1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Здравство: Кога најблискиот лекар ти е со километри далеку

Кристина Озимец
28 март 2017

2017-та: во Македонија 35 општини сѐ уште немаат матични гинеколози. Двајца пациенти овој месец починаа во амбулантно возило кое се расипа на сред возење. Пациентите сѐ потешко доаѓаат до основни здравствени услуги.

https://p.dw.com/p/2a2ez
Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Жена Ромка од Шуто Оризари која е во осмиот месец од бременоста досега го посетила својот матичен гинеколог само два пати. Таа нема направено ниту едно испитување на плодот, освен ехо-преглед. Вели дека нема доволно средства постојано да оди на гинеколог во поликлиниката во Чаир и затоа воопшто не оди на лекар. Неодамна немала доволно пари за автобус и затоа тргнала да се враќа пеш во седмиот месец од бременоста.

Ова е само една од приказните на жените Ромки од оваа општина, која е една од 35-те општини во земјата во кои нема матични гинеколози, додека во 29 општини нема доволно матични гинеколози. Салија Бекир, активистка која се залага жените од Шуто Оризари да добијат основни гинеколошки услуги, вели дека жените во нејзината општина повеќе од шест години се без ординација со матичен гинеколог. Во оваа општина доминира ромското население со најголема социјално-ранлива категорија на луѓе.

„Жените од нашата општина не можат да си дозволат да ги посетат другите ординации каде веќе имаат избрано матичен гинеколог. Според нашето истражување, минатата година дури 26% од нив пријавиле дека по породувањето имале проблеми со плодот“, вели Бекир.

Ultraschall Untersuchung Schwangerschaft Bauch Frau Arzt
Во 35 општини во Македонија нема матични гинеколозиФотографија: Fotolia/Sven Bähren

Жените се соочуваат и со незаконска наплата кај другите матични гинеколози. Бекир додава дека дополнително им се наплаќа од двесте до илјада денари за ехо-преглед. Според нивните анкети, на 55% од жените им била наплатена услугата во ординациите на матичните гинеколози.

„Најголема смртност има кај доенчињата од ромското население, односно 1,5 поголема во однос на другите националности. Ја имаме и времената мерка која не функционира - гинеколог од Чаир еднаш неделно да доаѓа во Шуто Оризари, но во последен период не доаѓаат или не го почитуваат работното време. Опаѓа и  интересот на жените за користење на оваа мерка и само 18%  ја искористиле“, вели Бекир.

Сѐ помалку гинеколози во земјата

Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ вели дека главната причина што во толку голем број општини нема матичен гинеколог е тоа што нема доволен број на лекари специјалисти по гинекологија и акушертсво.

„Одреден процент од постоечките матични гинеколози се на возраст блиска до пензионирање и дел од нив заминуваат во пензија. Специјалистите пак имаат тенденција да отвораат ординации во примарната здравствена заштита во Скопје и тоа само во одредени општини, како и во поголемите градски центри.За решение на долг рок Министерството за здравство треба да обезбеди пари за специјализации по гинекологија и акушерство за матични гинеколози во Примарната здравствена заштита во општините каде воопшто нема, или нема доволно матични гинеколози, за да се постигне опфат предвиден со мрежата, со обврска тие да работат како матични гинеколози и да потпишат договор со Фондот за здравство во општините каде нема матични гинеколози“, вели Павловски.

Symbolbild Medizin Gesundheit Stetoskop Arzt Ärztin
Лекарите се жалат дека потезите во здравството се влечат само кампањскиФотографија: Colourbox

Министерството треба да преземе и други мерки, смета Павловски. Потребни се стимулации за матичните гинеколози кои ќе отворат ординации во општините каде нема гинеколог, особено во руралните средини, како и покривање на средствата за патни трошоци за жените кои посетуваат гинеколог во друга општина, особено за жените за време на бременоста.

Недозволиви услови во државното здравство

Освен немањето доволно гинеколози во земјата, веста дека двајца пациенти починале во амбулантно возило кое се расипало додека ги превезувало од Крива Паланка кон Скопје неодамна повторно ја вознемири јавноста. Едниот пациент, кој имал 42 години, имал компликации по трансплантација на бубрег, додека другиот пациент, ма возраст од 86 години имал белодробно заболување. Институциите се правдаа дека пациентите биле во критична здравствена состојба и дека расипувањето на возилото не влијаело на нивната смрт.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Многу пациенти мора да патуваат во Скопје за да добијат здравствена заштитаФотографија: DW/P. Stojanovski

Владимир Борозанов, поранешен претседател на Лекарската комора на Македонија, вели дека секогаш кога нема долгорочна програма за тоа што се сака и како се сака долгорочно да се прави, се случуваат вакви трагедии.

„Проблемот со Крива Паланка во однос на медицинското обезбедување со години не го решаваат, таму функционираат со неколку доктори. Има правилници како треба да се постапува во вакви случаи. Секој си бега од одговорноста, да го испратам пациентот кај друг, само јас да си немам проблем. Тоа е страшно нешто, ниту струката не сака да каже отворено - како е можно човекот со трансплантација на бубрег кој бил приоритетен, да биде пренесуван заедно со исто возило со повозрасниот човек. Проблемот е што никој не ги контролира тие услови, ниту некој ги одржува. Има сѐ помалку вработувања во службите за брза помош. Нема долгорочна програма и почитување на прописите“, вели Борозанов.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во дел од болниците во помалите градови, условите ниту од далеку не се задоволителни, па така голем број пациенти мора да патуваат во Скопје за да добијат здравствена заштита. Лекарите се жалат дека сите потези во здравството се влечат само кампањски, не се прават суштински промени и не се слуша ниту домашното ниту странското стручно искуство. Од Министерството за здравство не одговорија на нашите прашања за условите во здравството и што преземаат тие за да го решат проблемот со матичните гинеколози и со амбулантните возила.