На училиште со маска по летните горештини
12 август 2020За Кристофер Ниадисај ова е прв ден во новото училиште. Овој 15-годишник го започнува 11-то одделение. Додека со соучениците гледаат кон портите на нивното училиште во Бон, чувството на исчекување е големо. Ниадисај подзастанува пред портата и става бела маска на лицето. Како и соучениците, ќе мора да ја носи во текот на целиот ден. Сите ученици во средните училишта во покраината Северна Рајна Вестфалија, околу два милиони вкупно, мораат да ги покријат устата и носот: во школскиот двор, за време на наставата, во ходниците. Целта да се спречи ширењето на коронавирусот.
Целодневно носење маска
„Нервира“, вели Ниадисај повлекувајќи ја ткаенината на маската. „Не можам нормално да дишам. Тешко е со ова да се учи, тешко ми е да се концентрирам“.
Маските ќе бидат задолжителни најмалку до крајот на месецов. Тој и другите ученици се надеваат дека потоа ќе им биде дозволено да ги вадат барем за време на часовите.
Во зградата, директорката Урсула Дрезер ги објаснува преземените мерки. Различни влезови за различни класови, редовно отворање на прозорците, социјална дистанца низ целото училиште и дворот.
Северна Рајна Вестфалија е единствената покраина во Германија која наложи задолжително носење маски во училиштата. Дрезер вели дека и таа била изненадена.
„Бев шокирана затоа што не очекувам дека луѓето ќе можат да го поднесат тоа“, вели таа. Според директорката, се уште е рано да се процени каков ефект ќе имаат маските врз учењето на децата.
„Кога ви е жешко и испотени сте, влегувате во лошо расположение. Од друга страна, не знам што е исправно. А заштитата е секако подобра од инфекција“, вели Дрезер. Во секој случај, покраинските власти најавија драстични казни за неносење заштитна маска- учениците можат да бидат исклучени од училиште.
Неколку километри оддалечено е друго средно училиште во Бон. Наставникот по математика Штефан Гроте се согласува дека маските ги ограничуваат учениците.
„Тоа е предизвик за сите“, вели тој за ДВ. „Но не гледам алтернатива. Тоа е за доброто на сите и постојат научни докази дека е ефективно и има логика“.
Гроте не гледа причина за релаксирање на мерките, особено со последниот раст на бројот на новозаразени. Тој вели дека брзо се навикнал на носењето маска, но сега има друг проблем: тешко ги распознава учениците.
На училиште по долга пауза
И покрај обврската за носење маска, многу ученици се среќни што се назад на училиште. Претходната учебна година многумина ја завршија дома со онлајн настава.
„Среќна сум што повторно сум со другарките“, вели 11-годишната Роза Холцварт. Корине Сантара, која седи до неа, живее на 15 километри оддалеченост од училиштето во покраината Рајнланд Фалц.
„Тука одам на училиште па морам да носам маска по цел ден. Моите соседи не мораат. Тоа е глупаво, посакувам и јас да учев таму“.
Мерките за превенција од коронавирусот се разликуваат од покраина до покраина и од училиште до училиште. Некои училишта воведоа еднонасочни системи за учениците да не мораат да се разминуваат. Други пак се обидуваат да држат настава во природа.
Кристофер Ниадисај и неговите соученици од 11 одделение се собрани околу старата липа во школскиот двор. Тројца наставници ги поздравуваат додека учениците стојат во полукруг околу нив. Наставниците ги објаснуваат правилата. Доколку има доволно дистанца до другиот, може да се извади маската. Кристофер Ниадисај не чека да му кажат двапати. Се оддалечува еден чекор назад, ја вади маската и длабоко вдишува. Којзнае кога повторно ќе ја има таа шанса?