Нема да нѐ „убие“ лошата економија, туку климата?
15 јануари 2020„Тоа е економијата, глупчо!“ Доколку Светскиот економски форум (ВЕФ) е во право, тогаш оваа реченица на еден поранешен американски претседател веќе не важи. Не економијата, туку животната средина е најголемиот ризик за светот. Кога станува збор за долгорочните ризици, тогаш промената на климата и последиците од тоа се најгоре на списокот со светски грижи.
Тоа е главната оценка во Извештајот за глобалните ризици претставен денеска од страна на Светскиот економски форум, на неколку дена пред почетокот на 50-та средба на моќните во Давос (21 до 24 јануари). За извештајот на ВЕФ се анкетирани повеќе од 750 експерти ширум светот. Тие требаше да ги изнесат своите најголеми грижи во врска со развојот на светот, и тоа според важност и според веројатност да се случат.
Промена на климата - ем потешка, ем побрза
Најголемата грижа на експертите гласи: „Неуспех во заштитата на климата и во прилагодувањето на промените на климата“, се вели во извештајот за ризиците во наредните 10 години. „Промената на климата нѐ погаѓа и потешко и побрзо отколку што многумина очекуваа“, се оценува во ВЕФ-извештајот. Изминатите пет години биле најтоплите од почетокот на мерењето на температурите во светот. „Природните катастрофи се почести и стануваат поголеми.“
Експертите и носителите на одлуки се притоа особено загрижени поради изумирањето на видовите. Сегашната брзина со која исчезнуваат животински и растителни видови е илјадапати поголема отколку просечната брзина во изминатите 10 милиони години. И, таа брзина постојано се зголемува и натаму. „Изумирањето на видовите има драматични последици за луѓето, од колапс на системите за исхрана и здравје сѐ до прекин на цели ланци на снабдување“, констатираат авторите на извештајот.
Повеќе:
2020-та ќе биде решавачка за намалување на аерозагадувањето
КОП25 во Мадрид – полуполни и полупразни чаши
Климатски промени - паника завладеа со земјата
Последиците од преземање самостојни економски потези
Економските и политичките ризици се, се разбира, исто така дел од сценариото на закани за светот, поради тоа што ја намалуваат способноста на државите и на меѓународната заедница да реагира соодветно на големите еколошки штети. Економските конфликти, по што веднаш следува и внатрешнополитичката поларизација, се на прво место на грижите за тековнава година. Во извештајот се зборува за „нестабилно геополитичко“ сценарио: „Државите сѐ повеќе на шансите и заканите гледаат низ лупата на унилатерализмот.“ Националистичките постапки, без грижа за геополитичките последици од економските самостојни потези, се во пораст, на мислење се анкетираните експерти.
Според нив, јасно е дека на тој начин е потешко да се реагира на вистинските проблеми: „Без економска и социјална стабилност на државите би можело да им недостигаат средства за да им се спротивстават на глобалните основни ризици.“
Сајбер-безбедност
Сѐ поголема улога во ваквите состојби притоа игра и дигиталната револуција, со своите шанси и ризици. Над половина од светското население во меѓувреме е онлајн, секој ден околу милион луѓе првпат се вклучува на интернет, околу две третини од луѓето во светот имаат мобилен телефон. Сепак, „нееднаквиот пристап до интернет, недостигот од глобални рамковни услови за технологија и сајбер-безбедност кријат во себе големи ризици“, се оценува во извештајот. Во периодот до 2030 година една од заканите би можела да биде „распад на информатичката инфграструктура“.
Дигиталната револуција, постоечките економски ризици, вртењето грб на мултилатерализмот - сето тоа, според Извештајот за глобалните ризици, е засенето од промената на климата и потенцијалните катастрофални последици од тоа. „Првпат во историјата на проценување на глобалните ризици, грижите за животната средина доминираат во долгорочните ризици, онака како што на тоа гледаат членовите на Светскиот економски форум.“