Лукашенко си градел вили со пари од ЕУ?
12 март 2021Дали белорускиот властодржец Александер Лукашенко злоупотребил пари од фондовите на Европската унија? Ваквото обвинување е актуелно откако во понеделникот за тоа извести белорускиот Телеграм-канал „Некста“. Видеото до четвртокот имаше четири милиони прегледи на Јутјуб. Тоа е рекордна гледаност во поранешната советска република со околу 9,5 милиони жители. Иако многу факти се познати, видеото ги заинтересира пред сѐ оние Белоруси кои не се интересираат за политика одамна, пишува реномираниот опозициски весник „Наша нива“ на својата веб-страница.
За ЕУ-проектите во Белорусија филмот може да има последици. „Не е во ред да се злоупотребуваат пари на ЕУ за Лукашенко да се богати лично, за да си ја подобрува сопствената благосостојба“, изјави за ДВ Виола фон Крамон, пратеничка во Европскиот парламент и заменик претседателка на комисијата за буџет. Политичарката од редовите на Зелените најави дека ќе иницира проверка на случајот.
Брисел веќе ги отфрли извештаите. „Претпоставки“ во медиумите, според кои „се користела ЕУ-помош за згради или резиденции кои ги користи режимот на Лукашенко“ се „комплетно неосновани“, одговори на барање на ДВ Ана Писонеро, портпаролка на ЕУ за соседска политика и проширување.
Белорусија досега не се изјасни во врска со обвинувањата. ДВ испрати барање до Министерството за надворешни работи, кои до моментот на објавување на текстот не беа одговорени.
Повеќе:
Белоруската опозиција ја доби наградата Сахаров
Медиумите во Белорусија под зголемен притисок - се помалку странски новинари
Што му се префрла на Лукашенко?
Филмот на „Некста“ за „луксузниот живот“ на Лукашенко се вика „Златен рудник“, трае речиси еден и пол час и, меѓу другото, може да се види на Јутјуб. Во една епизода станува збор за тоа дека пари од ЕУ, наменети за еколошки проекти, се користеле за четири резиденции на Лукашенко, кои се наоѓаат во заштитени подрачја. Машки глас, кој наводно е од анонимен соработник на Претседателската канцеларија на Лукашенко, вели дека со пари од ЕУ била обновена променадата на брегот на реката Западна Двина, биле изградени фонтани и бил реновиран плоштадот во градот Витебск. Не се спомнува дали има докази за обвинувањата.
Во друга епизода станува збор за позајмици и кредити кои Белорусија ги добива за различни проекти. Авторите на „Некста“ тврдат дека со тие пари луѓето од опкружувањето на Лукашенко граделе станбени објекти кои потоа му ги продавале на населението со профит. Тој профит го делеле наводно Лукашенко и неговите пријатели. Докази за овие тврдења нема. Основачот на „Некста“, видео-блогерот Степан Путило, во разговор за ДВ нагласува дека еден дел од документите кои служеле како извор не може да се објави. Но, тој најавува натамошни откритија.
Повеќе:
Белоруси во егзил: „Политички нема веќе назад“
Белорусија: Како функционира пропагандата на Лукашенко?
ЕУ-проекти во Белорусија
ЕУ одамна финансира проекти во Белорусија. Има десетици проекти, почнувајќи од здравствена реформа, преку регионални развојни проекти до помош за цивилното општество. Според наводи на веб-страницата euprojects.by, најголемиот број од проектите се во делот на зелена економија, екологија и одржлив развој. За секој од проектите се даваат од неколку стотици илјади евра до повеќе милиони евра. Откако во 2016 година беа укинати ЕУ-санкции против Лукашенко и неговата земја, има сѐ повеќе проекти.
Белоруската опозициска политичарка и активистка Олга Карач тоа го објаснува со европската политика кон Минск. На Лукашенко и неговиот министер за надворешни работи Владимир Макеј им успеа да ги убедат Европејците дека со својата финансиска помош даваат поддршка на белоруската независност од Русија. „Владимир Макеј, Александер Лукашенко и некои други сфатија како вешто да ги манипулираат Европејците“, вели Карач.
Кој ги контролира парите?
Карач не знае детали од филмот „Некста“, но верува дека обвинувањата се точни „99 проценти“. „Кој треба тоа да го контролира?“, прашува активистката. „Ако оние кои одобруваат пари (ЕУ-претставници во Белорусија) зборуваат за корупција во Белорусија, веднаш би биле протерани од земјата и нивните канцеларии би биле затворени“, вели таа.
Карач потсетува дека Групата држави против корупција (ГРЕКО) во 2019 година ја обвинија Белорусија во Советот на Европа за недоволно спроведување на стандардите против корупција.
Во ЕУ не сакаат да прифатат вакви обвинувања. За целата финансиска помош на ЕУ постојат „интерни и екстерни контролни механизми, меѓу кои и ревизија“, објаснува Ана Писонеро.
Откако Лукашенко прогласи победа на претседателските избори во август 2020 година, која ЕУ не ја признава, и откако опозициските протести беа брутално задушени, Брисел ја намали соработката со Минск и прогласи „максимална можна“ дистанца од владата на Белорусија. Финансиската помош во моментов е ограничена на малку сфери, и тоа на младина, екологија, цивилно општество и независни медиуми, вели Писонеро.
Аманда Пол, експертка за Источна Европа во бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика, за ДВ потенцира дека не може да се исклучи оти во Белорусија била злоупотребена финансиска помош од ЕУ. Но, таа е сигурна дека Брисел „секогаш точно проверува каде одат парите“. Според Пол, во иднина ќе мора да се проверува уште подобро.
Европратеничката Виола фон Крамон додава дека злоупотреба на пари има кај членки на ЕУ, како Унгарија и Чешка. Во таквите случаи земјите членки се приморани да ги вратат парите. Тоа е можно и во случајот со Белорусија, но прво мора да се утврди дали обвинувањата се вистинити, нагласува таа.