1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон ќе ги омекнува „Жолтите елеци“ со социјални мерки

ЕМФ /агенции
11 декември 2018

По повеќедневен молк, францускиот претседател Макрон ѝ се обрати на нацијата и најави даночни олеснувања и зголемување на минималната плата.

https://p.dw.com/p/39px8
Emmanuel Macron Rede an die Nation
Фотографија: Reuters/L. Marin

Францускиот претседател Емануел Макрон реагира со социјални мерки на протестите на „Жолтите елеци“. Во телевизиски говор тој вчеравачер најави дека работниците во иднина на прекувремените работни часови нема да плаќаат ниту данок ниту други придонеси. Освен тоа, минималната плата во земјата во текот на наредната година би требало да се зголеми за 100 евра. Тоа е едно од главните барања на протестното движење.

„Сакаме Франција во која ќе може достојно да се живее од работата.“ Претседателот најави и олеснувања за пензионерите кои имаат помали примања од 2000 евра месечно: за нив нема да има зголемување на социјалните издатоци во текот на наредната година. Работодавачите би требало, доколку се во состојба, на своите вработени да им исплаќаат премии. Според француската телевизија ТФ1 ваквите мерки ќе зафатат околу два милиона домаќинства во Франција. Макрон нагласи дека за актуелната криза презема „дел од одговорноста“.

Emmanuel Macron Rede an die Nation
Движењето на „Жолтите елеци“ важи за најголем политички предизвик во мандатот на МакронФотографија: Reuters/L. Marin

Со говорот до нацијата францускиот претседател направи обид да трасира излез од повеќенеделната тешка криза во земјата. Движењето на „Жолтите елеци“ важи за најголем политички предизвик во мандатот на 40-годишниот Макрон. Елисејската палата оценува дека е ова „сериозен момент“ за нацијата.

Повеќе: 

Париз тоне во бес и солзавец

„Жолтите елеци“ предупредуваат од граѓанска војна во Франција

Франција: Да живее анархијата!

Во саботата на протести излегоа околу 136.000 луѓе, од кои 10.000 во Париз. За безбедност беа ангажирани 89.000 припадници на безбедносните сили, кои овојпат преземаа значително поостри мерки. Имаше околу 2.000 уапсени лица, од кои 1.100 во Париз. Демонстрантите бараа повисоки плати и пензии, генерално намалување на даноците и повторно воведување на данок на имот. Укинувањето на данокот на имот на почетокот на годинава на Макрон му донесе имиџ на „претседател на богатите“ во земјата. Досегашните ветувања на владата за стабилност на цените на струјата и гасот во текот на наредната година и незголемување на еко-данокот на горивата, не се доволни за активистите.

Frankreich Emmanuel Macron Rede an die Nation
Демонстранти во „жолти елеци“ во Марсеј го следат ТВ-обраќањето на Макрон Фотографија: Reuters/J-P. Pelissier

Французите на Европа ѝ ветија санација на државните финансии и придржување до Мастришката граница за буџетскиот дефицит од три проценти од економското постигнување. Со отстапките што сега ги прави владата во Париз тоа не е можно. Според досегашните прогнози, буџетскиот дефицит на земјата во 2019 година требаше да изнесува 2,8%. Франција лани првпат по цела деценија имаше буџетски дефицит под границата - 2,6%.

Интервју на Макрон за ДВ/АРД