Макрон стана жртва на хакери
6 мај 2017Изборниот штаб на Емануел Макрон соопшти дека се украдени илјадници „оригинални документи“ и дека се ставени на интернет заедно со фингирани податоци. На тој начин би требало да се прошират лажни информации за кандидатот за француски претседател. Станува збор за навистина „сериозен инцидент“, кој не би смеел да се толерира поради тоа што ѝ нанесува штети на демократијата, соопшти тимот на Макрон.
Нападите за кои сега се јавува, според движењето „Напред!“ на Макрон, се случиле уште пред неколку недели. Целта на засега непознатите хакери биле имејл-пораки, договори и други интерни документи кои сега циркулираат на интернет.
За да не се изврши влијание врз утрешното гласање, француската Изборна комисија соопшти дека медиумите не треба да ги објавуваат хакираните содржини од кампањата на Макрон. Националната Комисија за контрола на кампањата изутринава предупреди дека ширењето лажни вести би можело да се гони кривично.
Платформата Викиликс ги игнорира ваквите предупредувања и на својата интернет страница ги објави хакираните содржини. Се работи за „значајно“ откривање содржини, кое е преголемо за да може да биде комплет фалсификувано, соопшти Викиликс на Твитер.
Француското Министерство за внатрешни работи досега не се изјасни за инцидентот. Законот забранува непосредно пред избори да се даваат коментари кои можат да влијаат врз исходот од гласањето.
Експертите претпоставуваат дека зад „масивниот и координиран“ напад стојат криминални компјутерски експерти на групата „Пешачки јуриш“. Според информации на една ИТ-безбедносна фирма, минатата недела групата се обидела да пробие во мрежата на луѓето од кампањата. Соработниците на Макрон требало преку фалсификувани мејлови да симнат штетен софтвер.
„Пешашки јуриш“ е една од најстарите групи за сајбер-шпионажа. Експертите ја поврзуваат групата, која дејствува и под други имиња, како „Стронциум“, Апт 28“ или „Седнит“, со руската воена тајна служба ГРУ.
Моментот на обелоденување на хакерските напади е исклучително чувствителен, со оглед на утрешниот втор круг од претседателските избори во Франција.