1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митови и факти за германските пензии

Дуња Драгојевиќ
17 декември 2016

Дали германските пензионери навистина живеат како „бубрег во лој“ како што често се мисли и говори? Колку изнесува просечната пензија во Германија и што можат да си дозволат пензионерите со неа?

https://p.dw.com/p/2SfhQ
Deutschland Rentenerhöhung Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner
Symbolbild Deutschland Rentner
Фотографија: picture-alliance/dpa

Статистиката е релативно доверлива и егзактна, меѓутоа од статистиката секогаш не можат да се извлечат егзактни заклучоци. Барем не на прв поглед. Тоа е случај и со статистиката за висината на германските пензии. Според актуелната статистика на Германскиот пензиски фонд, „стандардната“ месечна пензија во Германија изнесува околу 1.200 евра. Ова звучи сосема пристојно, особено во споредба со некои други европски земји. Но, стручњаците предупредуваат дека се работи за просечната пензија на „виртуелниот" пензионер кој има 45 години работен стаж, кој остварил право на старосна пензија и кој заработувал просечна германска плата (моментално околу 2.700 евра). Но, колку навистина има такви што заработувале и заработуваат помалку од просекот? Колку има од оние кои не работеле 45 години?

Со просечната пензија под границата на сиромаштија?

Во реалноста, а тоа го потврдува и статистиката - кога малку подобро ќе се разгледа и анализира, пензионерите во Германија, во просек, добиваат пензија од околу 800 евра. Границата на сиромаштија која за секоја земја се дефинира поинаку, во Германија за домаќинство со една личност без деца е околу 900 евра, за пар без деца околу 1.300 евра, а за пар со две малолетни деца изнесува помеѓу 1.900 и 2.000 евра. Различни здруженија преку своите интернет портали предупредуваат германските граѓани да не се залажуваат со бројките кои на прв поглед и не изгледаат толку лошо.

Формулата за пресметување на пензијата е всушност многу сложена и информацијата за висината на пензијата на која може да смета еден поединец во Германија е точна само ако е направена според пресметките на Германскиот пензиски фонд. Нормално, и тогаш се работи за прогнози, а не за конечна информација. Бидејќи никој не може да гарантира дека во иднина некој граѓанин нема да останете без работа или дека ќе заработува како што заработувал до моментот кога била направена прогнозата.

На идните пензионери не им се пишува добро

Многу говорат и податоците кои укажуваат на односот помеѓу просечните пензии и просечните плати, како и висината на придонесите кои се уплаќаат во државниот пензиски фонд. Тие покажуват дека просечната пензија ни одблиску не расте еднакво како и просечните примања. Но, затоа расте висината на придонесите. Тоа произлегува меѓудругото и од демографскиот проблем на Германија – се помалку млади кои работат и уплаќаат придонеси, а се повеќе возрасни кои примаат пензија. Освен тоа, јазот помеѓу оние кои многу заработуваат и оние кои малку заработуваат е се поголем, па просечните вредности малку говорат за реалните состојби. Според прогнозите, овој јаз ќе се зголемува во иднина.

Symbolbild Deutschland Rentner
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стравот од сиромаштија во староста е тема за која во последно време многу се говори. Причините за тоа се прогнозите за иднината и статистиката која говори дека во последните десет години, бројот на сиромашни кај повозрасната популација расте многу побрзо за разлика од другите популациски групи.

Deutschland Geld Kasse
Фотографија: picture-alliance/ZB/P. Pleul

Во еден извештај на Еуростат објавен неодамна се наведува дека моментално 5,6 милиони луѓе во Германија постари од 55 години се загорезени од сиромаштија и социјална изолација, додека во 2004 година тој број изнесувал 4,5 милиони. Нормално, станува збор за релативна сиромаштија. Но, и тоа е релативно: се додека ситуацијата во некои други европски земја е многу подобра од Германија, на пример во Норвешка каде сиромаштија им се заканува на многу мал процент од постарите од 55 години (9,3%) или во Холандија (11,3%), во некои други земји ситуацијата е уште полоша. Во Романија опасноста од сиромаштија им се заканува на 44,2% од припадниците на оваа старосна група, а во Латвија на 37,1 проценти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи