1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Нова ера во политиката на проширување на ЕУ?

Бодо Вебер
8 февруари 2020

Предлогот на Европската комисија за реформа на пристапниот процес за Западен Балкан е пред сè обид за одоброволување на францускиот претседател Макрон, смета Бодо Вебер.

https://p.dw.com/p/3XQB2
Bodo Weber Politischer Analyst aus Berlin
Бодо ВеберФотографија: privat

На 5 февруари, новата Европската комисија го претстави својот предлог за реформа на политиката за проширување, поточно методологијата на пристапните преговори за земјите од Западен Балкан. „Реформата“ стана неопходна заради целосната блокада на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија од страна на францускиот претседател Емануел Макрон на самитот во Брисел минатиот октомври. Ако им верувате на изјавите на француските владини претставници, треба да се има претпазлив оптимизам дека Париз напролет ќе го ослободи патот за двете балкански држави.

Луазо: Проширувањето не треба да им се остави на бирократите во ЕУ

Комуникациска офанзива

Предлогот изненадувачки содржи многу позитивни работи што можат да водат до сериозна ревитализација на политиката за проширување: предлогот на Комисијата ја содржи најсилната, политички поткрепена посветеност на ЕУ кон проширување кон Западен Балкан по долги години. За првпат се наведува дека со политиката на проширување ЕУ на располагање има силно средство за промовирање на демократијата. Се потенцира и оти условувањето со реформи е централно средство за оваа политика. За првпат, експлицитно се истакнува можноста за санкционирање при назадувањето во реформите. Комисијата предлага да се воведат таканаречени „обратни одлуки со квалификувано мнозинство“ за ваквите санкции. Тоа значи дека ќе биде потребно мнозинство на земји-членки за да се спречат санкциите - новитет во политиката на проширување, која досега се засноваше на едногласност. Конечно, Еврокомисијата за првпат навести подиректна комуникација на ЕУ со граѓаните на Западен Балкан - вистинските поддржувачи на интеграцијата во ЕУ.  Во исто време, таа ги обврзува владите на земјите од регионот на своите граѓани да им ја искомуницираат стратешката цел за членство во ЕУ. Оваа комуникација сега Еврокомисијата ја наведува како услов за процесот на проширување.

Повеќе на темата:

-Нова ЕУ методологија: Сега е на испит лидерството на Емануел Макрон

-Релјиќ: Промените во ЕУ-методологијата се козметички

-Нова методологија: Тешко со неа, потешко без неа

Сепак, треба да се предупреди од премногу еуфорија за предлогот на Комисијата и неговите долгорочни ефекти. На крајот од краиштата, документот е изнудена реакција на непостоечки проблем, односно проблем на кој му е погрешно пристапено: тоталната блокада на проширувањето на Макрон беше чин на неодговорност за европската политика. Неодговорен беше и моментот во кој беше изнесено барањето за реформа на политиката на проширување - откако поради Макрон двапати принудно беше одложувана одлуката за Северна Македонија и за Албанија. Од друга страна, неодговорен беше и во неговото централно барање - прво внатрешна реформа на ЕУ, и дури потоа продолжување на проширувањето. И конечно, неодговорна беше и фактички погрешната критика на Макрон за досегашната политика на проширување, последица на традиционалната француска игнорантност кон политиката за проширување кон регионот на Западен Балкан, од кое Париз политички се повлече пред повеќе од една деценија. Игнорантност, на која исто така се засноваше и опасната поддршка на Макрон за договор за размена на територии во преговорите помеѓу Србија и Косово во Брисел во 2018-2019 година. Во избрзано составениот нон-пејпер во ноември, француската администрација се обиде да ја пополни со политичка содржина едностраната интервенција на Макрон во политиката на проширување - главно без успех.

Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Повеќе демократија

Сега поднесениот предлог на Комисијата е јасен обид некои од најпроблематичните елементи на францускиот нон-пејпер делумно да се вратат наназад и делумно ублажат, со цел да се избегнат штетите за ЕУ на Западен Балкан, а истовремено да се заштити угледот на Макрон. На пример, фокусот на економските реформи во предлогот на Париз беше заменет со фокус на демократијата - термин што ужасно недостасуваше во нон-пејперот. Предложеното тематско резиме на поглавјата на пристапни преговори повеќе не треба да се заснова на постепено отворање на групите поглавја. Ова би значело основно преструктуирање на пристапниот процес. Можноста за воведување на дополнителни економски стимулации е значително ослабено. Искуството покажува дека дополнителните пари за владите во Западен Балкан се несоодветно средство. Во земјите од регионот, економијата во голема мерка остана под контрола на партиско-државните елити. На краток рок,  корумпираните моќнички интереси доминираат над стопанските интереси. Она што остана е дека ниту францускиот нон-пејпер ниту предлогот на Комисијата не се засновани на анализа на причините за главно неефикасноста на досегашната политика за проширување.

Ќе падне ли блокадата на Макрон?

Бидејќи документот на Комисијата неминовно ја промашува целта, односно суштинскиот проблем на политиката на проширување на Унијата кон Западен Балкан. Тој, имено, не се крие во постојната методологија на пристапниот процес, или пак во инструментите и затоа решение за него не може да се најде во промена на методите. Вистинскиот проблем е во отсуството на политичка волја на ЕУ, на институциите во Брисел и на земјите членки, консеквентно да ги искористат овие инструменти. Како да не постои долгорочна политичка стратегија. И покрај сета игнорантност, Макрон го именуваше овој политички проблем, но не го реши.

Frankreich l Macron empfängt Nord-Mazedonischen Präsidenten Pendarovski
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Новиот документ и новиот пристап на ЕУ, најверојатно ќе му овозможи укинување на блокадата на Макрон за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, но клучното прашање е дали документот на Комисијата навистина може да иницира пресврт во политиката за проширување или, како и претходните реформи, ќе донесе само празни ветувања. Зашто основниот, многу пофундаментален конфликт, во прв ред меѓу Франција и Германија, за иднината на ЕУ останува нерешен. Две основни прашања остануваат неодговорени: Каква ЕУ сакаме - политичка унија или економска заедница? И каде завршува Европа (ЕУ)?

 

Бодо Вебер е постар соработник во Советот за демократска политика (ДПЦ) со седиште во Берлин