1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Макрон ќе ги стентираат односите Скопје-Софија

6 октомври 2021

Наративите кои Софија досега ги користеше во спорот со Скопје, се заменети со нови: не се во преден план историски прашања, туку критиките за непочитувања на човековите права

https://p.dw.com/p/41K38
EU-Gipfel in Slowenien
Фотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Не се очекува ништо драматично ново од Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој земјите во регионот ќе добијат нови охрабрувања, но не и гаранции за процесот на проширување. Сепак, извесни очекувања има дека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот би можеле да го подотворат патот за намалување на јазот меѓу Софија и Скопје во билатералниот спор кој Бугарија го искористи за блокада на европската перспектива на Северна Македонија. Но, дали тие очекувања се реални, имајќи предвид дека она што не му успеа на германското претседателство - сега ќе се обиде да го направи канцеларката која сега е „во заминување“, и особено по најавите дека Софија и натаму не ги менува позициите во однос на Северна Македонија.

„Вo дијалогот со Република Северна Македонија, Бугарија ги поддржува не само националните интереси, туку пред сѐ вредностите на Европската унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права. Со овој став што бугарскиот претседател  Румен Радев  пред два дена му го соопшти на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, тој и денеска ќе се обиде да ја објасни позицијата на Софија кон Скопје, овојпат и на заедничката средба со Меркел, Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев. На маргините на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, рано утрово Радев имаше средби и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и со словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Румен Радев и Зоран Заев денеска ќе имаат средба со Меркел и Макрон во Словенија Фотографија: Government North Macedonia

Фокусот префрлен на друга тема

Во бугарската јавност нема прогнози за исходот од средбата со Макрон и Меркел, освен констатации дека земјата останува под жесток меѓународен притисок, честопати придружени со критики дека земјата не успеала на европските партнери да им ја објасни својата „правилна позиција“ и дека Скопје било поуспешно во своето лобирање. Можеби поради тоа наративите кои Софија досега ги користеше, во последниот период се заменети со нови. Додека главната острица на бугарските критики до неодамна беше концентрирана на спорот за прашања за историјата и македонскиот јазик, сега тежиштето е префрлено на друг - правата на македонските граѓани со  бугарска самосвест,  односно „над 120.000 македонски граѓани кои врз основа на бугарско потекло добиле и бугарски пасоши“. Овој аспект за кој сѐ почесто говори бугарскиот претседател Радев, беше искористен и за критика од негова страна во телефонскиот разговор со Штајнмаер, со тврдење дека „за време на пописот во РСМ, Бугарија прима голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ“.

Директорот на македонскиот Државен завод за статистика, Апостол Симовски, ги отфрла ваквите тврдења.

„Ние не можеме да исполнуваме нечии политички желби, туку нашата цел е со пописот да ја отсликаме реалноста. Нас не нè интересираат ничии калкулации за проценти на население. Единствено ни беше важно населението да има можност слободно да ја изрази својата лична волја и секој да биде попишан онака како што се чувствува“, изјави Симовски за „Слободен печат“.

Иако е јавно познато дека бугарски пасоши земаат и лица кои не се Бугари по потекло заради можност за работа и престој во земјите на ЕУ, но и дека Брисел во повеќе наврати ја има укорено Бугарија за овозможувањето на такви „транзитни државјанства“, сепак таа „топка“ е фрлена на теренот и се користи за што помасовна игра.

Нема културно-историски спор?

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој досега имаше бројни критики околу комисиската расправа за корпусот на спорни историски прашања со Скопје, сега во разговор за бугарската агенција БГНЕС вели дека Бугарија нема културно-историски спор со Северна Македонија. Фокусот го става на човековите права.

„Бугарската позицијата во однос на PCM е европска, затоа што таа ги штити европските вредности - недискриминацијата, толеранцијата и избегнувањето на говор на омраза. Ние немаме културно-историски спор со РСМ, туку имаме проблем со човековите права. Има луѓе кои отворено ја декларираат својата бугарска историска припадност и потекло. Македонските државјани кои добиле бугарско државјанство по потекло, се загрижени дека тоа ќе стане јавно, затоа што ќе бидат објект на навреди и дискриминација на работното место. Ова е апсолутно неприфатливо. Нема ниту еден Бугарин на висока државна позиција во РСМ или во медиумите. Ова уште еднаш покажува дека во РСМ е опасно да си го декларираш бугарското потекло“, изјави Ковачев.

Тој од Самитот ЕУ-Западен Балкан не очекува големи позитивни резултати за европската перспектива на сите земји од регионот, а изрази жалење поради изјавата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој не ја одобри позицијата на Софија кон Скопје.

„Ние 17 години не си дозволивме да им кажуваме на Грците такви работи, кога тие имаа многу помалку важен спор за името со РСМ, отколку што е нашиот проблем со човековите права“, оценил Ковачев.

Во критика кон грчкиот премиер се вклучи и Здружението „Бугарска национална платформа“, чија цел е заштита на бугарските национални интереси.

„На 30-ти септември грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече: ‘Ние не ја поддржуваме Бугарија во проблемите што ги создава во европската перспектива на Северна Македонија’. Изјавата на г -дин Мицотакис е дадена и покрај фактот што сите влади во Атина 28 години го запираа Скопје да се зачлени во НАТО и ЕУ, поради спорот за името на поранешната југословенска република“, реагираат од БНП во посебна декларација.

Griechenland | Stevo Pendarovski  in Athen
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и македонскиот претседател Стево Пендаровски во АтинаФотографија: President of RNM

Потсетувајќи дека за сето тоа време Бугарија како сосед и пријател покажала разбирање за грчката позиција и никогаш не изјавила дека Атина со своето однесување создава проблеми за евроатлантската перспектива на Скопје, тие испратија и апел од грчиот премиер.

„Апелираме кон г-динот Мицотакис да ја преосмисли пораката и како политички лидер со историско образование и како детален познавач на фактите, да ја поткрепи вистината и демократијата кои се единствената врата за Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ“, се вели во декларцијата на БНП.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски кој од вчера е во официјална посета на Грција, по средбата со грчкиот премиер изјави дека „го замолил како влијателен член и како премиер на земја-членка за поддршка и помош на самитот во однос на проширувањето на ЕУ“.