Над 850 луѓе уапсени во Русија поради антивоени протести
24 февруари 2022Повеќе од 2.000 луѓе присуствуваа на антивоен протест на плоштадот Пушкин во центарот на Москва, а над 1.000 се собраа во Санкт Петербург. Голем дел од нив беа уапсени од полицијата, која забрани јавни собири.
Голем број руски активисти повикаа на протести преку социјалните мрежи откако Путин ја започна воената офанзива против Украина рано утрото во четвртокот.
Во Москва, демонстрантите извикуваа „Не за војната!“
„Во шок сум. Моите роднини и блиски живеат во Украина“, изјави 23-годишната Анастасија Нестулија.
„Што да им кажам на телефон? Издржете!?“ Таа вели дека многумина се плашат да протестираат.
Слична беше атмосферата и во Санкт Петербург.
„Имам чувство дека руските власти полудеа“, вели 27-годишната Светлана Волкова. Таа се согласува дека малкумина имаат храброст да излезат на протести. „Луѓето се излажани од пропагандата“.
Додека тројца полицајци одвлекуваа од протестот, еден млад човек извика: „Со кого се борите? Уапсете го Путин“.
Граѓанските активисти велат дека повеќе од 850 луѓе биле уапсени за време на денешните протести против војната во Украина. Вкупно биле регистрирани протести во 44 градови, и покрај забраната за јавни собири и острите реакции на полицијата.
Сведоци на протестот во Москва на новинарите им покажуваа снимки од насилното однесување на полицијата против демонстрантите.
Руските власти претходно издадоа предупредување со забрана за одржување протести и се заканија со апсења.