НАТО му понуди на Киев нова воена помош
24 март 2022НАТО му понуди на Киев нова воена помош и ќе распредели повеќе војници на нејзиното источно крило, додека Лондон и Вашингтон наметнаа нови санкциите кон Москва во знак на единство на Западот против руската војна во Украина.
Лидерите на НАТО, Г7 и ЕУ кои се состанаа во Брисел, сепак, не ги задоволија молбите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за значително зголемување на воената помош и построги санкции против рускиот претседател Владимир Путин.
Европската Унија водеше расправа околу намалувањето на руските енергетски врски со Германија, која е клучен противник на ембаргото, иако НАТО водачите се согласија да и помогнат на Украина да се заштити од какви било хемиски, биолошки или нуклеарни напади.
Американски официјален претставник рече дека Вашингтон и сојузниците исто така работат да му обезбедат на Киев противбродски ракети.
„Мораме за го запреме Путин“
Велика Британија воведе санкции за повеќе руски заемодавци, а САД таргетираше десетици руски одбранбени компании и моќници. Во обраќањето до 27 земји членки на ЕУ, Латвија побара забрана за увоз на руска енергија.
„Енергетските санкции се начин да се запре приливот на пари во воената каса на Путин“, рече летонскиот премиер Артурс Каринс
„Најлогично место да се оди напред е со нафтата и јагленот. Мораме да го запреме Путин. Затоа што ако не го запреме Путин, Путин нема да запре“.
Неговиот естонски колега смета дека таргет треба да бидат нафтата и гасот со цел да се спречи заработка од продажба на енергија за финансирање на војната. Но, блокот не доби едногласна поддршка за дополнителни санкции.
Премиерот на Луксембург рече дека блокот треба да задржи некои опции отворени во случај кризата да се влоши, а неговиот колега од Холандија, рече дека нема да се договорат нови санкции.
ЕУ само ја намалуваше зависноста од руската енергија многу бавно и индустријата во голема мера беше изземена од санкции - што е најголемата дупка во мерките, кои инаку ја замрзнаа Русија од светската трговија.
Сепак, од лидерите на ЕУ се очекува да се договорат на самитот заеднички да купуваат гас и да се надеваат на договор со американскиот претседател Џо Бајден да обезбеди дополнителни американски испораки со течен природен гас. Блокот веќе се бореше да ги спроведе договорените санкции, со богатството на руските олигарси коешто беше главно недопрено со недели по инвацијата на Украина.
Украина е поранешна советска република која сака да се приклучи на ЕУ и НАТО, планови кои се анатема за Москва која ја нападна Украина по копно, воздух и море на 24 февруари. Путин порача дека „специјалната операција“ е дизајнирана да ја уништи војската на Украина и да се уловат „опасните националисти“. Во руската инвазија загинаа илјадници, а четвртина од 44-милиони жители на Украина ги напуштија своите домови и побегнаа од војната.
Предупредување до Кина
НАТО, кој веќе го засили своето источно крило на 40.000 војници, распоредени од Балтикот до Црното Море, договори во четвтрокот да се формираат нови борбени единици во Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка.
Алијансата, исто така, предупреди дека Кина треба „да се воздржи од поддршка на руските воени напори на кој било начин и да се воздржи од секоја акција што и помага на Русија да ги заобиколи санкциите“. Ова го повтори и финската премиерка Сана Марин.
„Ако Кина и помогне на Русија, тогаш санкциите нема да функционираат како што сакаме“, рече таа при пристигнувањето на самитот на ЕУ.
Американски функционер рече дека Г7 и ЕУ - кои ќе одржат самит со Кина на 1 април - ќе ги разјаснат сите трансакции во кои беа вклучени руските златни резерви кои беа покриени со санкции, потег кој имаше за цел да ја спречи Русија да ги избегне казните.
Едномесечната инвазија ги погоди станбените области, училиштата и болниците во украинските градови, вклучувајќи ги Харков и пристаништето Мариупол на Азовското Море. Русија негира дека мета биле цивили.
„Путин веќе ја премина црвената линија во варварство“, рече британскиот премиер Борис Џонсон, додека Лондон ги претстави рестрикциите на Гаспромбанк и Алфа банка, како и на поќерката на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Колку се потешки нашите санкции... толку повеќе можеме да направиме за да и помогнеме на Украина... толку побрзо оваа работа може да заврши“, рече Џонсон.
НАТО, сепак, ги отфрли повеќекратните молби на Киев да го брани небото на Украина и рече дека нема да испраќа војници во Украина од страв да не биде вовлечена во целосна воена конфронтација со нуклеарно вооружената Русија.
„Остануваме обединети и решителни во нашата одлука да се спротивставиме на руската агресија, да и помогнеме на владата и на народот од Украина и да ја браниме безбедноста на сите сојузници“, се вели во заедничката изјава на лидерите на НАТО.