1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мухамед Зеќири под истрага

ДТЗ
8 април 2022

Двајца високи владини функционери се најдоа под лупа за корупција. По Драги Рашковски, и неговиот наследник Мухамед Зеќири е под истрага поради злoупотреби во Генералниот секретаријат на Владата.

https://p.dw.com/p/49fAI
Mazedonien, Muhamed Zekiri, Abgeordneter im Parlament
Фотографија: DW/K. Blazevska

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири е под истрага заедно со двајца хрватски државјани за изигрување на тендерска постапка. Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ги сомничи дека незаконски присвоиле 145.400 евра. За Зеќири се бара притвор, додека за хрватските државјани сознанијата се дека се надвор од земјата, поради што ќе се бара помош од Хрватска.  

Според сознанијата на обвинителството, Зеќири во периодот од април 2021 до јануари 2022, како генерален секретар на Владата, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. 

„Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на буџетот на С. Македонија. Износот бил поголем за 145.400 евра, бидејќи договорениот износ за вршењето на консултантски услуги бил 795.000 евра“, информираат од Обвинителството. 

Поради реална опасност осомничените да избегаат, опасност да ги уништат трагите, да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата. 

Русковска: Мислам дека знаеме каде се парите 

„Мислам дека знаеме каде се парите“, вели за ДВ, обвинителката за борба против организиран криминал, Вилма Русковска во врска со случајот којшто беше обелоденет во петокот (08.04) за злупотреби направени во Генералниот секретаријат на Владата. Детали за целиот случај допрва се очекува да бидат обелоденети.

Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Сознанијата на обвинителството се дека осомничените хрватските државјани, се надвор од земјатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Русковска објаснува дека предметот за проневера против генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири и уште двајца хрватски државјани, го добиле во втората половина на 2021 година, откако истрагата ја водело Министерството за внатрешни работи.

„Надлежен обвинител во меѓувреме издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за притвор за осомничените“, вели Русковска.

Сознанијата на обвинителството се дека осомничените хрватските државјани се надвор од земјата. Таа најавува дека ќе стапат во контакт со хрватските колеги, на кои ќе им ги достават доказите коишто ги поседуваат.

„Доколку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска“, објаснува обвинителката.  

Реакции

Ова е втор висок функционер на Владата за кој што е покрената истрага поради злоупотреби. Претходникот на Зеќири, Драги Рашковски заврши на суд откако против него беа покренати неколку постапкипоради злоупотреби направени токму од истата позиција на генерален секретар на Владата. На 14 март започна судскиот процес во Основниот кривичен суд – Скопје, познат во јавноста како „Софтвери“ против Рашковски и уште шест  лица. Обвинителството смета дека Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 покрај набавката на софтверот за МВР, направил уште три слични зделки. Обвинет е и дека незаконски исплаќал хонорари и перел пари.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи го случајот, рече дека е згрозен, иако верува во пресумција на невиност и остава органите да си ја завршат работата.

„Ако е тоа вистина - згрозен сум, бидејќи еден Рашковски се замени со друг, но јавноста треба да знае дека тие крадат за некој друг, за тој што ги поставил таму и многу малку останува за нив. За нив останува срамот и, за жал ,сѐ повеќе се разочаруваат и ако некој сѐ уште си го поставува прашањето зошто Македонија се намалува и граѓаните се селат, токму поради овие причини“, изјави Мицкоски.