1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија: Хаос без крај

Роберт Шварц / превод: ЕМФ24 јануари 2016

И по положувањето заклетва од страна на новата влада во Молдавија, протестите во Кишињев продолжија. Молдавија е на најдобар пат да стане пропадната држава, оценува Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/1HiMp
Фотографија: DW/C. Grigorita

Во молдавскиот главен град и натаму врие, иако земјата има нова влада. Проруските партии и проевропската граѓанска платформа ДА си подадоа рака за да демонстрираат против задкулисните ситничарски преговори, благодарение на кои беше постигната согласност за новиот премиер.

Заклетва околу полноќ

Прокламираниот непријател на оваа неприродна алијанса е контроверзниот олигарх Влад Плахотњук, силниот човек пред и зад кулисите. Новиот премиер доаѓа од Демократската партија, која е контролирана од Плахотњук, и во парламентот можеше да добие мнозинство само благодарение на оние кои ги сменија партиските дресови и во Демократската партија преминаа од редовите на Комунистичката партија, плус оние кои гласаат поинаку од своите сопартијци во либералниот и либерално-демократскиот табор. Тоа што владата неупадливо положи заклетва во средата околу полноќ (20/21.01.2016), далеку од очите на јавноста и по жестоките судири во парламентот, се разбира подгрева сомневање дека олигархот и натаму ги има под своја контрола државните институции.

Се наметнува претпоставката дека Москва - како толку често во регионот - и овојпат има вмешано прсти. Експертите во Молдавија, но и во ЕУ, дури и отворено зборуваат за украински модел кој сега се спроведува во Кишињев. Почетниот успех на Молдавија во источното ЕУ-партнерство отсекогаш ѝ беше трн в око на Русија. Замрзнатиот конфликт во сепаратистичкиот молдавски регион Приднестровие, каде и натаму се стационирани руски сили, трговското ембарго против Москва по потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ - сето тоа е дел од познатиот инструментариум на Путиновата регионална политика. И, се разбира, тука е и политичкото влијание преку уедначени партии.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Освен тоа, тука се и зголемените закани од Москва против источниот бедем на НАТО и ЕУ. Дестабилизација на Република Молдавија би имала директни последици пред сѐ врз партнерската сестринска земја - Романија. Букурешт сѐ уште воздржано реагира на настаните во Кишињев, но ако состојбата се заостри уште повеќе, Романија, а и НАТО и ЕУ, ќе мора да заземат јасни позиции.

Зошто граѓанската платформа ДА сака нови избори?

Целта ги оправдува средствата, велат претставници на граѓанската платформа ДА. Но, тоа што тие сакаат заедно, рамо до рамо со проруските партии да издејствуваат нови избори, е иритирачки и не ја прави целата работа поедноставна. Според анкетите, на предвремени избори јасна победа би извојувале двете проруски партии - социјалистите и „Наша партија“. Тоа им е веројатно познато на претставниците на ДА. За нејзе, во ваква констелација, не би имало место, освен ако и тука не се водат задкулисни ситничарски преговори. Во Молдавија се чини сѐ е можно.

А, таканаречената проевропска влада на Павел Филип? Разочарувањето на застапниците на ЕУ во поделената земја е огромно. Се чини проевропските партии и натаму се занимаваат со себе и со поделбата на бенефициите. Мнозинството граѓани во Молдавија посакува нова политичка класа и вистинска европска перспектива. Но, она што го добија се слаби државни институции, како и продолжение на корупцијата, сивата економија, политичка и економска нестабилност. Перфектна почва за популистички и екстремистички партии. И, јасен знак дека Република Молдавија е на само чекор до тоа да стане пропадната држава.