Месиќ ги бранува духовите
21 јануари 2010Најостри реакции на изјавата на се’ уште актуелниот хрватски претседател дека ќе испрати војска за да го прекине коридорот во босанска Посавина и со тоа да ја онеспособи Република Српска (РС) да функционира доколку властите се одлучат за отцепување од БиХ, се разбира стигнуваат од Бања Лука.
„Ова е првпат од потпишувањето на Дејтонскиот договор, некој јавно да се заканува со употреба на сила“, вели премиерот на РС, Милорад Додик додавајќи: „На дневен ред во Република Српска не е референдум за самостојноста, туку референдум за одбрана на Дејтонскиот договор и во тој поглед е многу јасно дека Месиќ и овојпат ја промашил целта.“
Несериозно е да се повикува на употреба на војска
Остри реакции пристигнуваат и од речиси сите политички претставници во БиХ. Така делегатот на Хрватската демократска заедница во БиХ во Домот на народи, Иво Миро Јовиќ нагласува дека е штетно Месиќ да повикува на војна, која никој не ја сака: „Непримерно е по заминувањето од позицијата претседател на Хрватска да се говори за нешто што е зад нас. Сметам дека варијантата за референдум не е сериозна но тотално несериозно е да се повикува на употреба на војска“
Месиќ потврди дека изјавата ја дал во неформален разговор со новинари и додаде дека во овој момент не постои некој кој ќе се обиде да ја разбие целовитоста на БиХ: „Дејтонскиот договор го гарантира опстанокот на Босна и Херцеговина и во секој случај распадот на таа земја Хрватска не може да го прифати“. Месиќ додаде дека премиерот на РС, Додик ја мами меѓународната заедница и игра на картата на замор, мислејќи дека светот ќе се замори од БиХ по што ќе биде распишан референдум за отцепување со што би била остварена Голема Србија.
Јеремиќ: Месиќ е личност без политичка и морална тежина
Инаку коридорот за кој говори Месиќ е 15 километри широкиот територијален појас, кој кај градот Брчко го поврзува источниот и западниот дел на Република Српска, а од Хрватска е оддалечен триесетина километри. Последен со жестока критика на изјавата на Месиќ реагираше српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ . Тој ја оцени како „провокација“ односно обид за провокација. „Стипе Месиќ е личност без никаква политичка и морална тежина и едноставно не треба да му излегувате во пресрет со тоа што ќе го забележите“, рече Јеремиќ.
Автор: Драган Максимовиќ/ Симе Недевски/бета
Редактор: Александра Трајковска