1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мас: Нема веќе никакви пречки за Северна Македонија

12 септември 2019

Шефовите на германската и македонската дипломатија од Берлин порачаа дека се исполнети сите предуслови и барања за Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ. Според Мас, за Скопје нема веќе никакви пречки.

https://p.dw.com/p/3PT6Q
Deutschland | Nordmazedonien | Außenminister | Heiko Maas | Nikola Dimitrov
Фотографија: MFA of North Macedonia

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас не гледа веќе никакви пречки за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ. Мас денеска во Берлин разговараше со македонскиот колега Никола Димитров околу надежите на Скопје дека по 10 позитивни препораки, конечно, ќе може да ги почне пристапните преговори. Мислењето на германскиот министер е позитивно, и како што најави, Мас ќе се залага за почеток на преговорите и „ќе лобира за тоа во германскиот Бундестаг“. 

„Не гледам воопшто никакви пречки за почеток на преговорите со Северна Македонија. Она што беше сторено во реформскиот процес е забележително. Предусловите за почеток на преговорите се исполнети и затоа се залагаме за нивно започнување - како во Бундестагот, така и кај нашите партнери во ЕУ“, рече Мас.

Мас: Нема пречки за преговори

Министерот Димитров вели дека по посетите на Париз, Брисел и Берлин неделава, во Скопје се враќа со оптимизам за позитивен сигнал во октомври иако потенцира дека „не можеме да се опуштиме“. Потсетувајќи на десетте позитивни извештаи од ЕК за почеток на преговорите, Димитров ја окарактеризира годинава како „историска за македонскиот народ и другите заедници кои живеат во земјата“.

„Голем е влогот за земјата, за регионот, но и за ЕУ од она што ќе се случува во октомври“, вели Димитров.

Германскиот парламент во јуни годинава ја одложи расправата по извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија и Албанија. Се очекува дебатата да се одржи до крајот на овој, или почетокот на следниот месец. Според најавите, Северна Македонија ќе добие зелено светло од мнозинството во Бундестагот.

Мас денеска им честиташе на, како што рече, „северномакедонците и северномакедонките“ на очекуваниот влез во НАТО, и уште еднаш ги пофали Скопје и Атина за напорите во постигнувањето на Преспанскиот договор. По прес-конференцијата, од германското МНР се извинија поради лапсусот на Мас. Оттаму велат дека била сторена ненамерна грешка и потенцираат дека „министерот Мас во целост стои зад Преспанскиот договор и сите договорени аспекти во него“. 

„За нас е јасно дека Северна Македонија цврсто припаѓа кон Европа. Имаме голем заеднички интерес за стабилен и натамошен развој на вашата земја и на регионот и затоа и понатаму со сите сили ќе ги поддржуваме вашите напори“, рече Мас.

Димитров во Берлин денеска и утре одржува серија разговори на оваа тема со пратеници во Бундестагот и со високи функционери во кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.