1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - вечниот вратар за ЕУ и НАТО

ЕМФ/дф15 јули 2016

Македонија има важна улога како вратар на Балканската рута, но раскараните партии и корупцијата спречуваат приклучување во ЕУ. Брегзитот може уште повеќе да ја засени надежта за ЕУ, оценува „Дојчландфунк“.

https://p.dw.com/p/1JOrt
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Давајќи слика од протестите во Скопје и наведувајќи дека „Специјалното обвинителство води истраги против високи функционери од конзервативната владејачка партија ВМРО околу екс премиерот Груевски“, авторот Штефан Ошват во прилогот со наслов „Вечниот вратар за ЕУ и НАТО“, пишува дека во земјата „би требало да се одржат нови избори“, за што се обидува да посредува и германскиот дипломат Јоханес Хајндл.

„Но партиите во Македонија се ужасно раскарани. Терминот за нови избори пропадна, нов нема на повидок. Балканската земја е оптоварена и поради својата улога на вратар на Европа: овде се запира маршот на бегалците на Западнобалканската рута. Награда за тоа досега нема. Грција со години го блокира приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, затоа што малата балканска земја се вика исто како една северногрчка провинција“, се вели во прилогот и се констатира:

„Затоа Македонија веќе 11 години виси во чекалница. И сега, на сето згора, дојде уште и брегзитот. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини на самитот за Западен Балкан во Париз оцени: 'Ние со сите секојдневно работиме на чекорите за интеграција на Западен Балкан во ЕУ и НАТО. Тоа е многу важно за мирот и стабилноста, но и за безбедност на европските граѓани.' Но, поради внатрешнополитичката криза која трае и блокадата, Европската комисија сега ја казни Македонија и ги скрати помошта од претпристапните фондови од Брисел - речиси 100 милиони евра, кои беа планирани за изградба на железничка линија кон Бугарија. Јасно предупредување, оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски: 'Тоа е сериозно предупредување до политичката елита за забрзување на преговорите и реформите. Во секој случај тоа не е добра порака за Македонија. Тоа, во секој случај, треба да го сфатиме како последно предупредување. Губиме пари со кои во Македонија можеше да се подобри процесот на реформи.'“

Прилогот на „Дојчландфунк“ завршува со оценката на Арсовски дека „со брегзитот ќе се зголеми ЕУ-скепсата која ја поттикнува власта“ и со изјавата на ЕУ-амбасадорот во Скопје, Аиво Орав, дека меѓународната заедница работи наголемо и се надева дека „кризата во земјата ќе биде надмината најбрзо што е можно“.

„Пред самитот на НАТО во Варшава претседателот Иванов упати повик за помош до американскиот претседател Обама: Македонија одамна има заслужено полноправно членство во НАТО, оцени Иванов.“