1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Се вртиме во круг

Станислав Штрасбургер
23 септември 2017

Изборната кампања во Германија се смета за не многу возбудлива, победникот за веќе познат. Сепак, последиците ќе бидат далекусежни, како за земјата, така и во меѓународни рамки, смета Станислав Штрасбургер.

https://p.dw.com/p/2kXFA
Autor Stanislaw Strasburger
Фотографија: Simone Falk

Странските теми и ЕУ ретко се во фокусот на изборната кампања, посебно за Ангела Меркел. Неспоредлива е ситуацијата со минатите претседателски избори во Франција и темите на Емануел Макрон. Како овдешните политички партии да сакаат своите гласачи да ги убедат во провинцијалноста на Германија. И тоа без оглед што „нацијата“, кон која се обраќаат политичарите, во услови на глобалните процеси, ниедна животна област не може да ја регулира „сама за себе“. 

Сосем поинаку е во мојата родна земја, Полска. Тамошните медиуми се концентрираат на надворешнополитичките аспекти во германската изборна кампања. Интересот за германските парламентарни избори таму е толкав, што јавниот полски радиосервис првпат в недела ќе има емисија во живо посветена на изборите во Германија. Но, што конкретно во овој контекст ги интересира Полјаците?

Многу отворени прашања

Варшава, од доаѓањето на власт на владата на Партијата за право и правда, ПиС, пролетта 2015. година, го заостри курсот кон Берлин. Многумина аналитичари во тоа гледаат повеќе внатрешнополитички причини, отколку разумна успешна надворешнополитичка стратегија. Но, и прилично високата поддршка кај полската јавност за ваквиот курс и адекватната реторика, покажува дека бројни луѓе гледаат добри причини за негово постоење. 

Постојат редица конкретни прашања во германско-полските, европските и меѓународните теми, за кое е потребно разјаснување. Од политички аспект, кај Полјаците е присутно чувство дека не се разбрани. Тука спаѓа, на пример, прашањето за односот кон Русија. Многу луѓе во Полска чувствуваат страв поради континуираниот украински конфликт, па се чини затоа се потпираат на воена сила. Така, ветувањето на Мартин Шулц, канцеларскиот кандидат од СПД, дека ако победи, ќе се погрижи за повлекување на американското атомско оружје од Германија, дури и во т. н. лево-либерални кругови во Полска наидува на неразбирање. Истото важи и за заложбите на СПД (и се разбира и на Зелените) за намалување на издатоците за одбрана.

Други примери се: промената на климата, свртувањето во сообраќајот, Северен тек 2, односите меѓу САД и ЕУ и секако, бегалската политика, вклучувајќи го и елиминирањето на причините за бегство. Зад овие прагматични аспекти се крие нешто што завлегува во областа на социјалната психологија.

Polen Angela Merkel und Beata Szydlo
Оптоварени односи: Ангела Меркел и Беата ШидлоФотографија: Getty Images/AFP/W. Radwanski

Бремето на минатото

Во последните летни денови оваа година ја најдов Варшава посеана со агресивни постери, проследени со драстични фотографии, преку кои се испраќа следната содржина: „Германците убија милиони Полјаци и ја уништија нашата земја. Германци, мора да го платите тоа!“ Постерите се двојазични, ги има и на англиски јазик, што сведочи за намерата дека цел свет треба да дознае за претрпените страдања и за лоцираниот виновник. Ова е проследено и со соодветни ТВ-спотови и кампањи на сцијалните медиуми.

Без оглед на упадливите напори, се чини како соочувањето со полско-германското минато, првенствено ужасите на Втората светска војна и тогашната окупација на Полска од страна на Хитлерова Германија, да е во голема мерка неуспешно. Спомените на концентрационите логори, секојдневниот терор и стравот кој го доживеале бројни жители на Полска, се чини ги оптоварува луѓето и до денешни генерации. Овие сеќавања до денес влијаат разорувачки во секојдневието. Во последно време е присутно чувство дека во Германија постои недоволна желба за рекомпензација, споменатите постери се однесуваат на актуелните барања на Полска за репарации.

Без оглед што несоочувањето со минатото манипулативно се злоупотребува од страна на актуелната влада во Варшава, не значи дека не треба да се соочиме со оптоварувачките стари бремиња.

Националните држави не се решение

Голем дел од луѓето во Полска изборите за Бундестагот во Германија ги посматраат од аспект на ваквото расположение. Со оглед на латентниот страв од АфД и протестното движење „Пегида“, проследено и со недоволна доверба кон Мартин Шулц и СПД, најдобриот избор често се гледа во Ангела Меркел. Министерот за надворешни работи на Полска, Витолд Вашиковски, во едно интервју изјави дека „ЕУ е институција која на своите членки в раце им дава различни инструменти за остварување на нивните национални интереси“.

Токму овде е видлив фактичкиот парадокс. Сите т. н. „полски“ интереси во врска со германските избори за Бундестаг се од меѓународна, глобална природа. Како такви, тие не можат да бидат задоволени еднострано ни од страна на Германија, ниту на Полска. Истовремено, поддршката на нов мандат на канцеларката Ангела Меркел се гледа низ призмата на натамошно опстојување на провинциски, читај национални политички структури и начини на размислување.

Како да се реши овој парадокс? Како убеден Европеец, јас лично верувам дека е потребно надминување на националното наследство и заменување на националните држави како главни актери во европската политика со наднационални институции.

Но, сѐ додека не постојат политички сили кои ќе се залагаат за овој алтернативен пат и ќе можат да ги убедат и придобијат гласачите за него, ќе се вртиме во круг. Притоа, тоа е ѓаволски круг, во кој тензиите меѓу одделните држави во Европа натамошно се продлабочуваат. Уште полошо: стравувам дека напнатостите нема да останат само на политичко-дипломатско ниво, туку во својот вител ќе повлечат и многу поединци.

 

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема