На хрватскиот аграр му се заканува увозна катастрофа
23 септември 2014Хрватскиот аграр во последно време е изложен на големо искушение поради руското ембарго за увоз на прехранбени производи од земјите во ЕУ. Проблемот не е во вкупната трговија, бидејќи само околу 1,5 проценти од извозот на храна од Хрватска е наменет за Русија, што не надминува 25 милиони американски долари годишно, туку во прашањето - што ќе се случи со големиот вишок на производи во целата Унија под ембарго и како тоа ќе се одрази врз хрватското земјоделие и врз индустријата во земјата?
Горан Џулиќ, економист од „Базата за работничка иницијатива и демократија“ и аналитичар на домашната земјоделска политика и пракса, смета дека последиците од ембаргото ќе бидат катастрофални.
„Реално е да се очекува дека внатре - во заедничкиот пазар на ЕУ, пласманот на големите количини стоки по ниски цени, кои првобитно беа наменети за рускиот пазар, да заврши на послаби и посиромашни пазари, како нашиот. Потоа ќе дојде до уште поголемо рушење на цените на домашните производи без никакви сериозни механизми со кои би можел да се заштити аграрниот сектор“, објаснува Џулиќ во изјавата за Дојче веле.
Несразмерност во пазарниот потенцијал
Домашните земјоделци веќе ги чувствуваат ефектите од руското ембарго. Ударот се чувствува од засилениот увоз на јаболки по дампинг цени од другите земји во ЕУ, кои својот земјоделски сектор го потпомагаат многу повеќе и подобро отколку што тоа се прави во Хрватска.
„Полска, на пример, има големо производство на јаболки - десетпати поголемо од нашето. Но, немаат капацитети за складирање, каде би се зачувале вишоците настанати поради запрениот редовен извоз во Русија. Кога ќе се наполнат посојните складишта, Хрватска ќе ја преплават евтини јаболки од Полска, а да не зборуваме за други земји“, истакнува Домагој Шкобиќ од кластерот „Славонска јабука“. Прашавме како дојде до ваква несразмерност во пазарниот потенцијал и каде да се бара решение?
„Пред седум-осум години најавивме што точно ќе се случи со влезот на Хрватска во ЕУ. Од една страна проблемот е во континуирано лошата државна политика, а од друга во големите приватни увозници, односно трговците во Хрватска“, вели Шкобиќ.
Проблем во пракса е и недостигот на стручност, која резултира со ниски приноси по хектар, како и недоволната инфраструктура. Се истакнува и недостигот на на ладилници, а тие што ги има не се во сопствеништво на самите производители, туку на трети субјекти. Сопственикот на ладилниците зема јаболки исклучиво тогаш кога може евтино да ги купи и скапо да ги продаде. Државата од пред некое време кофинансира 50 проценти од трошоците за градење ладилници, додека во други држави во ЕУ се кофинансираат и 75 проценти од трошоците. Но, хрватските земјоделци се оптоварени со кредити и не можат да се впуштат во таква инвестиција.
Увозното лоби против домашното овошје
Домагој Шкобиќ заклучува дека повеќе хрватски влади го поддржувале нередот во секторот за да и’ угодат на трговијата.
„Увозното лоби тука е одамна најсилниот фактор. Тие ги купуваат евтините европски вишоци со понизок квалитет од оние кои се испраќаат, на пример, во Англија. Потоа ни порачуваат дека едвај чекаат да им се тргнеме од полиците“, вели Шкобиќ.
Освен што се поскапи, хрватските јаболки се и понеатрактивно спакувани. Сето тоа го прави домашниот производите помалку конкурентен во однос на конкурентите од ЕУ. Шкобиќ го наведува италијанскиот случај, каде државата неодамна се обиде да влијае врз трговците на големо да ги помогнат домашните производители, поради хиперпродукцијата на кајсии и праски.
Мандарините стекнаа рамноправност
ЕУ за почеток одоби 125 милиони евра компензација за земјоделците погодени од руското ембарго. Делот за Хрватска од нив е премалку за целосна санација на штетите, предупредува Горан Џулиќ. Европратеникот Тонино Пицула од август бара од Европската комисија зголемени износи и ширење на листата на производи чиј пад во извозот се компензира. Таму ги немаше најзастапените овошки од хрватскиот извоз во Русија - мандарините. Пицула успеа во иницијативата, па Европската комисија минатата недела ги вброи и мандарините во пошироката листа.
Тонино Пицула во изјавата за Дојче веле нагласува дека Хрватска не може да биде конкурентна со цената и квалитетот и оти за повисок квалитет мора да помогне и државата. „Можно е тоа да се постигне со мерки во кои спаѓа дополнително поттикнување на потрошувачката, преку различни акции за делење јаболки во училиштата, потоа со помагање на младите земјоделци, како и во извозот, но и здружување на производителите поради поголем конкурентност“, сугерира Пицула.