Османи „транзитно“ низ Бугарија на средба со Захариева
24 февруари 2021Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи попладнево беше во куса работна посета на Бугарија, по која на Фејсбук информираше дека во Софија застанал на враќање од посетата на Париз, и се сретнал со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Со неа разговарал за „секторската соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од Договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка“.
Неговата колешка Захариева, исто така на Фејсбук, информира дека со Османи, кој патувал транзитно низ Софија кон Скопје, ја разгледале „заедничката работа за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 година“ и разговарале за „претстојното свикување на меѓувладината конференција, која ќе се состане кога двете страни ќе го одобрат нацрт-протоколот“.
Малку повеќе детали околу ова има во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое се вели дека бугарската страна посочила оти „според Договорот од 2017 година, на идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да се направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот, да се усвои годишен извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и да се посочат конкретни идни активности за соработка“.
Повеќе:
Нов пристап кон Бугаријa - помалку емоции, повеќе разум
Со „македонски Бугарин“ до државјанство по скратена постапка
Ноев: Сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани
Според бугарското МНР, двајцата министри изразиле задоволство од конструктивниот тон во кој се водат разговорите меѓу нив и меѓу дипломатите од двете министерства и ја разгледале работата на конкретни проекти што ќе ја подобрат поврзаноста меѓу двете земји.
Македонското МНР соопшти дека двајцата министри разговарале и за кризата со Ковид-19 и дека Захариева потврдила оти „се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за Република Северна Македонија“.