Меѓуетничка коалиција ќе им пресуди на Груевски и Ахмети!?
18 февруари 2016Растот на политичката тензија ги прави се` погласни размислувањата за македонско-албанска предизборна коалиција. Во пресрет на изборното финале кое се` повеќе станува извесно дека нема да се случи на 24 април, сериозно се заговара формирање на еден вид политичко - граѓански сојуз за пресметка со Никола Груевски и Али Ахмети. Идејата можеби не е нова, но за прв пат веќе и отворено се заговара од страна на повеќе политички субјекти во македонскиот и албанскиот политички кампус. Неодамнешниот јавен кафе-муабет на лидерот на СДСМ Зоран Заев и првиот човек на новоформираната Унитети, Гзим Острени, според упатените е првичен сигнал во насока на конкретизирање на ваквата стратегија. Расположението за ваков вид мобилизација на терен е присутно, но колку и реално остварливо засега е неизвесно.
„Ние сме првата политичка партија која се сретна јавно со македонската опозиција, претседателот Гзим Остерни како што знаете разговараше со Зоран Заев за актуелната состојба. Како нова партија, ние сме отворени за сите, за албанскиот опозициски блок па и за македонскиот. Ние разговаравме и разговараме, нашата платформа и цел се демократски и декриминализирани институции, рамноправност за сите граѓани во државата. Нормално, да се инкорпорираат тие уставни механизми за Македонците и Албанците како најголеми ентитети во државата, да се рамноправни. Во таков случај можеби тоа и би успеало, бидејќи разликата помеѓу предизборна и постизборна коалиција е многу мала. Ниту една влада досега не е направена без албански партии. Ние сме во очекување и размислување со сите, па да видиме како ќе излезе ова. Не сме против таква коалиција но да има јавен договор, а не таен. Ако нашите платформи се поклопуваат, зошто да не. Иако уште размислуваме и разговараме. Има предуслови, не знам какво е расположението кај македонскиот електорат, но кај албанскиот има расположение, тој е доминантно антивладин, анти ДУИ и ВМРО ДПМНЕ“, изјави за Дојче Веле Зафир Адили еден од главните основачи на новоформираната партија Унитети.
Приоритет - фер и демократски избори
Расположение за соработка има и кај партијата Левица, која исто така неодамна е формирана. Сепак оттаму сметаат дека клучно во моментов што треба да се „избоксува“ се услови за фер и демократски избори кои дефинитивно не можат да се одржат на 24 април:
„Идејата е интересна, може да има силен антинационалистички ефект, кој не само што може да обезбеди победничка коалиција, туку и ќе има силен придонес во уривање на етничките бариери. Во моментов според Левица ова прашање не е толку актуелно, односно клучно е што во овој момент не се создадени условите за демократски избори на 24 април. Треба да се дефинира прво тоа дали ќе има услови тие да бидат фер или не, а потоа да се разговара како ќе се настапува на нив. Има доволно време да се прават вакви или онакви коалиции, но она што треба да се има предвид е примарниот интерес да се насочи кон враќање на демократијата во целиот процес. Ако изборите се одржат на 24 април, тогаш нема време, поднесувањето на листите е 30 дена пред изборите, а тоа е 24 март, што е прекратко. Но ако некој има став дека нема да учествува на изборите, тогаш сега не е актуелно како ќе се настапува, туку клучно е да не се обезбеди легитимитет на актуелната автократска структура која владее и сака да организира нефер избори на 24 април“, смета партискиот лидер Здравко Савески.
Вештачки и примитивно создаден национализам
Идејата за предизборно коалиционирање помеѓу албанско-македонски партии е секако дел од мозаикот на тешкиот предизвик за излез од длабоката политичка криза, велат и од движењето „Беса“. Оттаму немаат дилеми дека Груевски и Ахмети мора да ја напуштат политичката сцена. Но во услови на вештачки и примитивно создаден национализам сметаат дека патот до целта ќе биде доста неизвесен и тешко премостлив само со формирање на една таква предизборна коалиција:
„Треба да ни биде на сите јасно дека недовербата е многу долго хранета, додека за вакви сериозни постапки пред се треба да се има минимална политичка доверба. Но, сепак мислам дека треба да се разговара отворено и да се анализира и ние тоа го правиме. Ние сме нов субјект со свежи идеи и сакаме да донесеме нешто ново на политичката сцена, но сепак сме многу претпазливи за да не ги извадиме очите сакајќи да си ги поправиме веѓите. Ако дојдеме до позиција за разговори од таква природа ние имаме јасен пристап и тоа води кон јасен предизборен договор, каде Албанците точно би знаеле за кого и за што гласаат, а не како сега, кога иако знаевме дека со сигурност ќе има постизборна коалиција, никогаш не дознавме албанската партија, која ќе станеше дел од власта, со каков договор и под какви услови ќе стане дел од власта. Над се‘ и пред се‘ треба првенствено да сме искрени и транспарентни со себе и со нашиот електорат, за потоа истото да го бараме од другиот. Мораме веќе еднаш засекогаш да почнеме да ги решаваме проблемите со меѓусебна доверба и максимална транспарентност пред нас и пред граѓаните. За фолклорниот и примитивен национализам нема место во 21 век, за времето кое следи недостасуваат модерни политичари во служба на своите народи и граѓани“, смета Африм Гаши, еден од основачите на „Беса“
Искреност во намерите
И од ФРОДЕМ сметаат дека предизборното коалицирање не само што е посакувано, туку и нужно, посебно во овој период. Идејата за македонско-албанска коалиција, според оваа партија, е секако можна доколку сите субјекти што покажуваат интерес се искрени во намерата дека актуелната владејачка гарнитура треба да замине.
„Посакувано е затоа што тоа за прв пат ќе се случи во Република Македонија, со однапред утврдени приоритетни прашања со што би се покажало дека државата е приоритет, а не теснопартиските и етничките интереси. Ќе бидат разграничени сите прашања и таква предизборна коалиција ќе може многу полесно да функционира доколку ја освои власта. Дополнително, тоа би ги охрабрило и граѓаните дека има луѓе кои се грижат за државата и можат да ги постават работите на свое место. Јас лично тоа го гледам во вид на едно колегијално тело во кое ќе партиципираат сите. Би било убаво да се направи по принципот на ДОС во Србија, каде што ќе партиципираат сите релевантни, не само политички партии, туку и здруженија кои се на иста линија. Но тоа е најмал проблем, но ако дојде до тоа кој ќе ја води, тогаш ништо од работата. А ако сите размислуваат за државата и се за тоа да биде врз една рамноправна основа, во која нема да има големи и мали, сите сме исти и еднакви, со иста цел, мислам дека одзивот би бил сериозен а и меѓународната заедница тоа би го поздравила“, коментира Јове Кекеновски, еден од оснивачите на ФРОДЕМ
Дел од експертите немаат дилеми дека на Македонија и‘ е потребна сенародна коалиција за излез од актуелната криза чии димензии ги сметаат за драматично загрозувачки по државата:
„Во моментов треба да се гледа од призмата на спасот на државата и граѓаните, треба да се направи коалиција со главна и единствена цел, спасот на државата и граѓаните во неа. Се наоѓаме во исклучително тешка ситуација и мислам дека беспредметно е да се разговараат програмските определби на партиите. Ние имаме практично поплава и цунами во државата и нема логика за лева, центристичка или десна коалиција. Оттука сметам дека со силна поддршка и на меѓународната заедница лесно ќе се надминат сите бариери и таа коалиција веројатно и ќе победи на изборите, бидејќи расте свеста кај граѓаните дека ни треба излез од оваа исклучително тешка ситуација“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Мерсел Биљали.