1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

На чекор до ЕУРО 2021

СН/агенции
9 октомври 2020

Македонската фудбалска репрезентација го направи претпоследниот чекор до историски пласман на едно европско првенство. По победата над Косово, следува уште финалето со Грузија за влез меѓу европската фудбалска елита.

https://p.dw.com/p/3jfhO
Mazedonische Fußballnationalmannschaft feiert Sieg gegen Kosovo
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

12. ноември 2020 година дефинитивно ќе биде најважниот датум во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал. Во Тбилиси ќе се игра финалето на групата Д на Лигата на нации, и доколку победат во дуелот со домаќините од Грузија, македонските фудбалери ќе обезбедат историски пласман на Европското првенство.

Македонскиот репрезентативец и играч на Лидс Јунајтед, Езџан Алиоски верува дека тој и соиграчите имаат квалитет за да ја остварат крајната цел. Во изјава за официјалната интернет страница на Европската фудбалска федерација, УЕФА, Алиоски порачува дека македонската репрезентација нема да си дозволи да ја пропушти оваа историска шанса, иако последниот чекор ќе биде многу тежок со оглед на тоа што и Грузија има квалитетни играчи.

„Работата се’ уште не е завршена“

Алиоски во текот на синоќешниот полуфинален натпревар против Косово се најде неколкупати во добра позиција да го загрози противничкиот гол, но не успеа да се запише во листата на стрелците. Македонската репрезентација, сепак, на стадионот „Тодор Проевски“ во Скопје извојува победа со 2:1, благодарение на автоголот на косовскиот играч Кололи во 16-та и голот на Дарко Велковски во 33-та минута. За гостите гол за 1:1 постигна Флорент Хадерѓонај.

По победата во полуфиналето, крилниот напаѓач на репрезентацијата Енис Барди порача дека тој и колегите се гладни за настап на ЕУРО 2021 и оти ќе дадат се’ од себе за победа во финалето против Грузија. Селекторот Игор Ангеловски пак порача дека македонските фудбалски навивачи заслужуваат да се радуваат, но предупреди оти мора да се заборави на еуфоријата затоа што работата се’ уште не е завршена.

Тој ја истакна важноста на претстојните два дуела во актуелната сезона на Лигата на нации, каде покрај гостинскиот меч со Естонија на 10 октомври, македонските фудбалери на 13 ноември во Скопје ќе имаат практично увертира на финалето со Грузија. На првиот натпревар во Тбилиси во септември резултатот беше 1:1. 

Целта е Амстердам

Што се однесува пак до финалето на 12. ноември, посакуваната победа ќе ја одведе македонката репрезентација во групата „Ц“ на Европското првенство, каде противници ќе бидат Холандија, Австрија и Украина. Натпреварите од оваа група ќе се играат на стадионот „Јохан Кројф“ во холандската метропола Амстердам. 

Освен тоа победата во финалето ќе и’ донесе и премија од УЕФА од близу 10 милиони евра. Толку, имено добива секоја репрезентација, односно секоја фудбалска федерација која ќе игра на ЕП. На самото натпреварување во групната фаза за секоја победа УЕФА плаќа 1.500.000 евра, а за неречен резултат 750.000 евра. Пласман во вториот груг гарантира дополнителни 2.000.000 евра.