1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

На Сирија итно ѝ треба помош

Барбара Везел
24 април 2018

На донаторската конференција за Сирија, организирана од ОН и ЕУ, се очекува собирање милијарди долари помош заради ублажување на хуманитарната катастрофа во земјата. Бројот бегалци таму расте, а политичко решение нема.

https://p.dw.com/p/2wYJC
Belgien Brüssel - Zur Syrien Konferenz: Zerbombter Klassenraum in Syrien
Фотографија: DW/A. de Loore

Еден од фокусите на донаторската конференција за Сирија, која се одржува во Брисел, се децата. Досега 2017. важеше за најпогубна година за Сирија, но 2018. може да биде уште покатастрофална и понасилна: кога војната се води во градските региони, посебно погодени се децата, вели Хеле Торнинг-Шмит од организацијата „Спасете ги децата“. Не постои доволно здравствено згрижување, недостига храна и нема училишта каде децата би можеле да побегнат барем делумно од траумите на војната и да ги преработат своите искуства. „Децата во Сирија ја губат својата иднина“, а подоцна ќе недостигаат лекари, медицински сестри и инженери кои ќе ја обновуваат земјата, вели Торнинг-Шмит.

Таа се жали што хуманитарниот пристап за хуманитарните помагачи во земјата станува сѐ потежок и поопасен, а освен тоа: „Двапати им се краде иднината на децата: прво ги принудуваме на бегство, а потоа не им овозможуваме школување“. Речиси половина од сириското населние во меѓувреме е во бегство низ земјата или во странство, претежно во соседните држави. Важно е подобрување на нивниот правен статус таму, како и обезбедување финансиска поддршка за Јордан и Либан, со цел младите Сиријци да добијат пристап до образование.

Повеќе: 

Подобро празни зборови, отколку празни патрони

Кој и за што сака да војува во Сирија?

Организацијата на ОН за деца, УНИЦЕФ, има пофалби посебно за соседите на Сирија, каде сириските деца можат да одат во училиште заедно со домашните. „Тие ја обновија образовната инфраструктура, вработија дополнителни учители и ја поддржуваат толеранцијата помеѓу мештаните и сириските бегалци.“ Овие две земји мораа да се справат со уште два милиона деца, и тоа покрај сопствената слаба економска положба. Поради тоа е потребна „флексибилно, безусловн и долгорочно финансирање на образовниот сектор во најважните земји-прифаќачи на бегалци“, вели директорот на УНИЦЕФ за Блиски Исток, Геерт Капелерие.

Vom Krieg zerstörte Schulen in Syrien Douma
Училиште среде урнатини - во сирискиот град ДумаФотографија: Reuters/B. Khabieh

 Напори за обезбедување пари

Борбата за иднината на сириските деца е само еден од многуте аспекти. На првата Донаторска конференција за Сирија лани пролетта беа ветени околу девет милијарди евра помош за проекти кои делумно течат до 2020. година. Но, сега е потребно да се обезбедат нови милијарди. Меѓународните организации за помош алармираат со катастрофални вести од областа на здравството и исхраната.

Светската програма за храна моментно згрижува половина од вкупно шест милиони бегалци надвор од Сирија, за што се потребни околу 900 милиони долари годишно, а сега на располгање се само 500 милиони. Во меѓувреме има уште 500.000 протерани луѓе, кои исто така треба да се обезбедат со основното за преживување, а Светската програма за храна предупредува и за уште една претстојна хуманитарна катастрофа во провинцијата Идлиб, каде од борбите се загрозени до 700.000 луѓе. 

Организацијата „Лекари без граници“ пак упатува на другата катастрофа, во Јордан во февруари истече субвенционираната здравствена помош за Сиријците, сега тие се практично без медицинска помош.

Натамошен аспект е и отежнатиот пристап за хуманитарна помош. Според ОН, режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад лани од 171 конвои со помош одобрил дозвола за пристап на само 47. Помагачите и самите стануваат цел на напади: речиси сите организации се жалат дека во земјата не можат безбедно да работат. Засега не може да стане ни збор за враќање на бегалците во уништената земја: „Сирија не е безбедна и не е подготвена на враќање на луѓето дома. Конференцијата мора тоа да го акцептира, да се избори за правата на бегалците и да ги поддржи соседните држави, кои прифатија 5,6 милиони луѓе“, истакнува Марк Шнелбехер од Меѓународниот комитет за бегалци.

Syrien Flüchtlinge aus Ost-Ghuta
Бројот на бегалци во Сирија се зголемуваФотографија: Getty Images/AFP/L. Beshara

Беспомошни повици за политичко решение

„Донаторската конференција е истовремено и израз на беспомошноста на меѓународната заедница“, вели Бербел Дикман од организацијата „Борба против гладот во светот“. А европратеничката и експерт за човекои права, Барбара Лохбихлер инсистира на координирана европска  дипломатија за конфликтните страни во Сирија да бидат доведени на преговарачка маса заради постигнување политичко решение. Но, лесно е да се каже, а тешко е да се постигне. Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Штафан де Мистура, исто така присутен во Брисел, тоа добро го знае. Иако германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на средбата на Г7 во Торонто побара Русија да даде свој придонес, сите напори досега капитулираа поради ставот на Москва и Дамаск, каде Асад се гледа себе си на победничката страна.

Во Брисел се дискутира само за хуманитарната поддршка, потврди и портпарол на ЕУ, не за обнова на земјата, за тоа е уште рано. А токму во тоа е дилемата на оваа донаторска конференција: хуманитарната несреќа расте побрзо отколку подготвеноста на донаторите постојано да одвојуваат нови милијарди средства. Крај на спиралата не е на повидок.