Меркел стои зад одлуката за исклучување на Москва од Г8
4 јуни 2014Германската канцеларка во Бундестагот изјави дека Г8 не е само „економска заедница“. Групата држави споделува и заеднички вредности, меѓу кои и почитувањето на меѓународното право. Русија меѓутоа го повреди територијалниот интегритет на Украина. Поради анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија стана неизбежно, за првпат по 16 години, да се одржува средба на Г7. Состојбата во Украина ќе биде една од доминантите теми на претстојниoт самит на Г7 во Брисел.
Германската канцеларка и’ се закани на Русија со економски санкции, доколку не придонесе за смирување на состојбата во Украина. Со тоа што Русија не ги контролира своите сопствени граници и голем број борци можеа да стигнат на истокот на Украина, оваа земја придонесува за дестабилизација на соседот, смета Меркел. „Ако ова не престане (...) нема да се плашиме да воведеме натамошни санкции“, рече Меркел.
Меркел бара директна средба
Канцеларката повика на директна средба на рускиот претседател Владимир Путин и новиот украински претседател Петро Порошенко. Русија има одлучувачко значење за деескалација на состојбата на истокот на Украина. „Затоа пружаме напори, колку што е можно поскоро, да дојде до средба меѓу ново избраниот претседател во Украина и рускиот претседател“, рече Меркел.
Шефовите на држави или влади на седумте водечки индустриски земји Г7 денеска (04.06) се среќаваат во Брисел. На дводневниот самит се очекува главна тема да биде кризата во Украина. Од една страна, станува збор за идниот однос кон Русија, која го прекрши меѓународното право со анексијата на Крим. Од друга страна, учесниците на самитот сакаат демонстративно да ја зајакнат позицијата на речиси банкротираната Украина и нејзиниот нов претседател Петро Порошенко.
На самитот би можело да се разговара и за атомскиот конфликт со Иран и граѓанската војна во Сирија, како и состојбата со светската економија, светската трговија, енергетската безбедност и промената на климата.