Најопасните супер-бактерии
Злоупотребата и прекумерната употреба на антибиотици, како во медицината така и во земјоделството, води кон создавање на мултирезистентни бактерии. Набројуваме само дел од најупорните и најопасни претставници.
Кандида аурис (Candida auris)
Кандида аурис е квасна габичка која брзо се шири низ светот. Таа е веќе резистентна на фунгицидите, кои досега успешно се користеа за сузбивање на габични инфекции. Досега е регистрирана на пет континенти и толку тешко се отстранува, што некои болници мораа да бидат затворени заради нејзино уништување.
Псеудомонас аеругиноса (Pseudomonas aeruginosa)
Оваа исклучително резистентна бактерија од страна на Светската здравствена организација е рангирана како една од најголемите опасности за човековото здравје. Таа е и една од најчестите болнички бактерии. Таа е посебно опасна за лицата со ослабен имунитет, но и здравите луѓе можат да добијат ушни и кожни инфекции доколку дојдат во контакт со неа.
Гонокок (Neisseria gonorrhea)
Против трипер, кого го предизвикува бактеријата гонокок, не постои вакцина, па затоа антибиотиците се единствена опција за лекување на инфекцијата. Но, предизвикувачот на сексуално преносливата болест сѐ повеќе станува отпорен на лековите. Во 2018 година се пријавени два случаи на т.н. супер гонореја во Австралија, а два натамошни во почетокот на 2019 година во Велика Британија.
Салмонела (Salmonella)
Инфекција со салмонела може да предизвика различни заболувања, како тифус, паратифус или запаление на цревата. Во последните децении настана еден вид брзо пренослив и резистентен вид на оваа бактерија. Во Азија и во Африка на пример постојано избиваат епидемии на бактеријата салмонела имуни на лекови, кои се шират преку контаминирани прехранбени продукти или преку водата.
Ацинетобактер баумани (Acinetobacter baumannii)
Оваа бактерија најчесто се среќава во почвата и во водите. За здравите луѓе таа главно не е опасна. Но, кај тешко заболените и заслабнати лица може да доведе до опасни воспаленија на белите дробови, инфекција на рани и труење на крвта (сепса) со смртни последици. Тоа е причина што од инфекции со оваа бактерија страдаат посебно пациентите во одделенијата за интензивна нега.
Туберкулоза ( Mycobacterium tuberculosis)
Бактеријата на туберкулоза ја предизвикува една од најчестите инфективни болести со преку 1, 7 милиони смртни случаи годишно. Се проценува дека до шест проценти од новите случаи на туберкулоза се во голем дел резистентни на медикаменти и бактеријата веќе не реагира на сегашните терапевтски методи.