Национализам кој доаѓа од Исток
8 јануари 2018Немаше потреба од натамошни докази за докажување на самодовербата на членките на ЕУ од источна Европа. Но Виктор Орбан, унгарскиот моќник и премиер, го искористи својот гостински настап кај баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) за да искаже јасни зборови: муслиманските бегалци за неговите сонародници се муслимански напаѓачи. „Не ни се допаѓа тоа", рече Орбан. А Унгарија сигурно не сака да се наметнува, рече Орбан за таблоидот „Билд“. Орбан во рекацијата на критиките од страна на шефот на германските социјалдемократи Марин Шулц уште порача дека не дозволува мешање во одлуките на неговата земја, која како што истакна заслужува повеќе повеќе почит. Нема сомнеж: во ЕУ се случува политички раскол.
Дебатата за вредностите на Исток се одвива поинаку
Европската унија некогаш беше посакувана адреса за поранешниот Источен блок. Тоа беше пред само 25 години. Во меѓувреме, Европската унија има големи проблеми со своите помлади членки. Истото важи и обратно. Полска и Унгарија ја сметаат заедницата на вредности во Брисел за ништо повеќе од машина за правење пари. Тие го отфрлаат централизмот на Брисел. Во мултикултурализмот во Западна Европа, тие гледаат закана. Наместо тоа, во Варшава и во Будимпешта се дефинирани нови стари вредности: татковина, христијанска вера, семејство. Политички и социјални идеали, како овие важат и во Чешка и во Словачка. Формирано е контрадвижење против отворените општества на Западна Европа.
Повеќе на темата:
- Моја Европа: Ве молиме, покажете малку емпатија!
-Источна Европа: Демократските принципи во опасност
-Популизам: анализа на еден феномен
Зад сето ова стои идејата за повторно давање приоритет на нацијата во една безгранична, глобализирана стварност. Со ова, Виктор Орбан и неговата партија Фидес ги редефинираат стандардите на вредностите за унгарската нација. Тоа е обид повторно да се поедностави светот кој стана комплициран и кој колективно се доживува како опасен. Истиот курс го следи и Јарослав Качински, полскиот моќник и претседател на партијата ПиС. И двајцата владеат автократски и не ги кријат своите задршки кон западните општествени модели. Орбан ја означи својата нова Унгарија како „нелиберална држава", Качински го нарекува неговото преструктуирање на државата - добра промена. Европската идеја, таков е впечатокот, во моментов се редефинира на Исток.
Недостаток на социјалдемократија по социјализмот
Последица е значително поместување кон десно на источниот раб на ЕУ. И тоа има само ограничена врска со економската нужда. Затоа претпоставката дека економската криза и високата стапка на невработеност промовираат националистички чувства не е многу убедлива кога на пример ќе се погледне Чешката Република. Економскиот раст од речиси пет проценти и спектакуларната стапка на невработеност од само три проценти, најниска во ЕУ, не го спречи поместувањето кон десно под власта на премиерот Андреј Бабиш. Сличен е развојот и во Полска. Во 1990 година, просечниот Полјак произведуваше само една дванаесеттина од просечниот Германец, во 2016 година пак веќе една треттина. Па сепак, национализмот е во пораст. „Њујорк тајмс" е сигурен: „Популизмот живее во Источна Европа".
Тоа е така зашто источните транзициски држави не поминале низ социјалдемократска ера по 1990 година, тврди Пјотр Бурас, водечки политиколог во Полска. Така, неолиберализмот речиси неконтролирано го погоди општеството распарчено од комунизмот. Немаше социјална држава и синдикатите беа слаби. Капитализмот пристигна нагло без да биде ублажен. Ова остави лузни, како што е комплексот на помала вредност која продолжува до денес. Во Полска, според писателот Зимовит Шчерек, луѓето сѐ уште сметаат дека Западот гледа кон Полска како на „малку сиромашна, малку заостаната и понеефикасна земја“.
Полска: Одредена наклонетост кон аутизам
Во изминатата недела (3.1.), новиот полски премиер Матеуш Моравјецки својата прва посета во странство по стапувањето на должноста ја направи не во Брисел, туку во Будимпешта. Тоа е јасна политичка порака: Унгарија за Полска е поважна отколку ЕУ. Потоа го посети својот колега во Словачка. Гласовите кои повикуваат да му се сврти грбот на Брисел се едвај чујни, но во однос на внатрешните врски со ЕУ, Варшава се однесува како странец кон европското семејство. Многу луѓе, според полската писателка Инга Ивасиов, сметаат „дека ЕУ ни го одзема нашето достоинство". Од Запад ќе дојдат само „ограничувања, проблеми и морален релативизам“. Прашањата за општествен консензус од Запад, како што се еднаквите родови права, одделувањето на државата од религијата и малцинските права, никогаш не пристигнале во Полска, вели Ивасиов.
Наместо тоа, Полјаците, во ерата на ПиС, во прв ред се преокупирани сами со себе. Ова одредена наклонетост кон аутизам е особено евидентна во оваа јубилејна 2018 година, во која Полска ја одбележува обновата на државниот суверенитет пред точно 100 години. Нацијата е над сѐ, поуки од Брисел или од Берлин не се дозволени во Варшава. Според логиката на ПиС, судството мора да се потчини на „волјата на народот". Зад сите неодамнешни феномени на политичко-општествено поместување кон десно стои чувството дека историски речиси секогаш Полска е жртва. Одговорот на ова гласи - патриотизам и национализам.
Унгарија: Несигурен национален идентитет
Сличен е и описот на состојбите во Унгарија. Премиерот Орбам систематски ги полни судството и администрацијата со свои следбеници. Претставата дека по политичките промени во 90-те години од минатиот век Унгарија ќе ги следи западните идеали за демократски устав, пазарна економија и мултикултурализмот беше погрешна, вели шефот на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, Мајкл Игнатиев.
Универзитетот во Будимпешта, кој е високо почитуван и познат ширум светот како Сорос-Универзитет е трн в око на Орбан. Во декември германскиот магазин „Шпигел“ оцени дека на универзитетот студира онаа интернационална елита, на која Унгарците гледаат со недоверба. „Сорос е симбол на оној финансиски капитализам за кој десничарските популисти тврдат дека ќе ги загрозува традициите", напиша „Шпигел“.
И тука, исто така, војната на култури овозможува длабок увид во колективниот идентитет. Имено, дури во 1920 година Унгарија стана самостојна држава, произлезена од Хабсбуршката двојна монархија. Млада нација со многу работа пред себе кога станува збор за идентитетот. Орбановото враќање кон „унгарските вредности" на многу Унгарци им сугерира поддршка и безбедност. Тоа е свет „без странци, органски хипстери и бриселски службеници", напиша „Шпигел“.
Она што во моментов може да се забележи на источните рабови на ЕУ, повеќето паметни глави не можеа да си го претстават пред повеќе од 25 години. Усвојувањето на демократските стандарди и слободната пазарна економија - со или без социјална компонента - се сметаа за поставени. И тоа во период од само неколку години. На сето тоа во 1990 година му се спротивстави германскиот социолог Ралф Дарендорф. Тој процени дека за изградба на демократско општество се потребни 60 години. Иронично, учениците за пример меѓу поновите членки на ЕУ, Полска и Унгарија, се чини дека го потврдуваат долгиот пат кон хармонизација на Европа.