Столтенберг за поголеми испораки на тешко оружје на Украина
15 јуни 2022„Да, Украина треба да има повеќе тешко оружје, зашто тие се апсолутно зависни од него за да можат да се одбранат од бруталната руска инвазија“, изјави Столтенберг вчера во Ден Хаг.
Украинската влада во изминатите денови во повеќе наврати побара од западните држави да ѝ испратат тешко оружје, претседателот Володимир Зеленски укажува на воената надмоќ на рускиот агресор, што посебно ситуацијата во Донбас ја прави исклучително тешка. Украина инсистира на тоа да биде опремена со артилерија со долг дострел, за да може да парира на руските напади.
Во Киев владее неразбирање особено за односот на Германија, се критикува големата колебивост на Берлин. Германската влада по долги одолговлекувања вети испорака на редица видови тешко оружје, меѓу кои танкови за противвоздушна одбрана Гепард, како и оклопни хаубици 2000.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрла критиката, тврдејќи дека Берлин од самиот почеток го поддржува Киев, и со укажување дека испораката на модерни воени системи, како оклопни хаубици 2000, би била грешка без неопходни инструкции и обука на украинските војници.
Шефот на НАТО тврди дека Алијансата во меѓувреме веќе ги интензивирала испораките на оружје. Столтенберг беше поканет во Холандија од тамошниот премиер Марк Руте и од данската премиерка Мете Фредериксен, а на разговорите во чиј фокус била војната во Украина, учествувале и шефовите на влади на Полска, Романија, Летонија, Португалија и Белгија, во рамки на подготовките за самитот на НАТО во Мадрид на крајот на јуни. На самитот, според Столтенберг, ќе биде договорено значајно зајакнување на одвратувачките и одбранбените капацитети на НАТО како реакција на руската инвазија врз Украина. НАТО веќе ја засили способноста за одбрана на секој сантиметар од територијата на Алијансата, истакна Столтенберг синоќа.