Есента носи нови стравувања од Делта-сојот
20 август 2021Четвртиот бран на пандемијата којшто во текот на август ја зафати Северна Македонија се очекува да го достигне пикот во септември. Свадбите, забавите, масовното непочитување на здравствените препораки и мерки доведоа до масовно ширење на Делта-сојот, кој ги наполни болниците. Бројките на заразени надминаа 1000, а расте и бројот на починати, којшто со денови е двоцифрен. Само во текот на вчерашниот ден имаше 1.158 нови случаи и 19 починати лица. „За да не се воведува карантин и полициски час по четврти пат, граѓаните треба да се вакцинираат масовно, за што е можно помалку време“, апелираат здравствените работници.
Караџовски: Власта не ги послуша нашите препораки
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, во изјава за Алсат вели дека свадбите и забавите се причина за зголемениот број на заразени. Тој вели дека властите не ги послушале нивните препораки да не се дозволуваат свадби во затворени простории во текот на летото.
-повеќе на темата: Комисијата за заразни болести предлага нови мерки за влез и излез од С. Македонија
„Ако тогаш имавме десетици случаи, денес имаме околу 1.200 случаи, така што ситуацијата е неизвесна со тенденција да се влошува. Зошто ни се случува ова? Целосното непочитување на мерките во некои делови на земјата, големата организација на свадби и други забави каде што не се носеа маски, немаше дистанца ниту средства за дезинфекција и најлошото од сето - масовно групирање луѓе на мал простор. Ако ми кажете стотици, би рекол дека имаше илјадници венчавки, на кои некои заборавија дека вирусот постои“, вели Караџовски.
За да не се воведува карантин и полициски час по четврти пат, тој укажува дека граѓаните треба да се вакцинираат масовно. „Мерките што ги презедовме се насочени кон мотивирање на граѓаните да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе за да се намали можноста за ширење на вирусот. Да се вакцинираат за да не одат во болница, бидејќи капацитетите на нашите болници не се неограничени“, вели тој.
Задоцнети мерки
Ваквите изјави следат откако надлежните беа критикувани во јавноста за задоцнетите мерки, коишто доведоа до неконтролирано ширење на Делта сојот. Владата пред неколку дена донесе нови рестриктивни мерки со кои се предвидува влез во кафулиња, молови и други објекти само со сертификат за вакцинација или со доказ за прележан Ковид-19 до 45 дена.
-повеќе на темата: Филипче: Најголем број новоинфицирани и хоспитализирани со Ковид-19 во Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово
Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека заразата избувнала токму во регионите каде што бројот на вакцинирани е помал, а превентивните мерки против Ковид не биле почитувани во текот на летото. Станува збор за Тетово и Гостивар, Кичево, Струга, Скопје и Куманово. Токму во овие градови се укажуваше на масовно непочитување на мерките со организирање на ковид-свадби, сунети, но и на пристигнување на голем број иселеници, што исто така се смета за една од причините за ширењето на вирусот.
Стравувања
Но, не е само Северна Македонија погодена од најзаразната варијанта на Ковид-19. Земјите од регионот, како Бугарија, Црна Гора, Грција, почнаа да ги зајакнуваат мерките и да враќаат поголем дел од рестрикциите на сила, поради наглиот пораст на новозаразени со вирусот.
-повеќе на темата: Германски печат: Берлин планира да ја стави Северна Македонија во групата земји со висок ризик
Пикот се очекува до крајот на месецов. Доктор Горан Кунгуловски вели дека пикот најверојатно ќе стигне малку побргу, има недела или две разлика од сите претпоставки досега. „Сега гледаме дека има една нагорна линија на позитивни пациенти, заразени со коронавирусот. Откако го детектиравме првиот пациент со Делта-сојот во С. Македонија, знаевме дека ќе има една нагорна линија и знаевме дека таа нагорна линија, отприлика, ќе заземе некој интензитет во август и дека најверојатно својот врв ќе го достигне во септември“, укажува тој. Кунгуловски е оптимист дека, сепак, не претстои тешка зима, со оглед на тоа дека голем процент од населението дотогаш ќе биде имунизирано.
Но, стравувањата што ќе донесе есента се оправдани, ако се има предвид дека по една година онлајн настава, МОН донесе одлука новата школска година да започне со физичко присуство. Ако епидемиолошката состојба се промени, од МОН најавуваат дека се подготвени за брза промена на моделот на настава со некое од резервните сценарија со кое секако ќе се обезбеди континуитет во образовниот процес.
„Тоа што е битно е дека во кој било момент, ако настане влошување на епидемиолошката состојба, ќе дадеме препорака да се активираат некои од останатите веќе спремни механизми на спроведување на наставата, дали тоа ќе биде комбинирано или онлајн ќе зависи исклучиво од епидемиолшката слика. Засега, согласно сегашната ситуација, препораката е учениците да почнат со физичко присуство“, потврди и министерот за здравство, Венко Филипче.
Препораки
Националниот комитет за имунизација издаде препораки во кои се укажува дека вакцината обезбедува заштита од развој на тешки облици на болеста и смртност. Податоците покажуваат дека кај лицата кои се вакцинирани доколку се развијат симптоми, болеста минува многу поедноставно и без тешка клиничка слика. Епидемиолошките податоци на светско ниво покажуваат дека болеста се шири и доаѓа до заболување на лицата кои не се вакцинирани, а во овој бран доминантно тоа се младите лица како популација, кај кои процентот на вакцинација е најнизок.
-повеќе на темата: Филипче: И тие што го прележале вирусот, треба да се вакцинираат по 30 дена
Според Националниот комитет за имунизација, временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку еден месец. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата. Одредени научни истражувања кои сѐ уште се лимитирани упатуваат дека кај прележаните лица со Ковид-19 можно е да е потребна само една доза на вакцина. Сепак, бидејќи нема точни податоци колкава заштита обезбедува само една доза на вакцината, овој став не е прифатен од релевантните здравствени регулаторни тела, укажуваат надлежните.