1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрачни прогнози за европската економија

Б. Георгиевски/Б.Везел/афп5 ноември 2014

Новата Европска комисија започна со работа со лоши вести: и пет години од почетокот на финансиската криза, економијата продолжува со надолен тренд

https://p.dw.com/p/1Dgij
Фотографија: Reuters/Y. Herman

ЕУ ја намали прогнозата за раст во еврозоната, предупредувајќи дека Франција и Италија остануваат најголеми проблеми за лошата состојба која го загрижува целиот свет.

Во извештајот за есенската прогноза на Европската комисија доминираат заканите од дефлација и рецесија, како и тврдоглаво високата невработеност меѓу 18-те земји-членки на еврозоната.

Прогнозата за растот во 2014 година е намалена од, и онака ниските, 1,2 проценти на 0,8 отсто, а порастот за 2015 година се предвидува на околу 1,1 проценти, и понатаму 1,7 проценти за 2016 година.

Претставниците на ЕУ повикаа на итни инвестиции за отворање нови работни места и поголем раст.

„Економската и состојбата со вработувањата не се подобруваат доволно брзо“, изјави Јирки Катаинен, новиот потпретседател на Комисијата за работни места и развој на презентацијата на податоците.

Повеќегодишните заштеди и реформи не го донесоа очекуваното подобрување, па затоа новиот претседател на Комисијата, Жан Клод Јункер најави инвестициски план вреден 300 милијарди евра кој треба да биде објавен до Божик.

Закана и од дефлација

Пјер Московиси, новиот комесар за економски прашања, предупреди дека претстои тешка работа да се обезбедат инвестиции, но и да се убедат земјите од еврозоната на структурни реформи.

„Не постои магично стапче, и нема едноставен одговор“, изјави Московиси на заедничката прес-конференција со Катаинен.

Голема е заканата од дефлација, иако во комисијата сметаат дека цените нема набрзо драматично да паднат, сепак инфлацијата за годинава е проектирана на само 0,5 проценти. Невработеноста се очекува да остане проблем и во следните години. Стапката ќе падне на 10,2 проценти до 2016 година, но тоа е и натаму повисоко од предкризните години, додека во Шпанија и Грција нема да се спушти под 22 проценти.

И Германија е причина за загриженост, особено поради стагнацијата на нејзината економија, која годинава се очекува да порасне за слаби 1,3 проценти, а догодина уште пониски 1,1 отсто.

EU-Kommission unter Jean-Claude Juncker
Новата Европска комисија ќе има тешка задача да ја опорави економијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Добри и лоши примери

Сепак, најголеми проблеми остануваа Франција и Италија. Обете земји се под голем притисок да ги намалат трошоците и да спроведат реформи кои Париз и Рим ги ветија, но засега, не им се брза да ги имплементираат. Француската економија годинава ќе порасне за само 0,3 проценти, наспроти очекувањата за 1,0 процент, додека догодина порастот се очекува да достигне 0,7 проценти. Притоа, Париз е на пат да го оствари и својот најголем буџетски дефицит следната година- 4,5 проценти, а во следната 2016 година, во Брисел очекуваат тој да се зголеми на 4,7 проценти. Париз ги отфрли ваквите проценки од ЕУ како „чиста теорија“.

Италија, пак, и годинава, трета по ред, останува во рецесија, додека за следната се очекува минимален раст од 0,6 проценти.

Причина за оптимизам даваат Велика Британија и Ирска. Британската економија годинава ќе порасне за 3,1 проценти, а во 2015 за 2,7 отсто. Уште подобра е состојбата во Ирска каде годинава се очекува раст од 4,6 проценти, а следната година- 3,6 проценти.

Генерално, и комесарот Московиси и аналитичарите сметаат дека кризата во ЕУ може да се надмине со повеќе инвестиции, наместо со штедење.