1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ивановска: Корупцијата е одраз на состојбата на умот!

9 јули 2021

ДКСК во изминатиот период укажа на многубројни системски слабости и предложи препораки за нивно надминување, но, за жал, не беа прифатени и применети во целост, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

https://p.dw.com/p/3wFjX
Symbolbild Korruption
Фотографија: picture-alliance/dpa

Забелешките во Извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во С. Македонија, на јавна сцена ја врати дебатата за битката со коруцијата. 

„Додека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е постојан проблем“, е наведено меѓу другото во Извештајот.

Иако битката против корупцијата со години е во врвот на државните приоритети и во неа „се колнат" сите политички елити, резултатите на тој план се недоволни. Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), вели дека ако со години се навраќаме на истото прашање, тоа значи дека не постои искрена волја за справување со проблемот.

„Прашањето не е дали знаеме, туку дали сакаме да се избориме со корупцијата, дали има искрена политичка волја за тоа и дали таа битка ја водиме на вистински начин. Се покажува дека импровизираме со поставување на вицепремиер за борба против корупција и криминал. Владата треба да инвестира во јакнење на автономијата и капацитетот на постојните институции. И треба да се воздржи од политичко-партиска интервенција во независните тела, бидејќи тоа никаде не води, освен кон натомошен пад“, вели Малиновски.

Dragan Malinovski Anwalt in Mazedonien
Прашањето не е дали знаеме, туку дали сакаме да се избориме со корупцијата, вели МалиновскиФотографија: DW/K. Blazevska

Токму тоа е нотирано и во извештајот на Стејт департментот - дека „Транспаренси интернешнл" ја рангираше Северна Македонија на 111 место од 180 земји во индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година, што е за пет места пониско од претходната година. 

„Целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување, погодно за корупција. Владата генерално спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности“, се наведува во Извештајот .

Системски слабости

ДКСК е само една од алките во институционалниот синџир за битка против корупцијата, но ако и другите алки не се посветени на истата цел, тогаш залудно е да се очекува успех. 

„Корупцијата е одраз на состојбата на умот“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

„Како најголемо општествено зло, корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права продирајќи во сите сфери особено онаму каде што ќе најде поволно тло - на поедници со изразено чувство за личен интерес, алчни, суетни, со желба за моќ и влијание, без интегритет, без етичност. На тој начин се врши личен општествен, образовен, идеолошки, здравствен и секаков тип терор и репресија без многу простор за достоинство, чесност, одговорност, почитување и вистинска верба во себе, во другите, но и во институциите", коментира Ивановска.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
ДКСК е само една од алките во институционалниот синџир за битка против корупцијатаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Смета дека личната свест, достоинството и одговорноста се основни индикатори за зрелоста на едно општество.

„Сѐ додека за овие скапи вредности на една личност се тргува за пари, за привилегии, за очекувања, станува збор за исклучиво незрело општество, настанува дерогирање на системот на вредности, односно вредностите се изгубени. Бројни меѓународни извештаи содржат забелешки кои се однесуваат на високо ниво на политичкото влијание, како и непочитување на антикорупциските препораки од независните регулаторни тела, што укажува дека постојат сериозни пречки во функционирањето на системот во целина. ДКСК е една алка во системот, институција со превентивна улога која во изминатиот период укажа на многубројни системски слабости и предложи препораки за надминување на истите, кои, за жал, не беа прифатени и применети во целост", укажува Ивановска.

Уверена е дека таа состојба може да се надмине единствено со висока свест, интегритет и професионализам во сите сфери.

Повеќе:

Мора да се најде лек за корупцијата во јавните набавки

Пендаровски во Брисел: ЕУ бара процесуирање на повеќе случаи на висока корупција

Една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата се зголемува

Европското обвинителство ја почнува борбата против корупцијата

Купување на имиџ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека таа состојба ќе се смени со промена на власта.

„Време е Македонија да ја поведат чесни политичари“, порача портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

„Извештајот на американскиот Стејт департмент е важен, но само последен документ во низата во кој што се нагласува дека постојат кредибилни обвинувања заради корупција на власта во Македонија. (...) Македонија е држава која нема пасоши за сопствените граѓани, а има пасоши за белосветски мафијаши. Македонија стана препознаена како ‘црна здравствена дупка' затоа што СДСМ наместо по вакцини тргна по провизии. Македонија е во рецесија затоа што СДСМ и Заев наместо по капитални инвестиции тргнаа по местење тендери и големи провизии“, рече Стоилковски.

Партискиот претседател, Христијан Мицкоски, синоќа во гостување на ТВ „Алфа“ изјави дека се плаќало и за купување антикорупциски имиџ.

„Двајца соговорници од Брисел велат дека има три сериозни куќи кои работат за имиџот на Заев. Ние како партија проверуваме да ги обезбедиме документите кои се тие три куќи, дали се платени со лични, корпоративни, партиски или државни пари, да видиме кои се тие кои работат за овие луѓе, оти на крајот народот го плаќа цехот“, рече Мицкоски. 

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Христијан Мицкоски тврди дека се плаќало за купување антикорупциски имиџФотографија: DW/P. Stojanovski

Антикорупциска едукација

Корупцијата не им штети само на возрасните, туку и на младите, и затоа свеста за значењето на битката против неа треба да се гради од најрана возраст. Дали младите можат да препознаат корупција?

„За жал, истражувањата покажуваат дека значаен дел од младата популација не препознава одредени форми на корупцијата, а е особено слаба во тоа да увиди постоење на судир на интереси - кога некој е во позиција да одлучи во своја или туѓа приватна корист. Загрижувачки е фактот што постои високо ниво на толеранција кон овие негативни појави, а тоа дополнително ја истакнува потребата од создавање на антикорупциска клима во училиштата“, соопшти неодамна Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС).

Институтот и ДКСК, заедно со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, во рамките на проектот „Антикорупциска едукација во средните училишта“ спроведе пилот предавања за борба против корупцијата при што биле вклучени 8 средни училишта, едуцирани 13 професори, а формална едукација имале повеќе од 600 ученици од 6 градови.

Од ИДСЦС посочуваат дека недостигот на општо препознавање на корупцијата ги прави младите повеќе ранливи и помалку отпорни на корупција. Оценуваат дека антикорупциската едукација треба да стане една од централните цели на образовниот процес, насочена кон градење на генерации со личен интегритет спремни да се спротивстават на корупцијата. Во услови кога се обмислува посеопфатна реформа на образовниот процес, сметаат дека државата треба да постави поамбициозни антикорупциски цели на образованието.