На располагање на руските интереси
25 април 2018Висок степен на согласност меѓу Русија и Република Српска по сите прашања, од економија до (не)пристапување на Босна и Херцеговина во НАТО сојузот, е суштината на разговорот меѓу Валентина Матвијенко, претседателка на Советот на федерацијата на Горниот дом во рускиот парламент и претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик. РС е многу важен партнер на Русија рече Матвијенко, зборувајќи за едно од најважните прашања- влезот на БиХ во НАТО.
Европска безбедност не е можна без Русија
„Ставот на Русија кога станува збор за влезот на БиХ во НАТО е јасен. Ние сме против проширување на НАТО сојузот во Европа. Се противиме на нови линии на разделување на таков начин. Тие потези ја загрозуваат безбедноста на европскиот континент. Безбедноста може да биде само единствена за сите држави. Европската безбедност не е можна без Русија и обратно“, рече Матвијенко.
Додик им се заблагодари на Русија и на нејзиниот претседател Владимир Путин за зачувување на Дејтонскиот договор. „Нашата соработка со ЕУ не може да биде на сметка на соработката со Русија“, вели Додик.
Русија има голем интерес кога станува збор за БиХ, а тој интерес ќе се остварува преку РС, сметаат аналитичарите. Матвијенко за време на посетата на Бања Лука рече дека РС „не е само братска република“ туку многу повеќе од тоа. Токму поради тоа РС ќе ги застапува сите интереси на Русија, смета професорот Енвер Казаз.
РС на располагање на Русија
„БиХ, особено РС е пресудна за односот меѓу Русија и НАТО на Балканот. Кога го велам тоа мислам на конфликтот на интересни сфери меѓу ЕУ, НАТО и Русија. Јасно дека губитник во тој однос е Република Српска, што покажуваат економските параметри и е јасно оти РС на тој начин им се става на располагање на она што би можеле да го наречеме интереси на Русија. БиХ и РС се заложници на судирот меѓу Русија и НАТО на Балканот. Јасно е значи дека политиката која РС треба да ја води во БиХ ќе биде водена според интересите на Русија“, вели Казаз.
Повеќе:
-Пропагандата на Москва ги разгорува конфликтите на Балканот
-САД и Русија на Балканот ги чуваат исклучиво сопствените интереси
Додик во последните години неколку пати се сретна со Путин, а за време на секој состанок разговарано е за инвестициите од Русија и за можностите за соработка. Така е најавен руски кредит од 700 милиони евра и еден помал од 70 милиони. Најавени се и вложувања во енергетски проекти, во термоелектраната Угљевик 3 како и во неколку хидроелектрани.
Најважна инвестиција сепак е купувањето на нафтената индустрија на РС за 121 милон евра уште во 2006 година, но нивните загуби денес се повеќемилионски, тврдат аналитичарите, па не може да се зборува за здрав капитал и за инвестиции.
„Русија успева со минимални инвестиции да оствари максимални резултати. Многу помудро оперира и манипулира со политичките и со финансиските инвестиции во БиХ во однос на Америка и на ЕУ. Сепак, се занемарува фактот дека и оваа посета како и неодамнешната од руската Дума, покажа оти Русија се обидува да воспостави подобри односи и со државното ниво и да излезе од тесните политички односи кои постојат со РС“, вели аналитичарот Среќко Латал.
Бојкот на свечената седница во Народното собрание
Руската делегација на чело со Валентина Матвијенко беше дочекана со највисоки почести во Бања Лука со интонирање на химните на Руската Федерација и на Република Српска. Таа се зблагодари на топлиот прием и на гостопримството и го оцени тоа како „голем гест кон Русија“.
Матвијенко им се обрати и на пратениците во Народното собрание на РС на свечена седница на која не присуствуваа пратениците од Коалицијата Татковина. „Не можеме да присуствуваме бидејќи не сакаме повторно да ги понижиме БиХ и Бошњаците. Не може никој да го менува карактерот на војната и тоа е лицемерно и навивачки. Тоа не му доликува на лидер на една голема земја како што е Русија. Јавно застапување дека оваа земја не може да се движи кон интеграција во ЕУ и НАТО не е нешто што сакаме да го поддржиме. Не можете тука да ги понижувате жртвите. Бања Лука денес нема ниту едно државно обележје и ние не сакаме да учествуваме во тоа. Очекуваме поради тоа да се упати протесна нота“, вели пратеникот во Народното собрание на РС Недим Чивиќ коментирајќи го говорот на Валентина Матвијенко во Парламентот на БиХ и нејзината квалификација оти во БиХ се водела „цивилна војна“.
Со руската делегација пред свечената седница во Бања Лука, беше разговарано и за набавка на хеликоптери за полицијата на РС, подобрување на културните врски, но и за изградба на руско-српски православен центар во Бања Лука, кој, како што е кажано, би требало да претставува доказ за поврзаноста меѓу двата народа.