицијата, заради закана дека ќе објави докази за криминал на претставници на власта, е исто така злоупотреба на власта. Премиерот јавно призна дека многу од спорните материјали се вистинити, но призна и дека тој лично донел одлука за поведување постапка против својот политички опонент, кој му се ’заканувал’ дека ќе ги обелодени криминалите на власта!? Како што гледам, осомничените не се гонат за противзаконско прислушување, снимање и сл. Дури и да има таков материјал, тој според практиката на судот за човекови права во Стразбур (случај Schenk) не е автоматски неупотреблив за докажување на криминал, како што тоа е случај кога незаконито прислушувала и снимала полицијата или други органи со слични овластувања. Од друга страна, во меѓународното право е тренд да се заштитат т.н. whistleblowers, односно лицата што ќе обелоденат корупција, криминал и злоупотреби, а не да се гонат“, укажува Калајџиев.

Zoran Zaev
По објавувањето на случајот „Пуч“, вчера (1.02) целосен молк завладеа во опозицискиот СДСМФотографија: Petr Stojanovski

Во прашање е безбедноста

Од друга страна, во јавни дебати веќе циркулира ставот дека ако СДСМ почне со објавување материјали од прислушувани разговори на иладници граѓани, ќе влезе во ново кривично дело од масовен облик, со што ризикува да добие исто толку тужби. Главното прашање, на кое засега нема одговор, е кој ги снимил тие прислушувани разговори кои ги поседува опозицијата? Дали домашните служби законски или незаконски снимале толкав опсег на комуникации? Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање, вели дека по говорот на премиерот, јасно е дека треба да се бара темелен одговор за она што се случува во државата на безедносен план.

„Споменати беа телефонски разговори помеѓу високи владини претставници, снимени од страна на странски разузнавачки служби. За ова да се разбере, потребно е да се познава процесот на следењето на електронските комуникации. Следењето на електронските комуникации со цел прибирање податоци за сторени кривични дела, секоја држава го регулира со закон. Оваа функција е доверена на безбедносните служби. Следењето се врши на тој начин што безбедносната служба со оптички кабли е поврзана со софтверот на мобилниот оператор. Базата на мобилниот оператор во милисекунди комуницира со базните станици (репетитори) кои исто се во постојан контакт со мобилните терминали (мобилните телефони). Втор начин за следење на телефонските разговори е преку кодовите на базната станица, но само на територијата која таа ја покрива. Тоа значи дека ако следеното лице се движи и влезе во зона на друг репетитор, тој разговор не може да се следи. Затоа првиот начин на следење е покомотен за безедносните служби“, објаснува Пивоваров.

Тој тврди дека странски разузнавачки служби немаат можност за пристап до софтверот на мобилниот оператор и не можат да ги следат електронските комуникации на македонска територија.

„Сепак, ако странски разузнавачки служби поседуваат транскрипти од снимени телефонски разговори на наши владини функционери, истите може да ги добиле од нашите служби или пак по илегален пат да се конектирани со софверот на мобилниот оператор. Ако ваквите податоци странска разузнавачка служба ги добила на еден од претходно наведените начини, тоа е поразително за нашиот безбедносен сектор, бидејќи навремено не го спречиле продорот на странската служба. Сите безбедносни служби задолжени за заштита на уставниот поредок имаат посебни сектори кои работат на оваа проблематика, односно на заштита на комуникациите на државниот врв. Ако ваквите податоци навистина потекнуваат од странски разузнавачки служби, тогаш нашата безбедност на овој план во целост е доведена под голем знак прашалник“, потенцира поранешниот шеф на военото разузнавање.

Странски реакции

САД преку амбасадата во Македонија порачаа дека со загриженост го следат кривичниот случај против лидерот на опозицијата и апсењето на три други осомничени за наводен обид за загрозување на уставниот поредок. „Ги повикуваме властите да ги задоволат највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, принципиелноста, заштитата на слободата на говорот, како и судската независност во текот на процесот, за да се осигура интегритетот на демократските процеси во Македонија“, се вели во соопштението. Повик за темелна истрага во случајот, упати и Русија.

„Изразуваме надеж за темелна истрага во интерес на стабилноста и безбедноста во Македонија. Ги повикуваме сите политички сили во земјата да дејствуваат во согласност со уставните демократски институции и да ги решат проблемите преку дијалог. Влошување на ситуацијата во пријателска Македонија може да предизвика опасна ескалација на етнички конфликти во земјата“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Прва регираше ЕУ, со порака дека мора да се почитуваат правата на обвинетите и презумпцијата на невиност.

„Ова се многу сериозни обвиненија и ние потсетуваме на неотуѓивото право за независна и транспарентна истрага во случај на наводно незаконско работење, целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со законот и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на презумпција на невиност“, соопшти Европската служба за надворешни работи.

ЕУ изрази загриженост и заради влошувањето на политичкиот дијалог во земјата и порача партиите да се воздржуваат од дејствија што уште повеќе ќе ја влошат ситуацијата.

Поранешниот шведски министер за надворешни работи Карл Билд вчера на својот профил на Твитер напиша: „Загрижувачки случувања во Македонија. Обвинувањата за обид за државен удар изгледаат изнасилени. ЕУ мора силно да се ангажира за да се обезбеди владеење на правото“.

Europaflaggen vor dem Hauptquartier der Europäischen Kommission in Brüssel
ЕУ порача дека мора да се почитуваат правата на обвинетите и презумпцијата на невиностФотографија: Reuters/Y. Herman

Кој ја срами Македонија?

И покрај ваквите пораки за почитување на принципот за презумпцијата на невиност, правни експерти во своите оценки за „делото на Заев“ се‘ повеќе го користат терминот „велепредавство“. Тензијата ја креваат и наводни, спонтани пораки, кои постојано стигнуваат од македонската дијаспора од САД, Австралија, Данска, Албанија.., во кои бараат најстроги казни за извршителите на „велепрадавството“, за „срамот нанесен врз државата“, за „предавствотото во најновата македонска историја“.

Професорот Ѓорги Спасов вели дека токму Груевски и‘ нанесол голем срам на Македонија, со обвинувањата дека се случува обид за насилно уривање на уставниот поредок или „пуч“.

„Светот, кој знае што е државен удар, од ваквото преувеличување на Груевски не се потресе многу, бидејќи тоа е вообичаен вокабулар на авторитарни лидери како што се Ердоган, Лукашенко и многу други. Но, на светот му стана јасно дека зад таквите стравични обвинувања од премиер, можеби се крие намерата за воведување на отворена лична диктатура во земјата. Ним им е јасно дека Груевски ја третира опозицијата како непријателска сила и дека тој и групата на власт околу него се прилично уплашени од можното разоткривање на големи корупциски афери по нивното деветгодишно владеење. Сега тој и судството, за кое сите знаат дека е под негова контрола, ќе мора да докажат дека лидерот на опозицијата учествувал во обид за насилно уривање на уставниот поредок и да го осудат на долгогодишна казна затвор, по што може да се соочат со вистински политички немири во земјата, или, да признае дека сето ова е само дел од неговиот арсенал за тероризирање на опозицијата - и да се повлече од функцијата. Неговата приказна за поврзаноста на опозицијата со странски разузнавачки служби, која личи на приказната за взаемно делување на внатрешниот и надворешниот непријател против интересите на Македонија, дополнително го дискредитира и го прави сомнителен во неговите намери“, оценува Спасов.

Она што сите го прогнозираат е дека во наредниот период Македонија ќе влезе во тешки конфронтации и уште подлабоки поделби, од кои ни власта, ни опозицијата нема да излезат без длабоки лузни, а државата ќе се зацементира меѓу позициите на стагнација и драматично назадување.