1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во 2015 година: 334 дена агонија!

Катерина Блажевска30 декември 2015

Покрај толку афери и црни биланси, втемелен став е дека единствената светла точка во 2015 година беа студентите и нивната борба за универзитетската автономија.

https://p.dw.com/p/1HVsh
Фотографија: MIA

„Ова беше година помината во тешка криза поради лагите и криминалите на власта", вели опозицијата. „Ова беше година во која Македонија стана заложник на лудилото на неколку луѓе од опозицијата и нивното антидржавно однесување", вели власта. Граѓаните остануваат длабоко поделени меѓу овие оценки, во зависност од свеста за реалноста и неопходноста од демократски промени или од длабоката хибернација на оние кои се замолчани или задоволени со достап до државно субвенционирани привилегии. Во 2015 година стана јасно колку демократијата е скапоцена работа. Едни се обидоа да се борат за неа и по цена на сите притисоци, етикети и екскомуникации, а други да го искусат нејзиниот „врв" со килограм брашно, митингашки сендвич или „сладолед од квалитетниот" поделен во контра-камп. Оваа парадигма за двата екстрема во кои се движат оценките за Македонија во 2015, го прави илузорен секој обид да се бара објективен одговор меѓу рововите во кои се вкопани политичките опоненти.

Реалната оценка подобро е да се бара надвор од тој круг.

„Во 2015 година се случија некои работи кои покажаа дека во Македонија е крајно време да дојде до радикални промени на политичката сцена", вели академик Катица Ќулавкова.

„Таа е заситена од злоупотреба на реториката која се повикува 'во име на народот', 'во интерес на народот' и бара јасно и гласно - промени на владејачките структури и партии. Беспримерна е методологијата на префрлување на личната одговорност врз другиот, на обратна проекција и осуда на опозицијата за сè она кое е дело на власта. И во услови на аргументи 'ин флагранти', во Македонија се вели 'таа дупка не е дупка', небаре се случува некоја гротеска од расказите на Луиџи Пирандело или Сол Белоу. Се соочивме со бескрупулозноста на пустата желба за апсолутна и тоталитарна власт, која ја подели македонската нација најпрвин на етнички стада или кампуси, а годинава поттикна внатремакедонски делби и конфликти кои карикатурално завршија во контрапротести и слични бесмислени реплики на потезите на слободоумните и опозициски настроени граѓани. Апсурдот да биде голем, добар дел од приврзаниците на власта и понатаму верува дека ВМРО-ДПМНЕ ги штити националните интереси. Вистината се разбира е сосема поинаква. Македонските национални интереси систематски се распродадоа во последниве девет години, некои и неповратно. Поразува и фактот дека со неподнослива леснотија на приватизирањето, севкупниот имот се трансферира во рацете на неколку фамилии, со што се создаваат услови за еден радикален либерален капитализам или, како што вели Ноам Чомски, за ситуацијата во светот, за едно ново робовладетелство", оценува Ќулавкова.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Никола Груевски на 31 јануари на прес-конференција соопшти дека остварил 4 средби со лидерот на СДСМ, на кои тој „го уценувал дека има докази за снимени телефонски разговори што ги добил од странска служба, барајќи да се формира техничка влада"Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Пучисти и бомбаши

Кој беше фатен „ин флагранти"? На најавите од лидерот на опозицискиот СДСМ, дека поседува „бомба" по чие објавување власта ќе мора да замине за три дена, следуваше жесток одговор. Се‘ започна со фамозната прес-конференција на премиерот Никола Груевски на 31 јануари, на која тој соопшти дека остварил 4 средби со лидерот на СДСМ, на кои тој „го уценувал дека има докази за снимени телефонски разговори што ги добил од странска служба, барајќи да се формира техничка влада". Против Заев и неколку лица беше поднесена кривична пријава за насилство кон претставници на највисоките државни органи, а се‘ што следуваше потоа - е позната приказна. Од 31 јануари почна циклусот на демаскирање на власта, но и 334 денови на агонија и криза, во кои власта го негираше она што сите граѓани го слушнаа. Лидерот на СДСМ од февруари до јуни детонираше 40-тина т.н. „бомби" од незаконски прислушувани разговори, со кои била опфатена речиси целата политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија. Според Заев, прислушувањето на околу 20.000 граѓани било извршено од Управата за безбедност и контраразузнавање, по налог на премиерот и директорот на УБК. Бомбите на опозицијата го покажаа грдото лице на политиката: бројни индиции за партизираност на институциите, клиентелизам, изборни манипулации, брутална пресметка со неистомислениците, договарани апсења, провизии, расипничко трошење на буџетот... Македонија во 2015 година влезе во најголемата криза по онаа од 2001 година, а по урнисаниот кредибилитет на власта, излезот од кризата стана невозможен без помош од меѓународната заедница. Сламка за спас стана Договорот од 2 јуни/15 јули потпишан од лидерите на четирите најголеми партии. Почна да се реализира со враќањето на опозицијата во Собранието и со формирањето Специјално обвинителство за истрага околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Но дел од обврските поради опструкции ги пробија роковите и останаа нереализирани. Токму тие го отворија прашањето дали ќе бидат исполнети условите за фер и кредибилни избори, закажани на 24 април 2016.

Според комуникологот Петар Арсовски, спротивставените позиции на Груевски и Заев во преговорите не дозволија значајни поместувања во политичкиот амбиент.

„Груевски вели избори - да, но се' друго не. А Заев вели, ако не се спроведе другото, нема ни избори. Компромисот најверојатно ќе биде: избори - да, а се' друго малку. Ваквиот исплакнат компромис по дефиниција го фаворизира моментално посилниот", смета Арсовски. Тоа би значело ново незадоволство и продолжување на спиралата на кризата и во 2016 година.

Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev
Според Зоран Заев, прислушувањето на околу 20.000 граѓани било извршено од Управата за безбедност и контраразузнавање, по налог на премиерот и директорот на УБКФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Со бомба против бомбите

Годината започна со бомби на опозицијата, а завршува со бомба на власта. За случајот „фалсификувани лични карти", по првичните наоди на истрагата, премиерот го впери прстот во местенки од опозицијата и ја повика меѓународната заедница внимателно да го следи овој случај. Извесно е дека тежиштето на меѓупартиската битка ќе биде префрлен на теренот на оваа детонација.

Mazedonien Unruhen Polizei
Покрај многуте бомбашки „епизоди", во сенка останува заднината на инцидентот и црниот биланс од осум изгубени животи на полицајците кои учествуваа во акција против терористичка група во Куманово на 9 и 10 мајФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Но, покрај толку бомбашки „епизоди", во сенка останува заднината на инцидентот и црниот биланс од осум изгубени животи на полицајците кои учествуваа во акција против терористичка група во Куманово на 9 и 10 мај. Дамка врз политичките елити фрли и судскиот процес во САД кој го разоткри подмитувањето на македонски политичари од повеќе партии и влади за да спречат либерализација на телекомуникацискиот пазар. Сите овие афери кои во 2015 излегоа од под тепихот, станаа лоша препорака за нивните актери, од кои дел и натаму се активни во првиот ешалон на политиката.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Студентите - единствена светла точкаФотографија: DW/P. Stojanovski

Дали се‘ беше црно? Покрај толку афери, втемелен е ставот дека единствената светла точка во 2015 година беа студентите и нивната борба за универзитетската автономија.

„При сиот тој трагикомичен хаос, восхитуваат младите генерации кои покажаа одважност, волја, знаење и умешност да го искажат својот револт против ретроградните политички практики. Тоа го видовме речиси ритуално на улиците на Скопје за време на протестите поврзани со автономијата на Универзитетот и протестите со опозициски идеолошки предзнак", вели академик Ќулавкова.

Во општеството, кое со мали исклучоци речиси е целосно пасивизирано, растат надежите дека студентите кои ја донесоа македонската демократска пролет, ќе бидат и искрата со која ќе почне крајот на македонската политичка зима.