1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на ЕУ-преговори за Северна Македонија и Албанија

БГ /АП
10 јануари 2020

По повеќегодишни неуспеси и разочарувања, двете балкански држави би можеле во следните недели да добијат зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ, пишува агенцијата Асосиејтед Прес.

https://p.dw.com/p/3Vz87
EVP Kongress in Zagreb
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Vojinovic

Повикувајќи се на изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, АП информира дека хрватските претставници делуваат сигурно дека ќе успеат да ги исполнат барањата на Франција за реформа на преговорачкиот процес за време на нивното претседателство со ЕУ. Според тие проценки, до крајот на март Северна Македонија и Албанија би можеле да го добијат посакуваниот почеток на преговорите.

„Франција имаше некои резерви кои повеќе беа од концептуална природа во однос на методологијата на преговорите“, изјави Пленковиќ во Загреб во четвртокот за време на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Без да наведе детали, Пленковиќ рече дека Европската комисија работи на сугестиите за подобрување на методологијата, и дополнително на уште неколку чекори кои земјите-кандидати би можеле брзо да ги реализираат.

Мишел рече дека треба да се преземат чекори за „модернизација на процесот на проширување“. Тој го потенцираше принципот на реверзибилност, кој би значел дека земјите ќе мораат одново да отвораат некои поглавја доколку назадуваат во реформите. Сепак, такво нешто постоеше и досега, затоа што преговорите се водеа според правилото „ништо не е завршено, додека не се заврши сѐ“.

Францускиот претседател Емануел Макрон неделава изјави дека посакува самитот ЕУ-Западен Балкан во мај во Загреб да биде „момент на единство“ за Европа и „успех“. Хрватските власти овие пораки ги читаат како сигнал дека ќе биде пронајдено решение, веројатно до самитот на лидерите на ЕУ во Брисел во март.

Пленковиќ најави дека проширувањето на ЕУ ќе биде тема и на неговиот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин следната недела.