Могерини со нова осуда за насилството во Скопје
28 април 2017Високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини денеска повторно ги осуди сцените на насилство во македонското Собрание.
„Насилството е неприфатливо, дотолку повеќе ако се случува во дом на демократијата“, изјави Могерини во коментарот на повеќечасовните безредија во главниот град на Македонија во кои повредени беа 77 луѓе, меѓу кои и 22 полицајци како и повеќе пратеници и новинари.
Могерини, која учествува на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија во Малта, во изјавата за новинарите синоќешните случувања во Скопје ги нарече „сериозна криза, која може да биде опасна“.
Шефицата на европската дипломатија се огласи и синоќа преку социјалната мрежа Твитер. Во заедничката изјава со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, беше истакнато дека насилството во Собранието е целосно неприфатливо и заслужува најостра осуда. Двајцата високи претставници на ЕУ повикаа на смиреност и воздржаност.
Освен тоа тие го поздравија изборот на Талат Џафери за нов претседател на македонскиот парламент и порачаа дека Унијата е подготвена да работи со Собранието на неопходните реформи за да се придвижи земјата напред кон европскиот пат.