1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Молитва наместо колумна

24 ноември 2021

Во услови на недостаток на наша свест и континуирано несериозниот пристап кон сериозните животни прашања не ни останува ништо друго туку да се молиме на господа да ни помогне. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/43PA1
Busunglück in Bulgarien
Фотографија: Valentina Petrova/dpa/AP/picture alliance

Денеска требаше да ја објавам мојата редовна колумна, која ја подготвив на тема образование и за која претходно направив консултација со повеќе професори и експерти, за што прочитав неколку стручни научни трудови и која носеше наслов Утрински хорор. Насловот беше во сосема друга конотација и повеќе со симболично значење, а веројатно и прилично предимензионирано. Но, вчера сите не разбуди страшната вест за трагичната несреќа која зеде 45 човечки животи. Ова беше вистински утрински хорор. 

Кога ќе се случат вакви катастрофи светот застанува. Запира здивот, снагата трепери, доаѓаат солзи. Сите чувствуваме немир и тага. Замислувам низ што поминале тие луѓе, ја замислувам нивната паника, страв, очај, желба за спас на својот живот, но уште повеќе за спас на животот на нивните деца. Тука некаде се раѓа гневот. Ме обзема гнев кон системот кој не постои, кон надлежните кои не се надлежни, кон нашата навика да импровизираме и да не ги почитуваме прописите и стандардите, ме обзема гнев кон сѐ. Тогаш се присетувам на мудроста на Лукиј Анај Сенека кој не научи дека гневот е страст која е најгрда и најбезумна од сите страсти, зашто во другите страсти има нешто спокојно и пријатно, а оваа е сета раздразнета, среде налетот на болката, разгорена од најмалку човечната желба за оружје, за крв... 

Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Поука од трагедијата 

Токму затоа мудрите луѓе го нарекле гневот краткотрајно лудило затоа што е недостапен за разумот и за советите. Тоа е порок кој не може да се сокрие бидејќи колку што е поголем, толку поочигледно избива. Не, не ми треба тој порок и таа најгрда страст кој не може да донесе ништо добро. Се обидувам да бидам рационален, разумот да надвладее над гневот, над лутината и тагата. Се прашувам како овие жртви да не бидат залудни? 

Како да извлечеме некоја поука од оваа трагедија за никогаш повеќе да не се случи вакво нешто. Не можам да одговорам на ова свое прашање, прво затоа што знам дека немаме капацитет да извлечеме поуки од грешките и трагедиите, а второ затоа што е неумесно во време на ваква национална тага да мудруваме како добри генерали после битка. И трето и најболно, знам дека ова мудрување и божемната спремност да научиме и да се смениме на подобро ќе трае три дена и потоа сѐ ќе си биде по старо. И повторно пред очи ми се сликите на страдањата и ужасот на овие мои сограѓани, но и на страдањата и ужасот на многу други кои ги загубиле своите животи или животите на нивните најблиски во вакви катастрофи. 

Трагедија на автопатот „Струма“

Импровизација наместо стандарди 

Што сѐ не ни се случи во овие триесет години независност. Не, не можам да бидам рационален колку и да се трудам, колку и да знам дека ова мора веќе еднаш да не освести, да не научи дека мораме да почнеме да ги почитуваме законите и стандардите. Дека импровизациите и немањето на систем доведува до вакви катастрофи. Знам ова се случува и во други земји и на други нации, ама зарем требаше нашите 45 сограѓани да бидат најголемиот број на човечки жртви во една автобуска несреќа во Европа во последните децении. Не можам да си простам што еве веќе триесет години не успеваме да востановиме систем и потоа тој систем и доследно да го почитуваме. А имавме и систем и стандарди. И ги почитувавме и применувавме. Велевме сѐ мора да биде по ЈУС. Сѐ мора да биде по ПС. Имавме и југословенски стандард и правило на служба, денес немаме. Или можеби имаме, ама бидејќи импровизацијата и незнаењето доминираат на овој дел од Балканов, тие се само бледо слово на никогаш не прочитано парче хартија. Па зарем моравме сѐ што е добро од претходниот систем да уништиме и расипеме, а се што беше лошо да го усвоиме и унапредиме? Не, денес не е време ниту за овие прашања, ниту за оваа дискусија. Отсекогаш сум мразел кога некој сака да се прави паметен, да мудрува или уште полошо и одвратно, да печали на нечија туѓа трагедија. Денес е тажен ден за сите нас, а најмногу за семејствата на трагично загинатите. Затоа наместо колумна денес решив да напишам молитва за душите на трагично загинатите. Решив да се молам господ да ни помогне да не ни се случуваат повеќе вакви несреќи. Зошто во услови на недостаток на наша свест и континуирано несериозниот пристап кон сериозните животни прашања не ни останува ништо друго туку да се молиме на господа да ни помогне. Бог да ги прости оние кои заминаа од овој свет и да им даде сила на нивните блиски во овие очајно тешки мигови.