На две тркала - Африка и нејзините „жичени магариња“
Дрва, вода, зеленчук, животни - за транспорт во Африка често се користи велосипедот. Автомобилите за многумина се прескапи, а со малку креативност со велосипед може да се пренесе речиси сѐ.
300 килограми на багажник
Не може да не е можно - тоа веројатно си го помислил и овој велосипедист од Мозамбик. На своето „жичено магаре“ има товарено шест вреќи ќумур, што е околу 300 килограми. Возење веќе не е можно - велосипедот мора да се турка одзади, а се управува со јажиња врзани за управувачот.
Енергија на две тркала
Овој човек носи ќумур со велосипед од внатрешноста на Мозамбик во градот Беира. Вака натоварен вози 100 километри и тоа по патишта кои немаат асфалт. Многу релации можат да се минат подобро со велосипед отколку со автомобил. Луѓето се упатени на велосипедистите-возачи на ќумур, зашто гас или електрична енергија можат да си дозволат малкумина.
Кога гумата ќе се дупне...
Кога панталоните ќе се скинат, ги крпи „Фунди“, кога ќе се скине чевелот исто така го поправа „Фунди“, а и кога ќе се дупне гумата на велосипедот во близина сигурно има некој „Фунди“ кој ќе ја залепи. „Фунди“ на свахили јазикот значи занаетчија и тие секогаш се барани. За среќа, работилниците за поправка на велосипеди, како овде во Кенија, се наоѓаат покрај патот и помош се добива веднаш.
Без велосипед нема пари
На луѓет често им се потребни часови за да стигнат на училиште или до вода, дрва и храна. Во многу региони на Африка има малку превозни средства, а автомобилите се скапи. Кој не може да си ги транспортира намирниците за живот, е навистина „на цедило“. Но, овој селанец од Нигер може сите работи што сака да ги продаде на пазар, да ги транспортира одеднаш со својот велосипед.
Стока за селските продавници
Кој има „Дука“ (на свахили - киоск), а не поседува возило за транспорт, мора да биде досетлив за да се снабдува со стока. Намирниците се транспортираат од првиот поголем град до најмалите села во Танзанија. Многу Африканци сакаат Кока Кола и кој може да товари повеќе гајби на својот велосипед е во предност.
Велосипед-продавница како бизнис модел
Велосипедите се добри и како продавници. Овој танзаниски трговец има чевли, чанти и пластични садови. Во Африка има многу улични трговци. Тие често немаат дозвола за работа, па доаѓа до конфликт со полицијата.
Пиле-експрес
Колку пилиња и кокошки може да се обесат на еден управувач? Овој трговец од Нигерија направи проба. Попатно продава „Пиле to Go“, но неговата вистинска цел е всушност пазарот. Таму се продаваат свежи продукти. Затоа и сите кокошки и пилиња на неговиот управувач се живи.
Излет во Малави
Велосипедите во многу земји во Африка служат и како такси. Багажникот е тапациран, така што муштериите удобно и за малку пари можат да стигнат до целта. Таксито во Кенија, Уганда и Танзанија се вика „Бода-Бода“, име што доаѓа од „border-to-border“ (од граница до граница). Тие биле користени пред се‘ во 1960-тите во граничните региони.
Дозвола за возење велосипед
Во Квелимане, во северен Мозамбик, градската управа се обидува да го намали бројот на велосипедисти-таксисти на улиците. Таа во 2010 година воведе еден вид дозвола за велосипедистите, која официјално чини околу 12 евра. Таксистите со велосипед протестираа, по што градската управа попушти и ја укина одлуката за лиценците.
Чисто задоволство
Покрај сите можности за користење на велосипедот како транспортно средство, тој се користи и во слободното време и за спорт. Меѓу за‘рѓаните велосипеди има и модерни маунтинбајкови. Ова момче на Сејшели вози велосипед не за да заработи пари, туку од забава.