1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Последната битка на Меркел

Бодо Вебер
13 април 2019

Во конфликтот меѓу Косово и Србија во игра е ништо помалку отколку надворешнополитичкото наследство на канцеларката Меркел, стабилноста на Европа и иднината на западниот сојуз.

https://p.dw.com/p/3GhzN
Bodo Weber  Südosteuropa-Analyst
Фотографија: privat

Во преговорите меѓу Косово и Србија, кои ги води ЕУ заради сѐопфатнен и конечен договор за целосна нормализација на меѓусебните односи, од почетокот на годинава може да се види голема американска офанзива. Зад тоа стои идеја за договор базиран на размена на територии како темелна цел.

Идејата први ја пропагираа јавно претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи летото 2018 година. Посебно Белград, од почетокот на завршната фаза на политичкиот дијалог од 2012 година меѓу Косово и Србија по иницијатива на канцеларката Меркел две години не се умори од промоција на „компромисот“.

Идејата за размена на северниот дел од Косово, населен претежно со српско население, за Прешевската долина на југот на Србија, каде главно живеат Албанци, вклучувајќи взаемно формално признавање на двете држави, првпат во игра ја воведе косовскиот претседател Тачи. Досега никој од тројцата учесници во преговорите во Брисел, кои во целосна тајна ги води високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, нема објавено некој план.

Кобна алијанса на балканските авторитарни лидери

Против тој предлог се изјаснија во прв ред германската влада и канцеларката, кои од страна на неговите заговорници се наречени „расипувачи на забава". Сигурно се прашувате: зошто ЕУ и САД би биле против таков договор, ако двете страни се согласни? Кој би требало да им забрани и зошто?

Навистина, кога е во прашање овој предлог, станува збор за нешто сосема друго од она што го презентираат неговите протагонисти: кобна алијанса на двајца авторитарни балкански лидери со шефицата на европската дипломатија и непредвидливата администрација на Доналд Трамп, која го первертира политичкиот дијалог и темелните западни принципи во текот на три децении стабилизација и демократизација на Западен Балкан.

По војната во Косово, токму Белград одби било каков компромис втемелен на стварноста, вклучувајќи го и планот на пратеникот на ОН, Марти Ахтисари, кој тогаш Приштина беше принудена унилатерално да го спроведе во уставниот поредок на денешна Република Косово.

Години подоцна, првенствено канцеларката Меркел беше таа која го искористи стремежот на Белград кон ЕУ за да го реши замрзнатиот конфликт за статусот, поврзувајќи го пристапувањето на Србија со признавање на реалитетот на загубата на Косово, па така, со поддршка на Велика Британија и САД, постигна историски напредок. Во априлската Спогодба од 2013 година, Белград фатички го призна Косово. Тогашниот српски премиер Дачиќ јавно зборуваше за тоа дека политиката и општеството една деценија се лажеле себе си дека Косово уште е дел од Србија.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Merkel & Vucic
Меркел е против идејата на Вучиќ и Тачи за размена на територииФотографија: picture alliance/AP Photo

Тајни преговори како политички чекор наназад

Иако ЕУ тогаш не ја одреди конечната, завршна точка на дијалогот, на двете страни им беше јасно дека целта претставува целосна нормализација на односите, вклучувајќи и взаемно признавање. На тоа упатуваа и изјавите на Меркел и тогашниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, во кои беше истакнувано дека времето на промена на границите на Балкан е завршено.

Оттаму, неодамнешните тајни преговори претставуваат драстичен чекор наназад. Мотивацијата на вклучените актери е различна: за претседателот Александар Вучиќ тоа е обид за искористување на моментните политички слабости на ЕУ, за да успее да извлече повеќе отколку што беше можно во порано договорените тесни рамки на дијалогот. Истовремено, тој сака да го одврати вниманието од актуелните внатрешнополитички проблеми со последица – авторитарно-автократска консолидација на моќта под западна толеранција.

Косовскиот претседател Хашим Тачи ги приватизираше преговорите, без оглед на отпорот на сите косовско-албански партии, надевајќи се дека ќе го избегне изгледното обвинение од страна на Специјалниот суд на ЕУ за воени злосторства извршени на крајот на војната во Косово.

Федерика Могерини, чиј недостиг на преговарачки капацитети го доведе дијалогот во егзистенцијална криза, очајнички се обидува својот неуспех да го претвори во успешна приказна, при што сопствениот недостаток на принципи во дијалогот го воздигнува на ниво на принцип. Нејзиниот заеднички именител со администрацијата на Трамп, оваа необична оска на релација Брисел-Вашингтон, лежи во задачата на западните либерално-демократски принципи во преферирање постигнување договор, во смисла „секој договор е добар договор“.

Размената на територии би го дестабилизирала Балкан

Потенцијалните последици на спогодбата за размена на територии, дополнителни западни легитимации на етно-територијалниот принцип три децении по почетокот на балканските војни, би биле разорни: егзодус на Србите кои живеат главно на југот на Косово, кои според сметката на Вучиќ свесно паѓаат под маса, би бил неизбежен, а потоа би следеле вооружени судири меѓу мнозинското српско население и косовските Албанци во северно Косово.

Би следела етно-националистичка дестабилизација на целиот регион, од БиХ до Македонија. На процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ би му бил ставен крај за подолго време. Ослабена од популистите и националистите одвнатре, ЕУ исто така би била егзистенцијално загрозена. Покрај тоа, етничко-територијалната поделба со легитимација на западните актери би имала разорно влијание врз спорот со Русија околу територијалниот интегритет на Украина, со непредвидливи геополитички последици. 

Меркел треба да преземе водечка улога

За канцеларката Меркел, моментниот развој на настаните претставува еден вид надворешно и европско-политичка завршна битка. Во рамките на ЕУ, Меркел и нејзиниот министер за надворешни работи Хајко Мас најенергично се изјаснија против идејата за размена на територии. Тој став го делат мнозинството други држави-членки, вклучувајќи ги оние како Шпанија и Словачка, кои не го признаа Косово. Тие засега се сокриваат зад Германија, надевајќи се на водечка уога на канцеларката. Меркел сега, се чини, се колеба да ја започне оваа битка за своето политичко наследство на крајот на својата ера.

За да спречи спогодба за размена на територии со нејзините далекусежни последици, канцеларката повторно треба да ја преземе улогата на европски водач во овој политички дијалог. Истовремено, на Белград и на Приштина јасно мора да им се даде на знаење дека, евентуално потпишување договор за размена на територии, поради заканите кон мирот и демократијата во Западен Балкан, за Берлин би можело да значи поткопување на изгледите за членство во ЕУ за обете земји и тоа на подолг рок. Алтернативно, Бундестагот би можел да го потенцира тоа во соодветна резолуција на сите пратенички групи.

Освен тоа, Берлин би требало да ги собере околу себе останатите држави-членки на ЕУ во иницијатива за поништување на преговорите, што тие две земји би ги вратило кон изворните рамки на дијалогот. Останува да се види дали самитот на Западен Балкан во кабинетот на канцеларката, кој Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон го закажаа за 29 април, би бил прв чекор во таа насока. 

Бодо Вебер е виш соработник во Советот за политичка демократизација (ДПЦ), трансатлантски истражувачки центар со седиште во Берлин