Моја Европа: Демократија против владеење на правото
19 јануари 2019Ако Источна Европа може да нѐ научи нешто околу популизмот, тогаш е тоа дека демократијата не мора да значи и владеење на правото. Демократијата може да се искористи против правниот систем, со наметнување на волјата и страста на мнозинството: резултатот е нешто како илибералната демократија на Виктор Орбан, еден вид нов болшевизам (етимолошки- мајоритизам).
Во марксистичко-ленинистичката традиција законите немаа сопствена реалност. Тоа беше маскиран инструмент за доминација. Сложеноста на правосудството беше сметана за пречка на амбициозните цели на комунистичката партија, и омилен мотив на сатиричарите на режимот беше бирократ со „чиновнички ракави“, кој се придржува кон неговите идиотски регулативи и членови.
Се разбира, јавното мислење на мнозинството е лесно да се манипулира од страна на медиумите и тоталитарните режими, кои уште претходно се погрижија да ги прошират можностите за пропаганда.
„Телефонска правда“
Но, долговечноста на комунизмот не може да се разбере ако не се земе предвид дека кај поголемиот дел од народот тој бил омилен. Постепено се воведувала вербата во семоќноста на политичката волја. Клучот лежи во брзината: кога ќе се преземе тромавата машина на правосудниот систем со судии, судови и процеси, тогаш работите може да се спроведуваат во секое време. Поимот „телефонска правда“ кажува сѐ: проблемот се решава само со еден телефонски повик. Социјални станови? Едноставно се одзема земјата. Разочараност поради криминални манипупации? Осомничениот е застрелан.
Популизмот денес се храни со истата иритација од нас, граѓаните, поради тромавоста на институциите. Несаканата ЕУ-бирократија ги замени суровите социјалистички бирократи. Колку повеќе се забрзува општествениот живот, толку помалку имаме трпение за застарените судски процеси, и сакаме политичарите веднаш да ги завршат работите, ако е можно и во живо на телевизија.
Закони кои постојано се менуваат
Романскиот случај е екстремен пример. Земјата воведе еден вид Вонреден закон за борба против корупција, кој беше примен со воодушевување од голем број граѓани. Потоа, со враќањето на власт на поранешните комунисти, се случи промена, која пак ги израдува другите групи, кои беа загрижени од сѐ поголемата тиранија.
Само во Бугарија во 2018 година еден тинк тенк поднесе околу 1000 предлог измени на закони, а беа изгласани и 77 нови закони. Вакви промени се во спротивност со суштинските конзервативни сили на судството. Но тие го рефлектираат расположението на јавноста: на секој голем прекршок се одговара со промена на закон и се прави обид да се смири незадоволството кај луѓето. Но, незадоволството веќе не може да се смири и сѐ повеќе судски одлуки се причина за нови протести.
Правото како инструмент за доминација
Унгарските и полските популисти дојдоа на власт како предводници на отворен протест против владењето на правото на ЕУ. Ова не ја намали нивната популарност, напротив - дури им креира ореол на хероизам. На правото повторно се гледа како на инструмент за демистифицирање на доминацијата, но овојпат веќе не од буржоазијата, туку од експлоататорите од Западот.
Истото важи за која било регулатива - почнува со регулирање на изгледот на често спомнуваните банани кои треба да бидат „ослободени од абнормални кривини“, а завршува со обид да се стави крај на злоупотребата на работниците која националистите ја сметаат за стратегија на западните претприемачи против источноевропските компании. Правото веќе не е простор за консезус и мир, туку еден фронт во кој нема заедништво меѓу „нас“ и „нив“.
Светски тренд
Популистите во целиот свет одат по истиот пат, дури и без марксистичко-ленинистичко наследство. Во Турција, Ердоган уапси и осуди повеќе судии поради поврзаност со наводната терористичката организација на проповедникот Ѓулен. Во САД, Трамп ги смета речиси сите меѓународни договори за непотребен трошок.
Борбата против ваквите тенденции се чини е многу потешка од порано, дотолку повеќе што владеењето на правото никогаш не било популарно кај масите, а долгите зкаонски постапки не се интересни за сензационалистичките медиуми.
Ивајло Дичев е културолошки антрополог од Бугарија, а во моментов предава во Регенсбург како гостински професор.