Граѓаните ризикуваат складирајќи гориво за „црни денови“
4 март 2022Нафтоманија ги зафати сите земји од регионот, како последица на кризата предизвикана од руско-украинскиот спор, а редици за нафта и бензин се создадоа и пред безниските станици воСеверна Македонија. Граѓаните поитаа да складираат нафтени деривати пред да поскапат, притоа ставајќи се во ризик. Се складира гориво во буриња, канистри, канти и други садови, што е спротивно на законските регулативи, бидејќи несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината. Ситуацијата ја искористија и дел од бензиските пумпи, кои незаконски ја ограничија продажбата на горивото, со цел да соберат резерви кои поскапо ќе ги продаваат. Надлежните апелираат - да не се крева паника и да не се прават злоупотреби.
Нема криза со бензин
Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека во земјата нема никаква криза со бензин, бидејќи со нафтени деривати претежно се снабдува од Грција.
„Сакам да апелирам до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации, бидејќи во државата има доволни количини на енергенси. Сакам да апелирам и до трговците да не шпекулираат со ограничување на количината за продажба на нафтени деривати на бензинските пумпи“, вели Ковачевски.
Дел од трговците ги ограничуваат количините за точење со цел да ги зачуваат набавените залихи од шпекулативни причини. Според премиерот, „тоа е класично воено профитерство“. Пазарната инспекција е веќе на терен, а дека нема да се доволат вакви злоупотреби потврдува и првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
„Во ниту еден момент не е доведено во прашање снабдувањето со нафтени деривати. Вчера се направи паника, неоснована поради шпекулации на социјални мрежи каде т.н експерти лицитираа со цени на нафтени деривати“, вели тој.
Комисијата добила поплаки од потрошувачи дека одредени мали трговци ја ограничиле понудата, и дозволувале да се точи гориво за 500 денари или на камиони не дозволувале воопшто. Некои од нив во очекување на корекција на цената, сакаат да ги чуваат залихите и да прават екстра заработка.
„Според закон, забрането е да се ограничува продажбата. Ние го информиравме Државниот пазарен инспекторат кои веднаш излегоа на терен. Ги очекуваме имформациите. Но, со оглед на тоа дека малите трговци не ги лиценцираме очекуваме сите институции да реагираат во рамките на своите надлежност“, вели првиот човек на Регулаторната комисија.
Набавката на гориво во буриња е противзаконска
Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии за граѓани коишто полнат гориво во буриња, канистри и канти од „Макпетрол“ предупредија дека тоа е спротивно на законските регулативи. Несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината.
Има доволно и житарици
Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви, што беше соопштено и по состанокот на Советот за безбедност што се одржа минатата недела. „Секоја година увезуваме дел од брашното и житото од Србија во рамките на трговските договори. Го зголемивме производството на жито во државата и имаме доволни количини кои се преработуваат во мелничарската индустрија“, вели тој.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.
Ако домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија. Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87 илјади тони, додека во 2021 година е намален и изнесува 74 илјади тони. Увозот на брашно во 2017 година изнесува 53 илјади тони, додека во 2021 година изнесува 41 илјади тони. Увозот на јачмен во 2017 година изнесува 15 илјади тони, а во 2021 година само 950 тони. „Ова значи веќе целосно задоволување на домашните потреби од производство на јачмен“, децидни се од Владата.
Државата, според најавите, ќе им помогне на компаниите кои увезуваат суровини од Украина и кои треба да се свртат кон други пазари. Со цел да се заштити стандардот од последиците на кризата, беа донесени мерки за ограничување на цените и за ограничување на маржата на трговците. Владата подготви и социјални пакети за енергетска поддршка на ранливите семејства, се покачи минималната плата, а се подготвува и По украинскиот конфликт - како да се заштити македонската економија?методологија за покачување на пензиите.