Меркел: Референдумот е историска шанса!
8 септември 2018Германската канцеларка Ангела Меркел во првата историска посета на Скопје со јасна порака: Германија стои зад Македонија и ги поддржува нејзините напори за евроатлантска интеграција. На заедничката прес конференција во Владата со македонскиот премиер Зоран Заев, Меркел нагласи дека претстојниот референдум ќе значи отворање на портите за Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Канцеларката потсети дека е потребно уште многу работа, но успешниот референдум нема алтернатива:
„30. септември е историска шанса и немојте да останете дома, искористете ја демократската можност да го кажете она што го мислите за иднината на вашата земја. Не сакаме да се мешаме во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса. Искористете ја вашата демократска можност да го кажете вашиот став и мислење за иднината на вашата земја“, порача Меркел.
Германската канцеларка нагласи дека клучниот фокус во моментов треба да биде референдумот и неговата успешност. Сѐ останато не треба да биде предмет на размислување во вакви моменти:
„Зборуваме за позитивен исход и за тоа дека ќе има голема излезност. Јас се залагам за тоа. Не се занимавајте со тоа што ако не биде, туку на тоа референдумот да биде успешен“, рече Меркел.
Заев: Останува домашната задача за забрзување на реформите
Македонскиот премиер Зоран Заев ѝ се заблагодари на Меркел и кажа дека му е посебна чест што токму на Денот на независноста, за прв пат во историјата на пријателските односи меѓу Македонија и Германија има можност да посака добредојде на еден германски канцелар.
„ Поддршката што ја добиваме е огромна и пријателска во нашите напори да изградиме просперитетно европско општество. Токму поради тоа, охрабрени сме да го направиме историскиот исчекор. Јас, Владата и нашиот народ сме среќни со вашата посета, ние ќе ви возвратиме со успешен референдум", рече Заев, додавајќи дека пред Македонија, сепак, останува домашната работа, а тоа се забрзување на реформите.
Одговарајќи на новинарски прашања Меркел повтори дека за евроатлантско интегрирање на земјата е потребно многу работа. Референдумот сепак е клучен, а пораките од меѓународните претставници за изолација не се никаква закана:
„Јасно дека има одредени предуслови кои треба да се исполнат и сите членки да се согласат со тоа. Без решение за името, нема согласност за членство. Тие две прашања се тесно поврзани. Без решение за прашањето за името нема одлука за членство, членките нема да гласаат ако тоа прашање не е решено. Нема никаква закана“, одговори Меркел на новинарско прашање.
Благодарност за Заев, Ципрас и Борисов
Заедничката прес конференција со Заев, Меркел ја искористи и јавно да им се заблагодари и да им оддаде призанние нему и и неговите колеги од Грција и Бугарија, Алексис Ципрас и Бојко Борисов за, како што кажа, храброста со која ги придвижиле политичките процеси во регионот:
„Им се заблагодарувам на премиерите Зоран Заев, Ципрас и Борисов за напредокот што го постигнаа. Со години бевме во ситуација без напредок и сега имаме пробив. За тоа беше потребна политичка храброст“, рече Меркел.
Повеќе:
Меркел во Македонија во потрага по „успешна приказна“ на Балканот
Советник од Германија во кабинетот на Заев
Германските фирми во Македонија вработуваат над 20 илјади луѓе
Развојот на политичките врски според Меркел е од големо значење, но клучно според нејзе е целиот процес да го следи и економијата. Статистичките податоци се императив и за двете страни:
„Во Германија живеат 100 илјади жители од вашата земја и тие се еден вид на мост помеѓу двете земји. Но многу е поважна интензивната трговска размена која изнесува 3,5 милијарди евра и постојано расте. Кај вас имаме стопанска комора што покажува дека германските компании имаат доверба во вашата земја. Но ние сакаме уште поинтензивни врски“, рече Меркел.
Години наназад Македонија бележи суфицит во размената со Германија која важи и за земја од каде доаѓаат најголемиот број на инвеститори. Во насока на продлабочување на соработката клучен дел ќе има и советникот за економски прашања за поддршка на реформите кој наскоро треба да допатува во земјата.
Канцеларката потврди дека нема да се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов. Од Владата таа замина во германската амбасада каде разговараше и со лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ на кого како што кажа претходно, ќе му ги пренесе истите пораки во врска со референдумот и Преспанскиот договор како клуч за влез на земјата во ЕУ и НАТО.
Мицкоски по средбата со Меркел изјави дека на канцеларката ѝ ги пренел ставовите на неговата партија зошто е против Преспанскиот договор. Ја информирал за активностите на ВМРО ДПМНЕ од средбите со граѓаните од кои, како што вели ќе произлезе и нивниот конечен став за референдумнот, кој ќе биде соопштен во текот на наредната недела
Ангела Меркел е прв германски канцелар кој доаѓа во официјална посета на Република Македонија. Претходно во 1999 година во земјата кусо престојуваше тогашниот канцелар Герхард Шредер како дел од тогашните напори за решение на косовската криза. Посетата на Меркел на Македонија предизвика огромен интерес во јавноста.