Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“