1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмалку 17 повредени во руското бомбардирање на Мариупол

БГ /АП
9 март 2022

Руски воздушен напад погоди родилиште во опколениот град Мариупол во средата. Најмалку 17 луѓе се повредени. Од почетокот на руските напади врз градот убиени се над 1.200 цивили.

https://p.dw.com/p/48FzV
Ukraine zerstörte Geburtsklinik in Mariupol
Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Серија бомби погодија родилиште во Мариупол во последниот од серијата руски напади врз цивилни објекти во Украина. Снимките од местото на нападот покажуваат полицајци и војници кои ги евакуираат жртвите, меѓу нив и бремени и раскрвавени жени. Пред болницата, руските бомби направија кратер длабок десетина метри.

„Денеска Русија направи големо злосторство“, изјави Володимир Никулин, локалниот полициски командант. „Ова е воено злосторство без никакво оправдување“.
Претседателот Володимир Зеленски на Твитер напиша дека во урнатините има жени и деца, и го нарече нападот злосторство. Британскиот премиер Борис Џонсон порача дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе одговара за злосторството“. 

Ukraine zerstörte Geburtsklinik in Mariupol
Родилки се евакуираат од разурнатата болница во Мариупол Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

„Има малку нешта кои се помалоумни од напади врз ранливите и беспомошните“, рече Џонсон.

Локалните власти во Мариупол велат дека од почетокот на руската опсада врз градот биле убиени 1.207 цивили.

Погреби во масовни гробници 

Користејќи го прекинот на огнот кој беше прогласен утрото во средата, локалните власти во Мариупол ги погребуваа жртвите во масовна гробница. Градските служби ископаа 25 метри долга гробница во близина на градските гробишта и ставија голем крст над земјата која ги покри останките на луѓе завиткани во чаршави и торби. 

Тешко болни деца се лекуваат во болнички подруми во Киев
Стратешкиот пристаништен град на Азовското море, кој некогаш броеше 430 илјади жители, е под опсада на руските трупи веќе една недела, и се соочува со непрестано бомбардирање. Илјадници луѓе во градот се без струја, вода и храна повеќе од седум дена.

Над два милиони Украинци досега успеаја да побегнат од воената агресија во соседните земји, а во средата уште неколку десетина илјади беа евакуирани од Киев и други градови.

Се очекува кризата да се влоши со оглед на тактиката на Москва да врши опсада врз големите градови и да бомбардира цивилни цели.

Лекување во скривници во Киев