„Медена земја“ во битка за европски Оскар
7 декември 2019Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е номиниран за најдобар документарец на доделувањето на наградите на Европската филмска академија (ЕФА) вечер во Берлин. Во Лос Анџелес пак, исто така вечер, се доделуваат Интернационалните документарни награди ИДА, каде „Медена земја“ има три номинации: за најдобар филм, за режија и за кинематографија на Самир Љума и Фејми Даут.
По победата на Санденс, Тел Авив и голем број други освоени награди, признанија и номинации, „Медена земја“ е вброен и меѓу најдобрите филмови на годината од „Њујорк тајмс“ како и од списанието „Арт форум“.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари.
Во германските медиуми за македонскиот документарен филм се објавени филмски рецензии полни пофалби и признанија. Така, ТВ МДР напиша:
„'Медена земја' е маестрално дело од областа на документарниот филм, во кој човек навистина може одблиску да го следи животот. Овој филм, кој остава впечаток на игран филм, е кандидиран за Оскар, победи на фестивалот Санденс во САД и може да се надева на Европската филмска награда за најдобар документарен филм. Но, ова е пред се спектакуларно убав филм со фантастични снимки на недопрена природа, која го сочинува животното опкружување на протагонистите – величенствена бина за нивните мали и големи драми, нивната катадневна борба за преживување".
Од „Медена земја е одушевен и филмскиот рецензент на магазинот „Ди цајт“:
„Вистинските документарни филмови го нудат следниот феномен: изминуваат само еденипол или два часа, а веќе ништо не е како претходно. Тие успеваат одеднаш најдлабоко да ве фасцинираат со некој за вас претходно целосно непознат свет, кој можеби дотогаш не ве ни интересирал посебно. Документарната камера ни дарува доверба и истовремено не мами со тајни кои будат чувство дека мора итно да бидат откриени. ‘Медена земја’ е токму таков документарен филм. ...
Значајна и среќна околност е што во момент кога толку жестоко се дискутира околу киното верзус Нетфликс, околу Марвел верзус авторското кино, токму еден документарен филм за пчеларката потсетува што го прави киното: сликите. Допирот. Критичката дискусија. И една фигура која веќе не ви излегува од главата.“