1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Драги го покажа патот за реформирање на ЕУ и крај на ветото

6 мај 2022

Воените ветришта во Европа ќе ги принудат сите земји членки да се откажат од своите национални егоизми. Тоа се добри вести за Македонија. Драги го покажа патот, сега се очекува Макрон да го поплочи. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Atnj
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Италијанскиот премиер Марио Драги, во духот на европските татковци Де Гаспери, Шуман и Аденауер, го трасира патот кон реформирање на Европската Унија.

Во својот говор пред Европарламентот, Драги ги изнесе очигледните и едноставни вистини околу функционирањето на ЕУ, но кои меѓусебно ги поврза низ еден комплексен и органски резон.

Италијанскиот премиер Драги рече дека збирот на актуелните кризи во Европа, со војната во Украина, зголемувањето на цените на енергијата и приливот на бегалци „не принудуваат да го забрзаме процесот на интеграција. Мораме да им покажеме на граѓаните на Европа дека сме способни да водиме Европа која ги исполнува нејзините вредности, нејзината историја и нејзината улога во светот.“

Заклучокот од неговото излагање е едноставен: со цел да одговориме на економските предизвици, како и на оние политичките и безбедносните, единственото решение е Европа. „Европските институции добро им служеа на граѓаните, но се неадекватни за реалноста која е пред нас. Имаме потреба од прагматичен федерализам, кој би ги прегрнал сите димензии погодени од актуелните трансформации: од економијата, енергијата, до безбедноста. И ако тоа значи дека треба да се започне еден пат кој ќе не донесе до ревидирање на Европските Договори, тогаш тоа треба да го прегрнеме со храброст и доверба“.

Италијанскиот премиер Марио Драги при обраќањето пред Европскиот парламент на 3. мај 2022
Италијанскиот премиер Марио Драги при обраќањето пред Европскиот парламент на 3. мај 2022Фотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

Повеќе од авторот:Замор од Балканот или замор од Европа

Шансата за која говореше Драги беше веднаш прегрната од Европарламентот кој експресно и меѓу бројни аплаузи ја изгласа резолуцијата која цели кон активирање на членот 48 од Договорот за Европска унија и отварање на Конвенција за менување на фундаменталните закони на Унијата. Закони кои веќе ги покажуваат знаците на времето. Последниот Договор, оној од Лисабон, веќе има полни 14 години, а само во последните 3 години, Европа како и остатокот од светот, навистина драстично се променија. Денешните потреби, барања и надежи се неспоредливо поразлични од оние во 2009 година.

Во секој случај, процесот е отворен. Сега многу ќе зависи од случувањата следниот понеделник, 9 мај, каде повторно во Стразбур, ќе се затвори Конференцијата за иднината на Европа, и каде се очекува обраќањето на штотуку реизбраниот француски претседател Емануел Макрон. Според предвидувањата говорот на Макрон нема да биде ниту вообичаен, ниту многу поразличен од оној на Драги, туку напротив, се очекува од францускиот претседател да ги изнесе и конкретните предлози за реформирање на Унијата.

Меѓу клучните предлози на маса ќе се најде и оној за ревидирање на принципот на едногласност. Ревидирањето на одлучувачкиот процес и правилата на гласање во европските институции, пред се мислејќи на принципот на едногласност, би претставувал револуционерен чекор за ЕУ. Со тој чекор би исчезнала „играта со вето“, односно, политичката злоупотреба на ветото како инструмент за блокирање на одлуките на ЕУ, особено во полето на евроинтеграциите. Тој процес нема да биде воопшто лесен, но важно е дека со одлуката на Европарламентот постапката е започната, а што е уште поважно, е што зад идејата за негово аболирање стојат трите најголеми и најмоќни европски држави, односно, Италија, Франција и Германија.

Повеќе од авторот:На Запад, од ништо - нешто ново

Токму „големите“ држави се нафатија со процесот, затоа што според членот 48 од Договорот за ЕУ, повикувањето на Конвенцијата може да се оствари со обично мнозинство. Односно, доволно е 14 земји да кажат „Да“, за време на состанок на Европскиот совет. Таа можност дозволува да се заобиколат ветата и спротивставеноста на Скандинавците, Полска и на помалите земји членки како Бугарија. Кои секако нема да се откажат без борба, но еднаш отворена Конвенцијата, играта комплетно би се променила и би станало навистина тешко за „контрашите“ вечно да продолжат со своето контрирање и постојано негирање на предлозите за реформирање на ЕУ. Се разбира, останува проблемот дека крајната одлука сепак ќе мора да биде донесена едногласно. 

Колку е веројатна реформа на Европската унија?
Колку е веројатна реформа на Европската унија?Фотографија: Alexey Vitvitsky/SNA/imago images

Триото Италија-Германија-Франција, веќе размислува што побрзо да го поднесе барањето на Европарламентот пред Европскиот совет. Секако, крајно неверојатно е дека тоа би се случило на вонредниот ЕУ самит закажан за крајот на мај месец, како и на редовниот самит следниот јуни. Овие два самити неизбежно ќе бидат фокусирани на војната во Украина и на енергетската криза. Но, надежта е дека веднаш потоа, токму благодарение на клучниот чекор на европските пратеници, прашањето ќе се најде на дневен ред во првата наредна прилика.

Повеќе од авторот:Путин - лидер на недемократскиот свет

Европа е на патот да се реформира, од одбраната, интеграциите и емигрантите до здравството. Здравството е можеби еден од аспектите кој најмалку е застапен во европското законодавство. Истото важи и за мигрантските политики, каде Даблинската регулација, што поради големите бегалски бранови од Африка, а сега и од источна Европа, делува особено застарена и неадекватна.

Потоа, особено паѓа во очи застареноста на нормите кои се однесуваат на фискалната рамка и правила на Унијата. Ревидирањето на Договорите би влијаело и на таканаречениот Пакт за стабилност и раст – фискалната рамка за нивото на долгот и дефицитот на земјите. ЕУ го замрзна пактот во март 2020 година за да им даде флексибилност на земјите членки да одговорат на кризата со коронавирусот. Пактот ќе биде замрзнат и следната година заради кризата во Украина. Идејата за неговото враќање во 2024 година, повеќе не убедува речиси никого, со исклучок на „јастребот“ Холандија. Напротив, тоа што ургентно се наметнува како императив е да се модифицираат Договорите кон моделот на „NextGenerationEu“, и кон се попрогресивно споделување на долгот. Се разбира, како што укинувањето на едногласноста звучи како ерес за источните членки, исто така и проширувањето на европската финансиска одговорност и создавањето на заеднички европски долг претставува ерес за членките како Австрија, Холандија, Шведска, па дури и за делови од германскиот естаблишмент. Но, враќајќи се на говорот на Драги - сите земји се потсетени дека повеќе не можат сами да се соочат со актуелните предизвици и проблеми.

Албанија и С. Македонија „веднаш“ да ги започнат преговорите за членство во ЕУ, инсистира италијанскиот премиер Марио Драги
Албанија и С. Македонија „веднаш“ да ги започнат преговорите за членство во ЕУ, инсистира италијанскиот премиер Марио ДрагиФотографија: Imago

Не случајно, кога Драги инсистира на тоа „веднаш“ да започнат пристапните преговори на Македонија и Албанија со ЕУ, како и да се „забрзаат“ преговорите со Србија и со Црна Гора, знае одлично дека неговата идеја и намера ја споделуваат само тесна група на земји од Унијата. Но, тука лежи и предизвикот, едноставноста, но и комплексноста на неговата мисла. Италијанскиот премиер е совршено свесен дека постојат огромни разлики околу неговиот предлог за „прагматичен федерализам“, но подеднакво му е јасно дека кај сите земји превладува свеста дека во овие моменти на криза, Унијата мора да биде пообединета од кога било порано. Националистите од Истокот се свесни дека не можат сами да ги издржат заканите од Русија, па дури и Вишеградската група која со години ги држеше обединети, нагло се распадна пред рускиот империјализам. На ист начин, богатите его-националисти од Северот се свесни дека во овие моменти на инволуција и уназадување на глобалната економија, нема да можат сами да ја издржат кризата. Воените ветришта во Европа ќе ги принудат сите земји членки да се откажат од своите национални егоизми.

Тоа се добри вести за Македонија. Драги го покажа патот, сега се очекува Макрон да го поплочи, додека германскиот канцелар Шолц и покрај двоумењето ќе мора се приклучи, доколку не сака да го изгуби германскиот лидершип во Европа. Европа е на пат да се реформира, повторно потурната од стравот од војната.